Мултимедијална анализа на „Шах со Бах“ од Владимир Мартиновски

,,Шах со Бах“ претставува збирка за деца составена од четири циклуси песни, каде за тематски мотив е земена музиката, нејзините алатки – инструментите, нејзините мајстори – композиторите и крајните производи, плодовите на музиката – старите плочи и камерните песни.

Мултимедијалноста, како сеопфатна област на повеќе научни дисциплини, се покажува како интердисциплинарно поле кое е сѐ повеќе присутно во животното секојдневие на човекот. Медиумот претставувамасовно преносно средство на информација во процесот на комуникација, aспоред Маршал Меклухан критериум за негова поделба е материјалноста на знакот кој се користи за време на процесот на комуникацијата. Во зависност од сетилото со кое се прима знакот на медиумот, се разликуваат: визуелни, аудитивни, тактилни, олфактилни и густативни медиуми. Спојот на тие ,,топли“ и ,,ладни“ медиуми се поврзува особено со развојот на технологијата, со развојот на виртуелноста како нов и различен продукт во новиот 21 век.

Уметничкото творештво на книжевноста, чиешто изразно средство е зборот во пишана форма, претставува ладен односно студен медиум кој честопати копнее по топли ефекти со кои ќе предизвика висока уметност со силна смисла за убавина и естетика. Стремежот, амбицијата во уметноста да се искористат максимално сите стилски и технички средства во процесот на создавање на врвното уметничко дело се длабоко присутни во сржта на книжевноста. Па така, поезијата како студен медиум добива топлина преку музичката мелодија што предизвикува нејзин анимален и сензуален  пристап и ,,разглобување“ до најситната интерпункциска точка. Со развојот на самиот човек, непобитен е фактот дека се покажува развој и на медиумите, па така сѐ повеќе и повеќе се појавуваат примеси на овие два вида на медиуми.Како одличен познавач на улогата на медиумот и улогата на мултимедијалноста низ книжевноста, Мартиновски ја создава  неговата втора детска збирка ,,Шах со Бах“.

На кратко, Владимир Мартиновски е македонски раскажувач, теоретичар, есеист, преведувач и професор при Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ во Скопје. Тој се истакнува во улогата на поет што е воочливо од оваа детска збирка, но и од неговите десетици поетски збирки. Неговата ,,Квартети за читање, гледање, пеење и слушање“ се истакнува од останатите збирки преку нејзиното мултимедијално движење на поезијата.Во неа, поетот говори преку четирите облици на искажувањето: преку читањето, гледањето, пеењето и слушањето така што мултимедијалноста е застапена во голема мера низ целата книга. Зборот, тонот, сликата се испреплетуваат низ страниците на книгата и ги мешаат улогите на топло – ладни медиуми. Ова ново и свежо поле на мултимедијалноста се јавува и во книжевноста за деца, како посебна книжевна област со свои посебни идеи, воспитни и уметнички обележја. а како таков доказ од мноштвото докази е стихозбирката ,,Шах со Бах“ од Владимир Мартиновски.

,,Шах со Бах“ претставува збирка за деца составена од четири циклуси песни, каде за тематски мотив е земена музиката, нејзините алатки – инструментите, нејзините мајстори – композиторите и крајните производи, плодовите на музиката – старите плочи и камерните песни. Збирката започнува со еден краток предговор каде Мартиновски вели:

Шах со Бах
и други песни за деца што ја сакаат
(или сакаат да ја засакаат) музиката

каде дава едноставно претставување на нејзината содржина. Овој предговор наликува на упатство, како и крајниот дел од книгата, каде Мартиновски појаснува дека стиховите можат да бидат  читани во присуство на QR кодовите (односно Quick Response code) кои директно, преку скенирање на кодот, нѐ упатуваат кон музичкиот линк, но можат да бидат прочитани и без таа, музичка содржина. Oва се однесува до изборот на читателот/слушателот. Музичкиот дел се јавува во улога на топол медиум низ текот на целата книга, што прави звукот на зборот да звучи понежно, да добие потопла, поинаква боја преку тонот. Сепак, звуците, мелодиите кои се составен дел на скоро, секоја стихотворба се оформен дел како нејзина неодделива материја, која создава подобар и поефикасен ефект така што оваа книга претставува прекрасен збир на адаптирани стихови, звуци и илустрации пренесени на три различни јазици/медиуми: на книжевноста, на музиката и на сликарството. Запознавањето на дететосо книжевниот стих, со зборот и со музичките тонови е заокружена со илустрациите на графичкиот дизајнер и сликар, Зоран Кардула така што книгата во целост претставува успешна интермедијалност на мешање на топло – ладните медиуми од овие три уметнички дисциплини.

