Бизарни раскази

Се викам Вилјам Дејвисон, Шкотланѓанец сум и потекнувам од Абердин, но многу време поминав во Франција, каде што мојата кариера беше овенчана со позицијата на кралски ботаничар и каде што ги објавив своите дела. Речиси никој во Полска не ги знаеше, но ме ценеа затоа што тука заслепено се ценат дојденците од Франција.

Патник

Човекот кој седеше до мене за време на долгиот ноќен прекуокеански лет ми раскажуваше за стравовите што навечер ги имал како дете. Му се појавувал постојано истиот кошмар, а тој врескал и панично ги повикувал родителите.

Тоа се случувало за време на долгите вечери – тивкото, лошо осветлено време без телевизиски екрани (во најдобар случај се слушал само шумот на радиото или шушкањето на татковиот весник) му одело во прилог на разгорувањето чудни мисли. Овој човек се сеќаваше дека веќе приквечер почнувал да се плаши, без обѕир на смирувачките зборови на родителите.
Тогаш имал три-четири години. Живеел во некоја темна куќа во предградие на малечко место, татко му бил директор на училиште, принципиелен, па, дури и лош, а мајка му работела во аптека, постојано обвиена во облак од мириси на лекови. Имал и постара сестра, но таа, за разлика од родителите, не се обидувала да му помогне. Напротив – со нескриена радост што нему му била неразбирлива веќе напладне го потсетувала дека само што не дошла ноќта. И кога во близината немало возрасни, го хранела со приказни за вампири, трупови што стануваат од гробовите и секакви видови пеколни суштества. Но, чудна работа, нејзините приказни воопшто не буделе страв кај него – не се плашел од сите тие работи што општо се сметаат за страшни, тие воопшто не го распаметувале, небаре местото за страв во него веќе да било зафатено, а сите можности да се почувствува биле исцрпени. Го слушал нејзиниот возбуден глас кога со драматичен шепот се обидувала да го исплаши; го слушал без чувства, знаејќи дека нејзините приказни не се ништо во споредба со онаа појава што ја гледал секоја ноќ додека лежел в кревет. Па, како возрасен би можел да ѝ биде благодарен на сестра си затоа што со тие приказни му всадила некаква отпорност кон сите вообичаени стравови на светот, така што на извесен начин станал бестрашен човек.
Причината за стравот беше неискажлива, не умееше да најде зборови за неа. Кога родителите се втурнувале во неговата соба, прашувајќи што се случува, што му се сонило, велел само „тој“ или „некој“, или, пак, „оној“. Таткото го палел светлото и уверен во моќта на емпирискиот доказ, го покажувал ќошот зад шкафот или местото покрај вратата, повторувајќи: „Гледаш, нема ништо тука, нема ништо тука“. Мајката правела поинаку – го прививала кон себе, го обвивала со својата антисептичка арома од аптеката и шепотела: „Со тебе сум, ништо лошо не може да ти се случи“.
Но, тој бил многу мал за да се плаши од лошото. Во суштина, ништо сè уште не знаел, ни за лошото, ни за доброто. Исто така, бил многу мал за да се плаши за својот живот. Па, впрочем, има и полоши работи од смртта, од цицањето крв на вампирот, од тоа да бидеш растргнат од врколаци. Децата го знаат тоа најдобро: самата смрт може и да се преживее. Најлошо е она што е повторливо, ритмичко, неменливо, предвидливо, неизбежно и беспомошно – она на што не може да се влијае, а те фаќа во своите клешти и те влече напред со себе.
Па, така, во својата соба, меѓу шкафот и прозорецот, гледал темна појава на човек. Стоел таму и не мрдал. Во темната дамка што веројатно му била лице светкала една малечка точка – жарче од цигара. Ова лице одвреме-навреме изнурнувало од темнината, кога цигарата најсилно се жарела. Бледите уморни очи интензивно го гледале детето како да сакаат нешто од него. Густа проседа брада, избрчкано лице, тенки усни создадени да вовлекуваат чад. Стоел така неподвижно, додека детето пребледнато од страв ги правело своите забрзани одбранбени ритуали – ја криело главата под јорган, ги стискало дланките на металните потпирачи од креветот и безгласно му ја рецитирало молитвата на Ангелот-чувар, како што го научила баба му. Но тоа не помагало. Молитвата се претворала во вресок и напомош му дотрчувале родителите.
Тоа траело некое време, доволно долго да му всади на детето недоверба во ноќта. Но, со оглед на тоа што по ноќта секогаш доаѓал денот и великодушно ги носел во заборав сите ноќни суштества, детето растело и заборавало. Денот станувал сè помоќен и носел со себе сè повеќе изненадувања. На родителите им олеснало и набргу ги заборавиле детските стравови на синот. Спокојно старееле, проветрувајќи ги секоја пролет сите соби. А човеков, пак, од дете се претворил во маж, уверувајќи се дека сè што е детско не е вредно за внимание. Впрочем, утрата и попладнињата ги бришеле самраците и ноќите од неговото сеќавање.
Дури неодамна – така ми раскажуваше – откако, ни самиот не знае кога, незабележливо ја поминал шеесеттата година од животот, ја открил целата вистина кога една вечер се вратил уморен дома. Пред да си легне му се припушило цигара, па, застанал покрај прозорецот, кој темнината однадвор ја претворил во кусовидо огледало. Блесокот на чкорчето за миг ја продупчил темнината, а потоа жарчето на цигарата за момент осветлило нечие лице. Од темнината цело време изнурнувала една иста појава – бледо високо чело, темни дамки од очи, цртичка од уста и проседа брада. Веднаш ја препознал, не се променила од она време. Навиката се активирала – веќе зел воздух за да вресне, но му текнало дека нема кого да викне. Неговите родители веќе одамна биле умрени; бил сам, а детските ритуали, исто така, ја изгубиле својата моќ, одамна веќе не верувал во Ангелот чувар. Но кога во тој миг сфатил од кого толку се плашел порано, навистина му олеснало. Родителите донекаде имале право – светот надвор е безбеден.
„Човекот што го гледаш не постои затоа што го гледаш, туку затоа што тој тебе те гледа“ – рече на крајот на оваа чудна приказна, а потоа заспавме, лулкани од длабокото брмчење на моторите.

