Под двете сонца
1. Тројца за тројца
Седеше на тремот и ги набљудуваше крошните на палмите чиниш со погледот ќе го забрза ’ртењето на зелените фиданки меѓу сувата коса на мртвите лисја. Седум јануарски денови го замрзнаа светот, го обвиткаа со ветер и го претворија во леден отпадок заокружен со темнина.
И ниедна пролет, ниеден топол ветер нема да ја поправи направената штета. А откако сонцето првпат огреа како да е сонце, гробот под стеблото на портокалот почна да се дуе, да расте, за седум дена подоцна да испука, квасест, и да ги зазеде претходните димензии.
Телото што го закопа риејќи ја ноемвриската кал им се подало на црвите и корењата. Да погребаше дете, со тагата ќе можеше да ја измери човечноста, па да му дозволи на срцето да се претвори во црн камен. Но, под земјата скапуваа ткивата на германскиот птичар Јозеф, под земјата се топеа коски на животно, а не на човек.
– Влегувај во куќата! Ќе ја заклучам вратата. Смрди! Труе. Влегувај, те молам… Собуј се.
Се качи на катот проколнувајќи ги болните колена. Ги затвори жалузините и се урна на креветот. Зарежа од стомакот.
– Мајката твоја… Кал… Гола кал.
Ги собу чизмите и зачекори на студениот под. Наслушуваше надевајќи се дека тишината ќе потрае.
– Истури пепел. Ме слушаш?
Се вовлече во влечките триејќи ги дланките. Низ скалите се струполуваше пцост придушена од потпукнувањето на огнот. Стави цепеница и силно ги тресна железните вратички.
Му се обрати на ѕидот.
– Тебе со пепел ќе те, грдосијо.
Чкрипеше со забите. Се тресеше како поклопец над зовриена вода. Но, кога се спушти на фотелјата и запали цигара, а потоа бавно издува кон прозорецот, набрекнатата жила се загуби меѓу ткивата. Таа сина змија ќе дреме под срцето додека Бранимир Бато Лончар повторно нема да ѝ згазне на опашката. Додека не ја боцне со драките израснати во телото.
Го гризеше филтерот и ги мрдаше усните. Десната рака се нишаше настрана барајќи ги мрсните кадрици од кучешки влакна. Се чинеше дека воздухот на тоа место е погуст, а штиците потопли. Би задремал со отворена уста и би се сепнал вознемирен од сонот или чекорите. Се наведнуваше преку оградата проверувајќи дали ѕверот навистина е тука. А кога ќе се увереше дека Јозеф го нема, одново бараше виновник.
– Данице? Данка? Каде си, мршо една? Данице, да ти ебам…
Го истегна грбот болно мижуркајќи во полумракот.
– Само немој да кажеш… Јас заклучив? Ме слушаш ли? Јас ја заклучив вратата? Признај, човечки, и тоа веќе никогаш нема да го споменам. Данице?
Задишан чекаше жената да се огласи со пцост, тишината да породи топот на влечки што ќе го потсети дека се живи, како и дека времето во светилникот тече во согласност со земските параметри.
– Што е? Што се дереш? Треба да ти нацртам? Заклучи двапати и кучето го остави надвор. Да се смрзне! Ветерот да му ги изглода коските!
Се обиде да ја распознае нејзината силуета подготвувајќи тежок, така веруваше, неиздржлив поглед на капетан прва класа со кој ги постројуваше доброволците. Да ја престигне на половината од скалите и да ја удри, барем колку што го удри и Јозеф кога ја задави живината. Да ја нахрани со ѓаволски вргањ или да ја турне во морето? Ќе има денови.
Самракот ги диктираше правилата. Требаше да се качи кон светлината, да ги исчисти леќите, да ги провери интервалите, да ги собере инсектите и да ги иструже птичјите гомна. Требаше да запише сè што окото гледа, а морето и небото го прикажуваат. Зашто ништо не смее да ги наруши протоколите, никаква Даница не може да застане на патот на рутината што ја изведува веќе дваесет и седум години. Светлината е неговиот послушник, неговиот штит, неговото оружје. Со светлината ги окајува гревовите, па и тепањето со кое го почести Јозеф залегнат во крвавите пердуви.