Мартиновски ја започнува својата втора збирка за деца со песната ,,Хористи“ каде пее за нивните особини, за нивното заедништво, но најмногу за нивните разлики,инспириран од своите детски спомени. Хорот, оваа вокална целина составена од поголема група на пејачи или пејачки, кои исполнуваат повеќегласни хорски композиции, со или без инструментална придружба, Мартиновски ја скицира и ја претставува до најситните детали. Повикувајќи се на неговиот омилен филм ,,Хористи“ (односно ,,The Chorus“), тој создава одлична атмосфера и претстава за тоа какво вокално музицирање претставува хорот, какви се емоциите да се биде дел од хорот, за хармонијата и тензијата кои произлегуваат од тимската работа, што прави секој хористпоединечно, засебно како единка, но и во целост како колектив. Сепак, тие мораат да функционираат заедно до совршенство, на чело со диригентот, кој го контролира и го поправа секое лошо делче од сложувалката. Од книжевен аспект, стиховите се надоврзуваат едни со други преку римата и ритамот. Преку ефектите на асонанцата (најбројни повторувања на самогласките Е и О) и алитерацијата (најбројни повторувања на согласките Ј, К, Н), преку повторувања на-ИРА, -ЧИ, -ЦИ на крајот од зборот и паралелната рима, Мартиновски создава игрива, забавна звучност и ја доловува еуфонијата на стиховите. Во својата промоција, поетоте категоричен кон поттикнување и развивање на воспитниот процес преку книжевност и музика, како и кон односот на диригентот кон хорот и обратно.

Следува првиот циклус од збирката насловен ,,Инструменталки“ каде Мартиновски инспириран од својата пасија, пишува за инструментите како нужна неопходност на човековото битие. Според него, човекот се истражува себе си преку музиката, а се спознава преку поезијата, книжевноста, па така пее за гитарата, виолината, хармониката, трубата како музички инструменти на западната цивилизација, типични инструменти за оркестарот. Но, пее и за хавајското укулеле, арапската тарабука, за перуанскиот кахон, за индијанската табла, но и за египетското дајре и македонската шупелка.Доколку се направи поединечна анализа на присуството на секој инструмент во нашата култура, шупелката, дајрето и тарабуката се земени и како музички инструменти на македонското традиционално творештво. Според тоа, Мартиновски прави спој помеѓу западната и источната цивилизација, чиј центар е обоен од боите на македонскиот традиционален инструмент и музика. Мелодиите на овие инструменти имаат поучително-дидактички ефекти како такви директно влијаатврз стиховите на Мартиновски. Стиховите добиваат потопли бои и значења. Лирските субјекти се децата, маѓепсани од звуците на инструментите, токму како самиот поет, а восхитот и љубовтасе оние кои ги принудуваат да ја побараат од Дедо Мраз хармониката илида ги вежбаат музичките скали на виолината или да се сеќаваат на гласот на својот мил дедо. Инструментот во поезијата на Мартиновски добива и човечки особини, пример таква е хармониката која е бела како снежна хармонија, како итоплината што ја создаваат жиците на гитарата и на виолината. Во песната ,,Грубата труба“,субјектот е токму старата труба која преку својата грубост испушта меки звуци, но таа е и:

… Нежна ко ноќ снежна!
Влажна како песна тажна!…

 

Во ,,Тара чука на тарабука“ и ,,Укулеле“, римата како природно да се создава и да тече. Се јавува хармонично редување на звуците и на тоновите на QR кодовите, а илустрациите на Кардула само ја дополнуваат и ја вжештуваат таа звучна атмосфера односно прегрнатото укулеле од страна на папагалот, љубовта на Неле кон музиката и животните или небесниот занес и восхит на Тара со тарабуката. Доста е интересна симболиката на името на Тара кое значи внимателност, активност и веселивост што упатува на особеностите на инструментот тарабука, така што девојчето Тара со инструментот тарабука како да си припаѓаат една на друга -тие се усогласуваат меѓу себе. Сите тие ја опишуваат емоционалната природа која се родила од музичките тонови и ноти, испишани со писмото на јазикот, на книжевноста.

