Зоолатријата кај Старите Словени
Култот кон животните е со различен интензитет и на различен начин присутен во повеќето светски религии, кои пропаѓале или опстојувале низ историјата. Еден од попознатите примери е кравата која е свето животно во индиската религија. додека, пак, во древната египетска култура највисоко на пиедесталот, кога станува збор за зоолатрија, е мачката. Во античката грчка митологија се среќава троглавиот пес Кербер.
Териоморфни слики се инкорпорирани во светите книги на денешните најраспространети религии – христијанството и исламот. Станува збор за гулабот (во Стариот завет), односно, за гавранот (во Куранот) кои се носители на веста дека водата, која го поплавила светот во есхатолошката приказна од двата релгиозни текста, почнала да се повлекува.
Во некои оклутни средновековни религии наидуваме змијата Уроборос, која се јаде самата себеси, симболизирајќи го постојаното обновување на вселената, вечната преобразба на хаосот во космос, и обратно. Постојат и форми на сатанизам, во кои јарецот е еден од најсуштинските симболи во овие учења.
Ниту Старите Словени не се исклучок во однос на почитувањето на животните. Кај нив, дури, ваквиот култ е многу поприсутен, зашто нивните митологии честопати се базираат на тотемски предци, што автоматски ни дава до знаење дека зоолатријата е инкорпорирана во нивната митологија.
ЗМИЈА
Во словенската митологија, како и во повеќето индоевропски традиции, верниците гаат амбивалентен однос кон змијата: тие истовремено и се плашат од неа и чувствуваат потреба да се заштитат од нејзините штетни дејства, додека, од друга страна, забележана и почитта што древните Словени ѝ ја оддавале на змијата, принесувајќи ѝ жртви и погребувајќи ја, доколку случајно е убиена.
Змијата е инкарнација на душите на починатите предци, некогаш дури и на почините деца во семејството, а е и чуварка на куќата, на полето, воедно, на целиот семеен имот. Таа живее под куќниот праг или во огништето – местата за кои се верувало дека се вечните почивалишта на мртвите души, каде што и навистина луѓето на овие простори биле погребувани.
Некои словенски народи дури и сега веруваат појавувањето на змијата во нечиј двор е предзнак за несреќа која благовремено ќе се случи. Доколку ова пророчко животно биде убиено, се верувало дека нејзиниот убиец набрзо ќе умре.
Сепак, има случаи каде што убивањето змија има позитивно магијско дејство. Назначувајќи ја за претставник на житниот демон, таа помага житната сезона да биде плодна. За таа цел, земјоделците во своите торби носеле змиска глава кога оделе на нива. Исто така, преку отворот на змискиот череп се посејувало босилек, за кој се верувало дека овозможува комуникација со мртвите души. Понатаму, доколку низ главата на змијата се пропуштат житните зрна кои по првпат ќе се посеат во нивата, годината би требало да биде плодородна. Постои и верување дека лукот посаден преку змиска глава лечи од епилепсија. Носењето врз себе на ваков лук во црква помагало и за распознавање на вештерките. Зашивањето на змиското срце на облеката од детето, му влијаело тоа да е здраво и силно. Одредени верници сметале дека ги научиле сите јазици, дури и оној на животните, по јадењто на чорбата од бела змија, како и на месото од нејзиниот труп. Волнената облека станувала лековита доколку се наметне на змија во периодот на парење. Важно е да се нагласи дека за дел од овие магиски дејства потребно е да се жртвува исклучиво првата змија на која ќе се наиде таа година, а по нејзиното убивање таа била погребувана и требало периодично да ѝ се палат свеќи.
Чудотворната моќ на змијата произлегува од нејзиниот хтонски супстрат. Најчесто, за време на најраното детство, змија морало да го полази заспанто тело на дете, со што таа, како духот на предците, му овозможувала напредок и заштита од злите демони. Исто така, доколку некој би ја погледнел љубената личност низ змиска глава, таа личност веднаш посакувала брак со оној кој ја погледнал.