Тоа што пред четири зими спаси група руски туристи, го сметаше за благослов. Да седеше покрај шпоретот, да јадеше на терасата или да ги хранеше кокошките во задниот двор, немаше да го забележи ситното бранување на милја и половина кон југоисток.
Ревносно стругајќи ги лушпите од бела боја на оградата, го вртеше лицето кон морската шир само за да вдиши воздух ослободен од честички ’рѓа. Дисторзијата на предвечерното руменило, ситна како јазол на рибарска мрежа или уште помала, ги загреба белките.
– Данице. Двогледот, Данка.
Се наведна преку оградата и го разгледа дворот. Големиот стомак ослободи краток рафал гас.
– Данице? Да ти го ебам сидрото… Дал’ ти е името Даница-Даница-Даница, па секојпат да викам трипати? Донеси го двогледот.
– Горе?
– Не, бе, долу! Побрзај.
– Слези и земи го. Колената ме убиваат. Времето ќе се менува.
Плукна во крошната на смоквата и ја опцу промената. Петелот се огласи двапати. Се стрча задишан од лутина. Крмата беше потопена. Се туркаа на клунот на бродот удирајќи со веслата.
– Погледни ги. Три кутри ежа.
Го затегна ременот и го вовлече стомакот.
– Би требало да ги пуштам да се удават.
Ги стискаше забите хранејќи ги предрасудите. Холанѓани, Белгијци, Французи? Германец не би го дозволил тоа. Како накисната кокошка да се смрзнува на врвот од гомното со две весла. Англичанец? Островјанин? Тој знае дека не смее да ја јавне југовината.
Ја навлече кабаницата и ги вклучи светилките под тремот.
– Имаме ситуација. Храна, вода, ракија. Распали го огнот. Ја знаеш процедурата. Почекај долу за да го прифатиш јажето.
Салутираше превртувајќи ги очите. Отпоздрави на ист начин. Јозеф цвилеше со подвиткана опашка, душкајќи ја драмата. Од јужното небо растеа кумулонимбуси, а Бранимир Бато Лончар трчаше низ скалите што се губеа во лаворот и драките, објаснувајќи си себеси дека Холанѓаните, Белгијците, Французите, исто така, се луѓе.
Се фати за големиот чекрек. Седумнаесетте свртувања ја загреаја крвта. Бревташе во ритамот на чукањето на потеченото срце задоволен од звукот на моторот, подмачкан, наполнет, подготвен. Потоа низ брановите, во став мирно. Се сврти уште еднаш кон светилникот. Даница, обрабена од прозорецот, замислуваше дека го гледа последен пат.
Брзаше до средината на заливот избегнувајќи ги струите на брегот. Хоризонтот се нишаше во леќите на големиот двоглед. Двајца се стискаа на клунот на бродот додека крупниот ќелавец со сина кофа го празнеше коритото. Кога го здогледаа, почнаа да скокаат мавтајќи со телефоните. Го намали гасот и ги подготви веслата.
– Нема сигнал? Нема па нема. Море, мангупи! Пустелија од свој вид.
Би можел да пријде отстрана, да ги пушти да прескокнат речиси суви, но сепак ќе фрли јаже и ќе ги влече еден по еден, без брзање.
– Газовите да се напијат сол. Здраво, здраво! Мавтај, само мавтај.
Ја фрли пливката. Стоеја мирно и набљудуваа како конопот тоне, па како портокаловата топка се ниша на брановите. Ги собраа телефоните во ќеса.
– Ајде, прасец. Ти ќе бидеш прв. Што чекаш?
Ќелавиот го турна купчето во гаќите. Како морж се лизна преку работ, се наголта вода и се закашла. Лончар ја повлече пливката половина метар наназад само за на избезумените раце да им додаде работа.
– Така е! Спасувај се. Подај ја раката, несреќо. Разбираш?
Го фрли на палубата и ги одмери тетоважите на голите гради.
– Французи? Холанѓани? А? Сте дошле од пичка материна? Да ги исончате газовите. Што си зинал? Еве ти го ова. Среди се малку. Долу имаш вода. Аква, васер, вотер… Локај.