Таблата и кахонот како удирачки музички инструменти, чии звуци си наликуваат заради сличните удари на инструментот, а во суштина потполно различни, се инструменти кои го прикажуваат развојот на еден ударен инструмент низ вековите. Таблата како старокултурен и неизбежен инструмент во индијската музика и кахонот како нов, модерен инструмент создаваат виртуозен ритам проследен со слободни, невини и едноставни звуци што ја исполнуваат стиховната содржина во песните. Мартиновски преку стихот  та, та, та  толку едноставно ги пренесува звуците на таблата, изречени од детскиот глас, што се чувствува восхитот на тоа дете од татковиот мал подарок од Индија. Преку тие та, та, та всушност е прикажана замислата на детенцето како го доживува и го восприема ритамот на овој вознесен инструмент. Во светот на детето, како што вели Мартиновски :

… секој предмет

   Може да свири

Секое парче

Мебел да пее …

 

и тука, се крие тајната на детскиот свет исполнет од звуците на музиката (детската фантазија е неуморлива и загатлива) и за лежиштето на топло – ладните медиуми. Топло – ладните медиуми се највоочливи во последната строфа на песната ,,Кахон“ каде Мартиновски пееда топа да тропа во рефренски повторувања така што го доловува звукот на оваа кутија. Во нашата свест и потсвест, ние веќе ги слушаме тие повторувачки звуци. Кахонот, спакуван во понова и посовремена кутија, создава помодерни звуци благодарение на неговата амбалажа кои сепак, потсетуваат на корените на ударните инструменти. Мартиновски преку овие мотиви се повикува на минатото, на првите корени и инструменти, на првиот ритам на музиката од древните цивилизации, сакајќи да ни го претстави почетокот на музиката.

Овој циклус ја прикажува интермедијалноста на многу суптилен начин така што нејзините постапки што се пренесени од едната на другата уметност, прават односите на книжевноста и музиката да бидат поинтимни и шаренолики за детскиот невин свет. Всушност, Мартиновски несвесно ги испитува границите на интермедијалноста, не дозволувајќи да има било какви пречки во преносот на информации на ниту една од уметностите.

Вториот циклус е насловен како ,,Песни за композитори“, каде поетот создава стихови поттикнат од делата на великите композитори, стихови преку кои порачува оваа музика да биде слушната и од младите и од возрасните.Мартиновски играјќи си со стиховите и строфите, ги насловува своите песни по бесценетите композиции на светските музички композитори, меѓу кои ги вметнува и незаборавните имиња на македонските композитори Глигор Смокварски и Драган Ѓаконовски – Шпато. Овие двајца македонски музичари оставиле длабок и значаен белег врз културниот развој на македонското музичко творештво каде Смокварски се смета за првиот кларинист и автор на првиот национален балет ,,Македонска повест“ во првата генерација на македонски повоени композитори, а Ѓаконовски -за зачетник на македонската забавна музика, како и автор на првата македонска џез композиција,,Тема 1“. ,,Тешкото“ е придружено со топло – ладните ефекти на мултимедијалноста односно спој на четири уметности: книжевност, музика, илустрација и танц (каде поетот ги запишува стиховите, музичарот ги создава нотите, орото се игра, а сликарот ја исцртува таа глетка).Не е лесно да се запишат тие тешки стихови, да се отсвират тие тешки ноти и да се одиграат тие тешки чекори на орото затоа што срцето тешко е да се смири. Не е лесно ни да се слуша, како што вели Мартиновски, но уште потешко е да се одиграат, а најмногу да се запишат тие тешки чувства и емоции кои навираат штом се чујат звуците на ,,Тешкото“. Овие стихови ја содржат  искрената поетска, композиторска тага и болка, за разлика одпесната,,Поздрав до оркестарот“ која буди позитивни и повесели емоции. Овие стихови зборуваат за детската среќа која е подеднакво иста како онаа на здружениот оркестар. Потсетувајќи се на првобитниот човек дека најдобро се чувствува и дејствува во заедница, оттука и инструментот добива човечки особености т.езаедно со другите свирки најсилно бучи! Таа веселост, таа исполнетост се чувствува и од музичките мелодии на оркестарот  на  Шпато. Стиховите на оваа песна звучат и како еден вид поздрав до оркестарот од страна на диригентот кон своите музичари.

