Едно утро сред септември ми се јави мајка ми за да ме извести дека за некој ден ќе започнат градежните работи на покривот од нашата куќа. Токму така рече: нашата. Но, јас веќе одамна имав, во друг град, друга куќа за која водев грижа, куќа што заедно ја изнајмивме јас и уште една личност; веќе не постоеше куќа што би ја нарекла наша, таа етикета се одлепи кога си заминав и во наредните години со темелна јарост ја избришав од сеќавањето. Да, знаев дека покривот се уриваше – почнал да се урива уште кога сум се родила, постојано се ронеше и врнеше прав и парченца малтер во текот на целиот живот што го минав внатре – но воопшто не бев одговорна за тоа, не сме виновни за нештата што не сакаме да ги наследиме и што веќе сме ги отфрлиле. Пишував лажни вистински приказни за на радио што беа неочекувано популарни, имав маж, работа, друг град, нови вечери и друго време.
Мајка ми рече дека секогаш за секој проблем морала да се погрижи самата, куќата ѝ тежела, па поправката на покривот, кој беше рамен и поплочен и служеше и како тераса, ќе ѝ биде последниот чин на великодушност зашто секако не може да ја стави куќата на продажба така изрешетена, пред да купи нешто помалечко и поцврсто. Рече дека некоја градежна фирма ќе ги поправи бездните што ги направиле невремето, лошата изолација и старите реновирања на соседите, додека во нашата куќа – повтори: нашата – под покривот, под стапалата и трудот на мајсторите, јас и таа ќе претураме по мебелот, приборот за јадење и книгите за да почнеме да ја празниме: не сака некој ден да ѝ преречам дека ги дала моите работи, треба да се вратам за да изберам што да фрлам.
Мислев дека ќе биде лесно зашто, освен една црвена железна кутија на дното на една фиока, ништо не ми беше важно. Спакував торба со малку алишта и долна облека, па на интернет купив возен билет за наредниот ден: ќе го барам низ прозорчето морето што се протега крај калабриската железница, сè до Вила Сан Џовани, па оттаму ќе фатам траект за Месина и ќе стигнам кај мајка ми и ќе ѝ ја пружам помошта што ја побара. Ноќта сонував дека се давам.
Стапалото на маж ми, потпрено на мојот глужд, го грееше креветот и во еден миг, од топлината под покривката, почнав да влегувам во вода.
Чекорев небаре знаев каде одам и водата ми ги освежуваше глуждовите, листовите, колената, а потоа бедрата, колковите, стомакот, дојките и рамената, па брадата и устата сè додека, штом се обидов да прозборувам, не ме голтна бран. Еден миг пред тоа чекорев, а веднаш потоа се давев: не ми се замаглуваше погледот и не губев сила, туку само тоа се случи, во еден миг влегов во морето и веќе не ми постоеше телото.
Се разбудив и се исправив. Тивко го викнав Пјетро, маж ми, не зашто имав потреба од него туку зашто не сакав да го исклучам од својата умирачка. Умирањето ми се виде важно, па сакав да го посведочи. Рацете и пазувите ми беа испотени, имав пот на челото и на рамената, тој ме фати за лактот, се натера да ги отвори очите и седна до мене. Немаше што да си кажеме за да се утешам, а имав чувство дека не можам да ги споделам ни габаритот ни стравотноста на сонот.
Еднаш, пред повеќе од десет години, само неколку месеци бевме заедно, го бев прекорила што не се интересира многу за моите кошмари; кога бев малечка, баба ми од таткова страна ме поттикнуваше да ги раскажувам, ако не ги раскажеш, нема да се ослободиш, велеше, а сега, кога веќе ја нема, ако не ме праша, не можам да ги раскажам и од ништо нема да се ослободам. Па ноќе Пјетро почна да ме прашува како сум кога ненадејно ќе се разбудам, и наутро пред да оди на работа: раскажи ми што сонуваше, настојуваше и настојуваше, а јас се обидував да му одговорам, но не одеше, работите никогаш не одат кога ќе се префрлат од еден во друг период, добри си се таму каде што се и секогаш има причина зошто спомените треба да останат во спомените, а не да дојдат и да ја нарушат сегашноста. Згрешив што му кажав за баба ми: со неа, во мирисниот кревет со старата постелнина, раскажувањето течеше природно, додека пред него морав да вложам напор да се отворам. Исто беше и таа ноќ, на ниту еден од нас не му беше до зборување, а договорот помеѓу нас беше далечен, како што беа далечни и времињата во кои на стравот одговаравме со желба, на кошмарите со секс.