За време на одредени празници (Младенци, Тодорова сабота…) името „змија“ е табуизирано, односно, забрането е да се изговори, а, истовремено, на змијата ѝ се принесува жртва. Кажувањето на името „змија“, според јазичната магија, придонесувало до појавување на ова демонско животно и до нанесување штета на луѓето од страна на неговата погубна моќ. Кога се зборува за неа, се користат некакви синоними за неа, како, на пример, „несреќата“. Исто така, постоеле обичаи во кои еден од членовите на семејството, некогаш некој од помладите, застанат во дворот од куќата (или, во зависност од ареалот на живеење, покрај реката во која претходно се измил) фрлал камен колку е можно што подалеку, кажувајќи јазична магија според која до таа далечина змиите би смееле да се доближат до нивната куќа. Поврзаноста на каменот со змијата алудира на тоа дека змиите (некогаш и гуштерите) требало таму да запрат, да се скаменат. Конкретно, за време на Тодоровата сабота, за да се заштите од змиите, невестите не смееле да си ги чешлаат косите, а некаде на жените им се забранува да си мијат косата.
ВОЛК И КУЧЕ
Кај овие два демонски лика, исто така е присутна амбивалентноста. Волкот и кучето во словенската митологија се накогаш соларни, некогаш лунарни. Тие се пророчки животни, чие завивање е предвесник на несреќа. Покрај оваа карактеристика, во дредвните верувања, волкот се јавува како тотем и како водач на воено дружина.
Она што го врзува волкот за лунарната и за хтонската природа е тоа што тој е прикажан како сакат или куц, со што го симболизира условно нареченото намалување на Месечината. Се верувало дека тој се движи за време на последниот ден од есенските волчји празници, Мартинци. Тој е тогаш најопасен, па, затоа, овој конкретен ден е строго прославуван од страна на Словените. За време на овој празник, жените не смеат да извршуваат рачни работи, посебно не смеат да допираат волна, особено онаа која е наменета за подготвуввање на машка облека, зашто се верувало дека таа е облик на нечиста сила. Во спротивно, волкот ќе влезел во трлото и ќе ги удавел овцие. Отворањето на ножиците, исто така, се сметало за повикување на волкот, што во овие денови било непожелно. Слично како и змијата, непожелно е кажувањето името на волкот, посебно не за време на волчите празници, на Божиќ и ноќе. И тој имал еуфемизми кои словенските пагани ги користеле кога зборувале за него: едноногиот, куциот… Србите и Црногорците, за време на некои празници (Св. Архангел Михаел, Св. Сава, Мартинци, Ѓурѓовден), извршувале низа од активности за заштита од волците. Му се принесувала жртва на волкот, во некои краишта на крстопат се изнесувале парчиња од сета храна која била послужена на божиќната вечера, а во други – се правел колач кој се ставал пред влезната врата од куќата и му се нудел на волкот. Во Бугарија, покрај тоа што се сметало, како и во други делови од словенскиот Балкан, дека за време на Мартинците жената не смее да преде, да плете итн., раширено било и верувањето дека доколку маж е погребан во облека изготвена за време на овие Волчји денови, тој би се претворил во врколак (вампир).
Од друга страна, се верува дека волкот има исцелителна моќ. Како магиско лековите средство се користат челуст и кожа од убиен волк, глава од волк – против демони и против зли очи, а некои телесни делови биле амајлии.
Доколку волкот е митолошка слика која ѝ припаѓа на надворешноста, на оддалеченоста од домот, на дивината, тогаш кучето е неговиот двојник, кој е поврзан со домот. Во областите каде што било развиено овчарството, на кучето му се укажувала огромна почит, бидејќи тој бил следбеник на пастирот на стадото. Важно е да се напоменат објавените фотографии од бројни релјефи, на кои е прикажан Трачкиот коњаник со пес покрај него, што укажува дека тој не бил следбеник исклучиво на пастирските, туку и на ловечките божества.
Териоморфното хтонско божество кое произлегло од кутот кон волкот и кон кучето, подоцна, во христијанството станал супститут за Ѓаволот; неоговите митски животински претходници, односно поконкретно, кучето, се престорило во нечисто животно, додека, пак, истиот оној овчар кој би следен од песот станал слика за добриот пастир Христос.
КОЊ
Според достапните археолошки наоди, а и според некои пишани извори, коњот претсавувал суштество со интензивен хтонски предзнак. Дотолку повеќе коњот е близок до нечистите и до злите сили, штом ќе се земе предвид неговата честа поврзаност со кучето, за време на обреди, како и на ликовни дела.
Од друга страна, една од најчестите одлики на соларните богови е коњот. Но, покрај овој бел коњ, во митолошката слика е внесен и црниот лунарен коњ, кој, како што кажуваат неговите епитети, е симбол на ноќта.