Во песната за Вивалди, поетот ги опева и ги разработува ,,Четирите годишни времиња“ во чија основа лежи истоимената композиција на познатиот венецијански виолинист и композитор, како што и во ,,Будење на пролетта“ доминира мотивот на доаѓањето на пролетта. За разлика од ,,Четирите годишни времиња“, тука поетот ја истакнува заблудата и невниманието во светот на возрасните каде тие често не го забележуваат будењето на пролетта, за разлика од будниот детскиот свет што наликува на будењето на пролетта. Мотивот во ,,Кралица на самовилите“ е обвиен од звуците на Хенри Перцел кои ,,трештат“ по таа самовилска убавина и магија. Интересното е што Перцел бил инспириран од делото ,,Сон на летната ноќ“ на Вилијам Шекспир, па така, книжевноста и музиката како да се вртат во круг, не отпуштајќи си ги дланките една на друга. ,,Шах со Бах“ е песна која е составена од дистих строфи каде поетот создава еуфонија од поразлични зборови кои се римуваат еден со друг, што се јавува како несекојдневна и позитивна промена. Мартиновски испраќа и еден мотивирачки поздрав преку своите стихови особено на самиот почеток каде вели:

Секого го бидува за по нешто

Секој бар нешто прави вешто …

Овие стихови имаат воспитно-образовнанота преку која Мартиновски го инспирира детето – читател или слушател, да не очајува и да ја пронајде својата инспирација и талент во што ќе биде успешно. Како пример го зема Јохан Себастијан Бах, кој иако не вовел или создал нови музички форми, тој се смета за еден од најголемите композитори заради неговата моќна префинетост на стилот и огромниот опус. Стиховите зборуваат за неговата леснотија во правањето на фуги и токати што не им успевало на другите композитори, за на крајот Мартиновски да го предизвика на двобој на партија шахсамиот Бах. Илустрацијата на Кардула го претставува ликот на Бах, стоејќи врз шаховските полиња со виолината и петтолинието во рака, како нетрпеливо го очекува поетот што можеби станува збор за потврден одговор за прифаќање на двобојот.,,Музика на вода“ ја прикажува Хенделовата мелодија преку паралелната рима на дистих строфите, додека ,,Лебедово езеро“ е исполнета со нотите на Чајковски. И во двете песни, поетотги опева водните површини, пее и за истрајноста и восхитот кои произлегуваат од водата. ,,Волшебната флејта“ и ,,Слух“ се најисполнети песни со мудри и дидактички црти, пример во ,,Слух“ се пее за:

И слепиот може да слика!
И немиот приказни да збори!
И глувиот музика да твори!

Мартиновски го истакнува хендикепот на Бетовен како телесен проблем кој не влијаел врз него за да стане еден од најголемите композитори на сиот свет, како ни на неговата мотивација и креативност за да создаде што подобри и велики дела, чија вредност е неизмерлива. Во ,,Волшебната флејта“e разработена интересна матрица каде Мартиновски ја пренесува онаа волшебност која се крие во човекот, дека секое битие е уникатно и посебно на свој начин, како што е уникатен и секој инструмент, предмет, појава итн., па се надоврзува велејќи:

Но има и луѓе кои
(Без да прават нешто посебно)
Секоја флејта ја прават
да зазвучи посебно.

Тишината помеѓу нотите, помеѓу зборовите го пренесува она волшебното во човекот, ги предизвикува чувствата да излезат на површина, споени во прегратките на енергијата која ја раѓа истоимената тишина. Таа го предизвикува читателот да се замисли и да размисли, да го препрочита стихот и да ја преслуша музичката нота, уште еднаш да ја погледне илустрацијата на плочата со планети, која кружи под иглата на грамофонот. Стихот го задржува својот статус исто како што го задржува музиката, тие не го губат своето значење, напротив нивните сили се спојуваат една со друга и создаваат ремек – дело.

Делот наречен ,,Камерни песни“, ги опфаќа песните ,,Клуч“;,,Пред радиото“; ,,Слушалки“; ,,Цимер штимер“; ,,Солфеж“; ,,Лекови“; ,,Нов витамин“; ,,Џебно примче“ и ,,Временска машина“ што нецелосно пеат за минатиот милениум, како што вели Мартиновски. Поетот преку овој дел го навраќа читателот во времето кога бабите и дедовците носеле џебни примчиња во својата младост, за Третата светска војна на вкусовизарадио-станиците, за возбудата при штимувањето на инструментите, за испуштените звуци на старата грамофонска временска машина. Од друга страна, овај циклус на стихови и тонови пее за музиката сместена во нашето секојдневние, за нејзината значајност и безвременост. Мартиновски се јавува и како создавач на неологизми односно зборовитеПарацетадур, витамин Цис итн. Голем интерес пројавува песната ,,Солфеж“ заради нејзината поразлична форма од останатите, но и заради содржината чии стихови започнуваат со музичката скала. Овие стихови можат да се протолкуваат како една приказна, но и како филозофско-поучителнапорака. ,,Слушалки“ содржи стихови кои можат да се поврзат и со минатото и со сегашноста и со иднината. Како музички пренесувач, апарат со помлад настанок од останатите, оваа песна делумно, е во контраст со останатите заради помладиот настанок. Во овој дел, Кардула се покажува како единствен медиум кој го пренесува главниот мотив од секоја песна, Мартиновски остава на читателот да ужива во стиховите без препорака на музички компилации.