Го зграбив пластичното шише со вода од ноќната масичка и испив неколку долги голтки. Маж ми ме допре по грбот со љубовта каква што ни беше тогаш, уморна љубов, сочинета од никогаш преинтимни раце што го милуваа стомакот на висина на папокот, очајни раце зграбени за работ на маичката, за ластикот од долната облека, љубов што ретко преминуваше во нешто друго и одеше понатаму, вртејќи се статично во нежноста и делејќи се самата од себе надве, повлекувајќи се по куса заблуда, по која пак станувавме две сосем одвоени битија. Пиев и голтав, а Пјетро ме држеше за едната подлактница, се спружив, па се спружи и тој, се свртив настрана и тој се сврти прво кон мене, прегрнувајќи ме, а потоа на спротивната страна, па најпосле се триевме грб со грб за да се залуламе и да се обидеме да заспиеме. Со мака, сè уште дремливо, ме следеше начинот на кој ме сакаше, начин на кој луѓето сè уште може да се сакаат по десет години; во еден миг нашите тела престанаа да функционираат заедно, да се вклопуваат во сон и во јавето што му претходи, си станавме одбојници.
Сексот е јазик, а помеѓу мене и Пјетро се изговорија многу зборови на почетокот на нашата врска, кога бегав од Сицилија и од осакатеното семејство, преполно со тишина, а тој ме пречека во Рим и ми стана момче, родител, брат. Па заедно со градот најдов и нова јас, а тој беше таму, секогаш беше таму, со достапност што ме трогнуваше. Во тие први месеци се слекувавме штом ќе можевме и, откако ќе се посакавме до истоштување, бевме среќни, иако една подробност можеше да ни навести дека врската нема да ни потрае: никогаш не водевме љубов два пати, првиот пат нè задоволуваше, потоа веднаш почнувавме да се оддалечуваме и да се облекуваме. Сето она што го баравме успевавме да си го дадеме за кусо време што никогаш не се ширеше, по што пак ќе си ја повратевме неупростливоста, онаа неповрзаност според која се раководеше нашата привлечност. Па набргу – пребргу за врска што требаше да ни биде врската на животот – неповрзаноста ни стана непријателка. Телото престана да биде место за комуникација. Нежноста се претураше во секојдневни ритуали, во дијалози и во знаци на внимание, а дури и ако се искаравме преку ден, никогаш не се повредувавме: живеевме во сенката на другиот, вардејќи се со грижливост каква
што никогаш немав доживеано; некое време по крајот на желбата одржувавме ритуал сепак да си пружиме задоволство, а потоа и таа размена стана неупотреблива како стар речник. Знаев дека јас сум виновна. Сигурно се имав затворено прва, како што не бев навикната на отворање, на споделување.
Но, на Пјетро, и само нему, му ја имав раскажано приказната за татко ми и воопшто не ми приговори, ја прифати неправилноста. Се познававме три недели и и двајцата имавме дваесет и нешто години, кога на првиот вистински состанок се појави со пакет: внатре имаше сина маичка, како за лизгачка, и дневник со тврд повез. Не знаеше дека како малечка долго возев ролшуи, не знаеше дека им раскажував многу за себе на дневници скриени по фиоките. Сепак, знаеше.
Објавена со поддршка од програмата Креативна Европа на Европската Унија и од Министерството за култура на Република Северна Македонија