Зелените деца,
односно
Опис на чудните настани во Волињ,
подготвен од лекарот на
Неговото Височество Јан Кажимјеж,
Вилјам Дејвисон

Тоа се случи пролетта и летото 1656 г., кога веќе неколку години престојував во Полска. Дојдов тука пред две-три години на покана на Марија Лујза Гонзага, кралската сопруга на Јан Кажимјеж, Кралот полски, да го заземам местото на лекар и управител на кралските градини. Оваа покана не можев да ја одбијам поради достојноста на лицата кои ми се обратија мене, како и поради некои приватни причини, за кои, сепак, овде нема потреба да се зборува. Додека патував за Полска, се чувствував чудно бидејќи не ја знаев оваа земја, толку оддалечена од светот што го знаев и се сметав себеси за некаков ексцентричар, за некој што пречекорува надвор од центарот, во кој се знае што да се очекува. Се плашев од туѓите обичаи, од насилноста на источните и северните народи, но, пред сè, од овдешното непредвидливо време, од студот и влагата. Па, всушност, не можев да ја заборавам судбината на мојот пријател, Рене Декарт, кој неколку години порано, поканет од шведската кралица, тргна кон нејзините студени северни палати во далечниот Стокхолм и таму од настинка умре во цветот на младоста и во екот на умствената продуктивност. Каква штета за сите науки! Плашејќи се од слична судбина, од Франција понесов неколку од најдобрите кожуви, но уште првата зима тие се покажаа како лесни и нежни за овдешното време. Кралот, со кој многу брзо искрено се спријателив, ми подари кожув од волчо крзно, долг до зглобови и не се делев од него од октомври до април. Па, и за време на ова патешествие што го опишувам тука, а веќе беше март, го имав облечено на себе. Да знаеш, Читателу, дека зимите во Полска, како и воопшто на северот, знаат да бидат сурови – замисли си, до Шведска се патува по замрзнатото Маре Балтикум, а на многу замрзнати рибници и рекички се прават празнични панаѓури. И бидејќи ова годишно време тука трае долго, а растенијата тогаш се кријат под снегот, на еден ботаничар, искрено да ви кажам, му останува многу малку време за истражување. Па, така, сакал не сакал, се занимавав со луѓето.
Се викам Вилјам Дејвисон, Шкотланѓанец сум и потекнувам од Абердин, но многу време поминав во Франција, каде што мојата кариера беше овенчана со позицијата на кралски ботаничар и каде што ги објавив своите дела. Речиси никој во Полска не ги знаеше, но ме ценеа затоа што тука заслепено се ценат дојденците од Франција.
Што ме натера да тргнам по трагите на Декарт и да се упатам на крајот на Европа? Тешко е да се одговори на ова прашање кусо и темелно, но бидејќи оваа приказна не е за мене и во неа сум само сведок, ќе го оставам без одговор, верувајќи дека секој читател повеќе ќе го привлече самата приказна отколку безначајниот лик на оној што ја раскажува.
Мојата служба кај полскиот Крал временски се поклопи со најлошите случувања. Се чинеше дека на полското кралство му се беа настрвиле сите зли сили. Земјата беше растргнувана од војна, опустошувана од шведските војски, а на исток, пак, измачувана од московските напади. Во Рутенија уште пред тоа се кренале на востание незадоволните селани. Кралот на оваа несреќна држава, како по некоја таинствена аналогија, го мачеа бројни болештини, како што неговата земја ја мачеа наездите. Нападите на меланхолија често ги лечеше со вино и блиско присуство на женскиот род. Неговата контрадикторна нарав го тераше постојано да биде на пат, иако без прекин повторуваше дека го мрази движењето и му недостасува Варшава, каде што го чекаше љубената жена, Марија Луиза.
Нашата свита се движеше од север, каде што Неговото Величество беше во посета на провинцијата и се обидуваше да воспостави коалиција со олигарсите. Таму веќе се имаа појавено московските сили и го имаа започнато остварувањето на своите претензии кон Полска, а со оглед на тоа дека Швеѓаните се чаталеа на запад, се чинеше дека сите мрачни сили се здружиле и си ја избрале полската земја да биде нивниот свиреп театар на војната. Мене ова ми беше првото патување во оваа периферна дива земја, а веќе почнав да се каам, уште кога ги напуштивме предградијата на Варшава. Се разбира, ме придвижуваше и љупопитноста на филозофот и ботаничарот во мене (а секако – да не се лажеме – и добрите апанажи) – да не беше тоа, ќе претпочитав да останам дома и времето да го посветам на спокојни истражувања.

 

Објавена со поддршка од програмата Креативна Европа на Европската Унија и од Министерството за култура на Република Северна Македонија

Тагови од објавата
Напишано од
More from Олга Токарчук
Сензибилен раскажувач
Во нашата западна култура чинот на тргнување на пат беше чин на...
Повеќе
0 replies on “Бизарни раскази”