Писмо за другарството

Љубовта, почитта и разбирањето се работи кои не може да се купат, тие се стекнуваат со сериозност и благодарност кон подобрите и поискусните личности. Таквиот наш пристап е наградуван со почитување на добрите вредности, на вистинските вредности.

Времињата минуваат брзо и често ни оставаат многу сеќавања за нештата кои сме ги доживеале. Вака, едно утро пиејќи кафе со мајка ми низ разговор почнавме да зборуваме за другарувањето сега и во минатото или во времето кога таа била дете, но и во најубавите години од младоста. Таа живеела во време на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, во сосем поинаков систем на живеење и поинакви услови. Начинот на живот општо гледан од различни агли бил сосема поинаков од денес.
Убаво е да се разговара со повозрасните луѓе кои живееле во тие времиња и во овие времиња. Се добива шанса да се направат компарации бидејќи човекот така ќе увиди дали начинот на кој живее во мигот е добар, интересен и му претставува леснотија, или пак е тежок, исполнет со многу непријатности, а понекогаш и речиси неподнослив.
„Се присетувам како да беше вчера моментот кога треба да излезам да се дружам и да си поминам убаво. Можеби ќе звучам просто, но во наше време ретко се најавуваше дека ќе одиш на гости или дека сакаш да се дружиш. Како луѓето да беа постојано расположени за дружба и разговор.
Во минатото во луѓето постоеше човечност, постоеше општоприфатлив начин на однесување, проследен со умереност и многу повисок морал од денес. Тогаш немаше средства за комуникација како „паметни телефони“, лаптопи и таблети, но постоеја многу поубави начини на комуникација и дружење.
Се разбира, тие начини на комуникација не беа толку брзи и прецизни, но се одликуваа со многу други убави особини. Живеевме во реален свет“, раскажуваше мајка ми. „Дружењето беше очи во очи, на улица, на седенки, на свечени, но и на обични настани. Денес луѓето се дружат преку апарати кои работат на батерии и струја. Ако ти снема батерија ќе завршиш со разговорот“, низ насмевка зборуваше таа. Ја прашував како го поминувале тие времето пред 20, 30, па и повеќе години. Ми раскажуваше дека играле карти, ластик, „Не лути се човече”, некои свои измислени игри со импровизирани предмети, а кога била средно училиште често се собирале сите другарки и во друштво си плетеле и изработувале различни работи од конец и волница.
Беше убаво да знаеш да си сплетеш нешто, ако ништо повеќе, барем за себе. Се читаа и се разменуваа книги, се разменуваа дезенирани салфетки, се везеа гоблени, се одеше на кафе во нормално време, се прибиравме дома рано и имавме желба да научиме нешто да зготвиме.
Не постоеа интереси помеѓу другарите, или можеби ги имаше, но беа на маргините и не беа толку важни како што се денес.
Денес безобразно си ги сервираат луѓето.
Излегувавме за да се дружиме и да поминеме убаво време, а не да бидеме честени или да се докажуваат пред другите.
Денес другарките си делат момчиња, се натпреваруваат која ќе го има најубавиот и најбогатиот, се натпреваруваат и која ќе испие повеќе алкохол и често се опиваат повеќе од машките. Во нашите години тоа не беше така, исклучоци секогаш постоеле, но мислам дека денес ако не ги следите овие трендови ќе бидете ’демоде’ или подолу од останатите.
„Да се биде смирен и одмерен не значи дека си прост“, вели мајка ми. Според неа, градењето на општество во кое секој ќе има право да каже што мисли е голем проблем за младите. Младите треба да ги почитуваат повозрасните и да си премолчуваат, бидејќи така ќе ги задржат односите. Таа додава дека искуството не е пресудно, но е многу значајно. Повозрасните кои поминале различни нешта во своите животи, заслужуваат високо ниво на почит поради тоа што давале многу од себе и своето време, за добробитот на општеството или семејствата.
Љубовта, почитта и разбирањето се работи кои не може да се купат, тие се стекнуваат со сериозност и благодарност кон подобрите и поискусните личности. Таквиот наш пристап е наградуван со почитување на добрите вредности, на вистинските вредности. Пријателството и другартвото поткрепени со такви вредности стануваат многу оплеменети и богати луѓе со лојалност, доберба и желба за постојан напредок.“ Оваа порака мојата мајка ја испраќа до сите млади и прекрасни личности, исто така, до сите девојки кои брзо ќе се сретнат со предизвици од различен карактер. „Трудете се да бидете едноставни, со ентузијазам кон животот и постојано умерени.“

Тагови од објавата
More from Мирослав Трајковски
Ќе дарувам
Ќе подарам толку/ колку што имам,/ а имам доволно.
Повеќе
0 replies on “Писмо за другарството”