Ова е приказна за брат и сестра, поточно за брат и сестра родени како близнаци.
Ова е тажна приказна раскажана од едниот од нив, од оној кој продолжил да живее сам, без другиот.
Како е да се биде близнак, да се биде роден во пар, да имаш некој кој е тука со тебе уште од настанувањето во матката?
Оливер е роден со неговата сестра Елена. Денес Оливер полни педесет години, но не и Елена. Таа никогаш нема да има повеќе од дваесет и четири, затоа што нејзиниот живот завршил токму тогаш, на денот на нивниот роденден…
Во чест на Елена, оваа ноќ Оливер ќе остане буден сè до следниот полноќ, 24 часа, и наместо свеќички за торта, ќе запали педесет цигари на нивниот роденден.
Будноста во глуво доба знае да разбуди болни сеќавања, да се привие околу вратот како груб шал кој повеќе гуши и трие отколку што топли, затоа одлучува да прошета низ улиците, се разбира, заедно со Елена на која тивко ѝ говори.
Лута низ мракот, правејќи разни калкулации и пресметки на можностите кои не постојат никаде освен во неговата глава, што ќе се случело доколку таа роденденска ноќ пред 26 години излезеше со неа, дали денес ќе беше жива? Ама таа вечер, кога го молела да прослават заедно, тој како и по обичај на неговото нерасположение, ја оставил да замине сама.
Стигнува до излогот на една продавница, тука решава друга формула, создава нови бројки и равенки во кои бара решение за секое движење на Елена таа несреќна ноќ, решение за еден погрешен чекор, доколку задоцнеше или подранеше, доколку тргнеше со неа, немаше никогаш да се случи тоа што се случило.
Се движи под облак од немир, неговата половина, онаа позната по неделивоста, која од раѓање одела со него во пар, како две чевли, како две ракавици, како две обетки, повеќе ја нема…
Без да знае и да биде свесен, во тоа 24-часовно бдеење, со својата појава, движење и реакција, засекогаш ќе измени неколку туѓи животи, во чест на Елена.
Не знаев дека човек може толку многу да страда заради својот близнак, толку многу да му недостасува, што би му било сеедно дали ќе живее или не.
Веројатно е посебна нивната врска.
Ова ми е прва книга од Марина Вујчиќ и една од најубавите годинава. Жалам што не ја запознав на Букстар фестивалот минатиот месец но, благодарение на мојата пријателка, нејзина имењачка, јас имам потпишан примерок преку кој ми испратила убави поздрави и прегратки.
Оливер е роден со неговата сестра Елена. Денес Оливер полни педесет години, но не и Елена. Таа никогаш нема да има повеќе од дваесет и четири, затоа што нејзиниот живот завршил токму тогаш, на денот на нивниот роденден...
Тагови од објавата
Број 135-136
More from Тања Петковска
Осврт за „Лавр“ од Евгениј Водолазкин
Приказна за љубовта, за жртвувањето, за нашите слабости и гревови, за вербата...
Повеќе