Иако не се согласува со амбивалентната претстава за ова животно, Кулишиќ не ја порекнува тезата дека коњот му е близок на хтоснкиот бог, додека пак, Чајкановиќ оваа поврзаност ја конкретизира, велејќи дека ова животно му е атибут на хтонскиот бог Дажбог. Според Кулушиќ, кај некои словенски народи, во коњ се претвораат грешните души, вештерките, според што се гледа дека тој примарно бил носител на покојните. Постои и црн коњ, кој помага при копањето на скриено богатство, при распонавањето на вампирите. Интересно е верувањето дека коњ никогаш нема да згази врз гроб на вампир.
За словенскиот култ кон коњот говори и тоа што во повеќе словенски гробови се најдени остатоци од коњски скелет, што значи дека ова животно било жртвувано покрај мртвото тело на починатиот. Овие обредни практики произлегуваат од тоа што се верувало дека освноната функција на коњот е посредништвото помеѓу двата света, а неговиот хотнски облик некогаш се сметал и за видовито животно.
Покрај жртвувањето на овој коњ поврзан со подземниот свет, постоеле жртвувања и на неговиот соларен парник, кои се случувале при процесот на населување на жителите во освоениот град. Белиот коњ е придружен атрибут, пак, на неговите соодветни соларни богови, какви што се Перун и Перуница, кои се негови јавачи.
Наспроти оваа теза, постои и тврдењето дека боговите на Старите Словени се лути ноќни коњаници, какви што се Триглав и Световид, чиј коњ, пак, не е само негов придружен елемент, туку и негова еманација, отелотворување.
Повеќе обреди кои се поврзани со коњот се прават за време на Тодоровата сабота. На тој ден, по коњските трки, односно, откога нивните сопственици ќе ги пројаваа по полињата, тие ги нахрануваат своите коњи со претходно подготвениот колач во облик на копито, т.н. коњски колач, на кој, симболично или буквално, се претставени кожаник и коњ. Кај некои словенски многубошци, главната улога во ритуалното хранење на коњите ја има жената, а некаде дури таа треба да го подражава коњското потскокнување, како и звуците кои тој ги испушта. Фактот што жените учествувале во овој обред го открива хтонскиот карактер на коњот.
Се верува дека овој празник има тројно значење: се слави и за здравје на коњот, во чест на хтонскиот коњ и јавач, но и за заштита од змијата. Поврзаноста на змијата со коњот доаѓа од верувањето дека генезата на змијата се наоѓа во коњското влакно. Ноќта пред Тодоровата сабота, тргнува поворка од коњи, кои се, всушност, демони и мртви предци, додека, пак, во поворката се наоѓаат и сакати коњи. Во некои словенски области, за време на овој празник, на жените им е забрането да си мијат косата, а децата мораат да се избањаат пред „коњските трки“, и тоа во корито со потковица во него, со некој друг предмет кој имал магиско заштитно дејство. Не смеело ни да се пали оган во огништето, зашто овие зли демони не го сакале чадот. Исто така, постоеле и обреди за заштита од змии, кои се извршувале на Тодорова сабота.
За време на празникот Свети Тодор, пак, дел од словенските домаќинки повторно месат колачи во облик на потковица, врз кои се наредени зрна пченка што ги претставуваат клинците со кои потковицата се заковува. Овие колачи се месат како заштита од Тодоровите коњи, кои можат да им направат зло на домашните, како, на пирмер, да им ги уништат нивите.
ПЕТЕЛ
Петелот игра важна улога во словенската митолгија. Со трошките што се собираат од бадниковата трпеза, со пченката ставена под бадниковата софра од слама и со преостанатите ронки што паднале од сламата, наутро, на Божиќ, се хранат кошките, а со тоа и петлите. Поврзаноста меѓу сламата; симболичното хранење на дивите животни, а со тоа и на птиците – штеници, што се случува на Бадник; обичајот женските деца во семејството на првиот ден од Божиќ да каснат од месото на врабецот или на гулабот кое се пече над бадниковиот оган; и божиќната пченица – ни дава до знаење дека голем дел од баниковите обичаи се во име на житниот демон – петелот. Покрај петелот и покрај кокошката, кои се позитивниот дел од житниот демон, тој има и друга негативна половина, претставена од гавранот или од чавката. Овие две птици можат да ги упропастат нивите во кои зреат житото, пченката, сончогледот и сличните растенија, доаѓајќи во јато. Оваа пракса е најприсутна, логично, кај земјоделското население, нешто поретка е кај сточарското, кај кои оваа улога ја презема кучето, свиња, па, дури и кравата.
