Итака, натаму / Оков за оков

Оков за оков / и правдата ќе стане слепа, / ќе биде глува и нема / и грда ќе биде.

Итака, натаму

Морам да тргнам кон Итака,
за неколку мига или за половина вечност;
Ете, да го испијам кафето само,
да ги пронајдам чевлите кои го паметат патот,
да роди уште еднаш пресушениот лимон,
да изникнат првите заби на неродено дете. Да ми ги врати прокоцканите пари мртвиот сосед,
ако не тој, барем неговата одамна исчезната баба.
Ќе земам чадор, супа и волнени чорапи,
ќе купам робови да ги влечат моите мисли,
ќе најдам слуги што ќе се обраќаат со ,,господине‘’ на моето сакато куче.
Ќе ја разбудам мојата маќеа да измеси пита,
а мојата мајка да фрли вода за среќен пат.
Ќе ги бакнам и двете на чело за збогум,
морам…една е мајка!

Вечно на ум ја имам Итака,
еден старец – талкач ми ја всади во умот.
Тоа е остров на верните жени,
ќе ја одберам онаа која најдолго ме чека.
Ако некој пристигне пред мене,
ве молам, кажете: ќе дојдe за миг.
Ако е тажна понудете бакнеж,
но ве предупредувам подлеци, само на образ!
Нека се облече во сино како претходниот пат,
жената што никогаш не сум ја видел.
Подарете дрвена пушка на нејзината ќерка,
на синот шал, а за сопругот јаже.
И заедно да си живееме среќни,
до следниот потоп или до следниот вторник.

Многу е лесно да се стигне до целта,
од секогаш патот до таму е проблем.
Ако стопираш и чекаш некого кон Итака,
ти посакувам патот да ти биде долг.
Во ранецот стави јаболка (добри се за здивот)
„Собрани песни“ од Кавафи и
апчиња против повраќање и враќање.
Од гневниот Посејдон не плаши се,
него би го удавил во плунка,
а со моливот би ослепил Киклоп.
Дур трепнеш ќе бидеш во Итака,
ако десет години трепкаш без престан.
Почекај уште неколку века,
и некој најди си за по пат, макар за поевтино такси.

Пред да заминам засекогаш во Итака,
пријатели, душмани и вие меѓу,
кажете ако сте слушнале нешто за неа!
Страв ми е дека ќе сум заминат кога таа ќе се врати,
а јас ќе сум далеку од мојот ковчег од абонос.

 

Оков за оков

Око за око и светот слеп.
Оков за оков и синџирест прстен
цврсто да го стегне екваторот,
па да ја направат слободата скапа,
да ја има само оној кој може да плати.
Кaко плац на Марс,
во кој ќе избегаат богатите,
а ние ќе станеме восок
ако гори земјината кора,
ако библиски проклетства
ни го уништат сојот.
Ако, уништи нè, пред ние тебе,
со лоша музика и ладни цевки
со топла крв и црно злато.

Оков за оков
и правдата ќе стане слепа,
ќе биде глува и нема
и грда ќе биде.
Ќе нема заби
и коските ќе ѝ крцаат
при утрински вежби.
Ако, нека ни суди таква,
пред Ние да судиме први.
Ние кои ги криеме блиските
во вдлабнатините,
во дупките на твоите ископани очи.
А мечот го украдоа Тие,
со него да ги сечат
црвените ленти
и главите
на оние кои да ги свиткаме нема.

Оков за оков и крилјата ќе ни се прилагодат,
штом се нозе на земја,
наместо во небеснa шир
од огромни крилја, раце ќе станат.
Ќе имаме прсти и огромни нокти
со нив да се раскине небото
штом по него да летаме нема.
Ако, поарно да ни пораснат нокти
па да си ги извадиме очите сами.
Наместо… наместо да летаме горе…
и да го гледаме градот ко точка,
светот ко круг, нашите блиски ко далечно нешто.

Оков за оков и ќе вресне блуз.
Да тежи и да ни остане навика.
Како вкочанет врат,
загноено непце,
вештачки заби.
Да остане како
воена траума,
ко вампирска љубов.
Ако, поарно овој оков нека роди блуз,
отколку гладните црева, да креваат врева.
Тие вечно несфатени уметници…

Во нашиот затвор, во нашиот кафез,
е поубаво од вашите слободни дворци,
од вашите градини цветни.
Нашите синџири прават ритам,
нашиот бол создава песни.
Вашиот бол создава синџир,
врз други тела, околу туѓи раце.
Вашата слобода е нашето ропство.
Моето ропство е вашата слобода.
Ќе дојдам во име на Правдата:
да ѝ ги вратам загубените очи,
да ѝ го вратам крвавиот меч.
Крвав од вашите дебели вратови
кои никогаш нема да запеат блуз!

Тагови од објавата
Напишано од
More from Мартин Миљев
Бебе на хаосот / Смртта доаѓа во неповратна амбалажа / Комеморација на зборот
Смртта доаѓа во неповратна амбалажа, / секогаш прерано и на грешна адреса....
Повеќе
0 replies on “Итака, натаму / Оков за оков”