,,Слушајќи стари плочи“ е дел чии песни повикуваат на забава и задоволство како од книжевен, така и од музичко-илустративенаспект. Мартиновски го потсетува читателот на старите добри звуци на џез-мајсторот Џанго Рејхард, на најстариот оркестар ,,Буена Виста Социјал Клаб“, на популарните ,,Битлси“ и ,,Пинк Флојд“, на бунтовните,,Ролинг Стоунс“, ,,Дорс“, ,,Лед Цепелинг“ и ,,Нирвана“. Во овие светски имиња, ги внесува и нашите ,,Леб и сол“ кои имаат заслужено место во оваа гарда од ѕвезди. Мартиновски освен што ги зел како главен мотив заради нивната великост, притаено истакнува интересен факт за секој од нив во неговите стихови. За пример ќе го земам големиот Џанго кој заради несреќна случка (пожар) ги губи своите два прсти на дланките, но оваа негова лична загуба не застанува на неговиот пат да создаде што повеќе и повеќе музички компилации,значајни за развојот на џезот. Овај животен пат бил инспирација за поетот да пишува за Рејнхард и да ја наслови неговата песна ,,Два прста“.

Оваа збирка претставува еден вид на музичко мени со стихови, испреплетено низ звуците и илустрациите на Кардула или како што вели Мартиновски омаж кон мелодиите, кон композиторите кои оставиле белег и потајно, се ,,населиле“ во нашите души. Плочите ислушани, како што вели Мартиновски, до истенчување на самата плоча, ,,зборуваат“ за (нај)стариот оркестар создаден од група на повозрасни луѓе, за темната страна на месечинатакоја будно ја следи тежината на секој човек и го очекува неговото осветлување, за скалилата до рајот низ кои чекори старата бабичка итн., мотиви кои се исполнети со внатрешен мир што го предизвикува нирваната. Оваа сликовница-книгакоја не бара посебни возрасни граници, е игра што пее за чудноста на луѓето, за нивниот ,,слух“ кон природата, уметноста, радоста на едноставното.

Совршената симбиоза, под мотивот за музиката како неопходна од секој животен процес, ја претставуваат стиховите на Мартиновски и илустрациите на Кардула. Претопот на стиховите во музичките тоналитети со значајно учество на сликата создава засилување на ладниот медиум – книжевноста да стане топол.Поврзаноста на зборот со илустрацијата, на зборот со музичкиот тон, на музиката со фотографијата создаваат нови форми, нов ритам и нови погледи и мисли кон уметноста. Оваа навидум, малечка збирка на циклуси песни го тера читателот да го прочита секој стих одново и одново, да ја истражи неговата форма и тон, да ја ,,помириса“ неговата сладост и да ја ,,види“ неговата боја. Топлите медиуми на музиката и на сликата само ја збогатуваат оваа игра, го зголемуваат љубопитството онолку колку што го задоволуваат задоволството.

Децата кои сакаат да ја засакаат музиката или пак, веќе ја сакаат музиката го истражуваат мотивот на музиката, на нејзината експресивност и игривост преку ладниот медиум на книжевноста и топлите медиуми на илустрацијата и музиката. Оваа збирка на песни претставува универзум каде планетите на книжевноста, на музиката и на сликата стануваат видливи за човечките сетила и доаѓаат до (од)ново сознавање.На крајот од ова патешествие, одново ќе се запрашам: Дали јас како читател бев доволно добра во играта шах со Бах? Дали читателот или слушателот успеа да го победи или изгуби од шаховските потези на Бах? Дали целата мултимедијалност е една голема игра, еднаква на шахот каде читателот е во улогата на Бах?!

Тагови од објавата
0 replies on “Мултимедијална анализа на „Шах со Бах“ од Владимир Мартиновски”