Според постарите верување, петелот се врзува за хтонскиот свет. Сепак, присутен е и белиот петел, кој се толкува како атрибут на соларните богови, Перун, Дажбог, Световид, Триглав… Митолозите се согласуваат дека петелот е поврзан со овие божества, но некои од нив, одредени автори ги интерпретираат како хтонски. На пример, постои тврдење петелот е манифестација и на Нергел, старословенски бог на долниот свет, додека, пак, се среќаваме и со спротивен исказ, кој гласи дека петелот, лавот и орелот се исклучиво соларни животни, кои стојат спроти мечката или спроти змијата.
Црниот петел во потполност се поистоветува со хотнските демони, за што ни зборуваат погребните старословенски обичаи, преку остатоците од гробовите. Многу важно двојното значење на кокошката и на петелот, на кои им се припишува плодотоврна моќ, но во кај кои народот забележал нечиста сила. Кај некои Словени, петелот е често земска жртва во култот на мртвите. Потоа, тука е присутна целата низа од обичаи при првото орање и при првата сеидба, при жетвата. На крај, ако ова животно се појавува како претстава на душите на умрените, тогаш тоа никако не може да биде соларно. Но, ова ограничување настанува поради неразликувањето на црниот од белиот петел, што се случува и кај црниот и кај белиот коњ. Како што еволуцијата се движела од лунарна кон соларна митологија, петелот и понатаму останал атрубут на одредено божество, при што божеството добило соларни обележја, престорувајќи се во „воен бог“, односно, во Бог – „јавач на коќ“, додека неговите атрибути – петелот и коњот, ја менуваат својата боја од црна во бела.
Во некои области, на Св. Илија, односно, на Илинден на светецот Илија му се принесува жртва во облик на заклан петел, кој е треба да е најстариот во кокошарникот, за да се предизвика Илија да не фрла оган и громови. Кога овој петел би останал жив по Свти Илија, домаќинот на куќата би умрел. Во други краеви, пак, се верувало дека поради овој престап ви умрело некое дете во семејството. Ритуалното жртвување го извршува домаќинот, што е рецидив од патријархатот. Овде е очигледно дека петелот се појавува како атрибут на соларното божество, Перун.
Кај други словенски многубошци, исто така, се коле петел, но тоа не се случува во очи на Св. Илија, туку – во очи на Св. Мрата, чиј митолошки карактер е целосно хтонски. Често животното се коле по сончевото заоѓање, без разлика дали тоа е петел или кокошка. Од закланата птица се прави ручек, а пердувите, нозете и вратот по 40 дена добивале магиско заштитна моќ. На птицата која требало да се заколе ѝ се врзувало црвен конец околу клунот за да не испушта глас при нејзиното убиство. Колењето го извршувала најстарата жена во домаќинството, и тоа на куќниот праг, како култно место на семејтвото, каде што се верувало дека престојуваат душите на мртвите предци. Хтонскиот карактер на овдешното жртвување на петелот се гледа од фактот дека него го извршува жена, во што се гледаат остатоци од матријархатот.
За време на Ѓурѓовден, пак, се користи кокошкиното јајце во ритуалот на првото овчо молзење. Додека трае целиот овој сложен ритуал, јајцето се наоѓа на т.н. хтонски култни места, како што се река или извор, потоа, дупка и шума. Поголемиот дел од дејствата кои се во склоп на овој ритуал се извршуваат навечер. На ѓурѓовденското утро, јајцето им се дава како храна на овците – со цел стоката да е плодна. Очигледно е дека јајцето, во овој обред, е поврзано со лунарни симболички елементи. Станува збор за ноќта, земјата и водата, поради кои се фиксира неговата моќ.
Хтонската природа на петелот се појавува во погребниот култ. На јужноловенските простори, постои обичај дека мртовецот не смее да биде прескокнат од кокошка, куче, мачка и др., па затоа тој не се остава сам во мрачна средина. Друг обред се состои од ритуално колење на петел, кога два члена на семејството ќе умрат за нецела година. Најчесто на овој петел му се приредува цел погреб: му се прави „сандак“, му се копа „гроб“, кој е во близина на горвот на второумрениот.
КОЗА/ЈАРЕЦ
Козата, односно, јарецот, е најтесно поврзан со соларните божества, за што е доказ неговиот атрибут рог, кој честопати го симболизира изобилството. Козата била човекова заштитничка и дејстсвувала позитивно врз плодноста. Се поврзува со словенските богови Јарило/Герман/Геровит и Припегала/Переплут. Подоцна, овие зооморфни божества добиваат антропоморфен карактер, задржувајќи, сепак, некои животински атрибути како придружни елементи: рогови на главата, копита наместо стапала.
Во чест на ова животно се организирале многубројни обредни игри низ целиот Балкан: Бабарите, Василичарите, Корентите, Кукерите, Сурвакарите, Џамаларите, во кои учеснцитие имале териоморфни караткеристики: носеле крзнени кожуви, животнски маски (покрај јарешките, присутни се говедски маски и овновските рогови), а задолжително е пристуна и фалусната симболика.
МЕЧКА
Мечката е симбол на божествената плодност и на мајчинството. Таа подоцна се претвора во Волос, бог на мракот. Широко распространети се легендите за претворањето на луѓето во мечки, за сожителстото и за свет брак со мечка, од кои се раѓа потомство. Јасно е дека се работи за остатоци од тотемситички верувања, за што сведочи забраната за убивање на мечката, за јадење на нејзиното месо и за правањето облека од нејзиното крзно.
Тврдењето дека мечката е тотемскко животно, произлегува од фактот што таа може да оди исправено, односно, на две нозе. Постои и народното верување дека мечката е човек кој под казна е претворен во ова животно, па затоа, нејзиното именување со поими што означуваат роднински врски: Баба Меца. (Тука би сакал да го поставам прашањето дали поради слична причина волкот е нарекуван Кумчо Волчо.) Ставање на мечката во рамките на семејството на ваков фигуративен начин настанл како резултат на тоа што тотемскиот предок и најстарите членови на домаќинството биле подеднакво почитувани од страна на словенските пагани. Преку ова, може да се заклучи и тоа дека таа е поврзана со култот кон предците.
Почитувањето на мечката, заедно со почитувањето на волкот, е вклучено во култот кон хтонското божество, со тоа што мечката се јавува како божество на плодноста, додека, пак, волкот – на долниот свет.
ВОЛ
Веројатно е дека во старословенската религија постоел и култ кон волот. Постојат сведоштва дека, во еден историски период, Словените почитувале еден вид на див бивол – тур. Во космогониските легенди, тој има важна улога во создавањето на светот.
Во источните краеви на на Балканот, волот орач е нарекуван „татко“ и „ангел“, што значи дека тој бил сметан за инкарнација на умрените предци. Култните практики кои се поврзани со ова животно е постењето во среда и во петок во негова чест, празнувањето на т.н. Зелен четврток и принесувањето колач за жртва на Божиќ кој, заедно со Ѓурѓовден, може да се поврзе со култот кон волот.
Полазеникот го претставува митскиот предок кој носи плодност во новогодишната сезона. Некаде, наместо човечки полазеник, на куќниот праг се воведува волот како животно кое треба да ја има оваа функција. Вернците го посипувале волот со жито, му ги преливале роговите со ракија и со вино.
ЗАКЛУЧОК
Покрај религиозните и митолошките претстави на животните, кои не се присутни само кај Старите Словени, зоолатријата е присутна и во книжевната уметност. Од суштинска важност е овде да се напоменат басните, кои честопати потекнуваат од легенди и од преданија за некое митолошко животно, додека, пак, многубројни се и литературните примери каде оддавањето почит кон животните, или, пак, нивно прикажување како симбол на одредена идеја, не е воопшто, или, пак, не е директно поврзано со религиозните слики. Конкретно, неколку од најзначјните поетски творби, „Гавранот“ на Е. А. По и „Албатрос“ на Бодлер, ја докажуваат оваа авторска пракса. Во истиот домен на анализа би можеле да го ставиме и романот „Повик од дивината“ од Џек Лондон, чиј протагонист е куче.
Сите овие книжевни примери сметам дека би можеле да се набљудуваат како индиректни и како директни реактуелизации на култот кон животните, што од антрополошки аспект може да се поврзе со свесниот или со потсвесниот човеков копнеж тој да им се врати назад на своите корени, за повторно да ѝ припадне на природата од која потекнува, која некогаш ја беше напуштил.
КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА:
- Петровиќ, Сретен: Српска митологија, Систем српске митологије, Ниш, Просвета, 1999
- Анастасова Шкринариќ, Нина: Словенски пантеон, словенски политеизам – PRO et CONTRA, Скопје, Тенора, 2004
- Ганери, Анита: Атлас на светските религии, Скопје, Топер, 2004