Кон „Рута Таненбаум“ од Миљенко Јерговиќ

Кога се зборува за Рута не може, а да не се зборува за ѓаволската природа на нејзиниот лик. Како да е зачната од ѓаволот, а со оглед на тоа што не се знае кој е нејзиниот татко, оваа можност може ама и не мора да се исклучи.

Другиот како релација на мистерија, за проблемот со идентитетот во ликот на Мони и за очите на Рута Таненбаум

 

Ликот на Леа Дојч (загрепска глумица со еврејско потекло која загинува во Загреб) бил инспирација за Јерговиќ да го напише романот за Рута Таненбаум. Иако во ликот на Рута не можеме да најдеме многу сличности со оној на Леа. Имено, заедничко е што и двете, и вистинката личност Леа и ликот на Рута живеат на улицата Гундулиќева во Загреб. Така што, Леа и Рута имаат многу сличности, а уште повеќе разлики. Иако романот го носи името „Рута Таненбаум“, сепак, сметам дека Рута не е централен лик во делото. Како постојано да е во сенка, а нејзинито глас се слуша многу поретко за разлика од гласот на Мони или на некои други ликови. Затоа решив главен акцент да ставам на ликот на Мони затоа што тој крие многу интересни сегменти за обработка. Таков сегмент е проблемот со идентитетот кој е особено изразен и акцентиран во романот. Дилемите на личниот идентитет ги среќаваме во неколку наврата во ликот на Мони или Саломон или таткото на Рута или Емануел. Сите негови идентитети се маски… Најпрвин се запознаваме со Саломон Таненбаум кој се жени со ќерката на Абрахам Сингер, единствениот во делото кој покажува најсовесен однос кон својот идентитет на Евреин. Можеби и затоа Саломон не го сака Абрахам, затоа што тој знае што е и зато Мони посакува: „Мони би сакал Сингер да го нема, да умре, но за неговата смрт ништо да не се знае, едноставно да исчезне, како лошо претчувство, и веќе никој на него да не се сеќава.“ (Јерговиќ, 2017) Односот кон еврејството за кое се зборува во делото може најдобро да се увиди токму преку односот на Саломон и Абрахам. Саломон (Мони) Таненбаум е по потекло Евреин, а токму неговиот однос кон еврејството е она на што е ставен акцент во истото. Неговиот однос кон сопствениот идентитет е однос и кон еврејското потекло. Саломон го мрази и презира својот еврејски идентитет, кај него заповеда оној Другиот, Саломон не му дава глас на еврејското Јас. Во неговиот лик можеме да забележиме и огледална слика, или авто-слика. Тој себеси се гледа како Евреин на начинот на кој другите ги перципираат Евреите. „Како субјекти ние сме производ од влијанијата што ги извршиле врз нас заедничките вредности на нашите култури: јазикот, името, чувството за национална припадност. Тие ја оформиле базата на нашиот интелигибилен контекст, темелот на нашата индивидуална автономија која нѐ либерализира, но и нѐ лимитира кон попатните станици на нашето заитано себство, решено да стигне таму каде што тргнало уште од своето раѓање – при самото себе.“- ќе истакне Бановиќ-Марковска во „Групен портрет“. Исто ќе напише: „Другите нѐ прават тоа што сме.“ (Бановиќ-Марковска, 2007) Така и Саломон не ја истакнува еврејската припадност, туку загрепската. Тоа ни ја покажува сликата на Другиот која е многу доминантна и истакната во самиот лик. Не можам да кажам дека не го оправдувам или дека го оправдувам ова менување идентитети, но целата ситуација на Саломон има свои корени и во целата општествена ситуација во тоа време и можеби во проклетството на неговото семејство и на неговите предци кои го следат. Копнеењето по другиот е согледано во ликот на Емануел Кеглевиќ (еден од идентитетите на Мони). Емануел е загрепчанец, тој е католик, тој е слика која другите ја оправдуваат, тоа е слика која Саломон му ја прикажува на надворешниот свет, додека дома, пред Ивка тој пак е Саломон. Се запрашувам кој е неговиот највистински идентитет: Саломон, Мони, Емануел, кој? И дали во овие идентитети можеме да го најдеме вистинскиот лик или тој е можеби некој сосема различен од сите идентитети кои ги менува? Неговите лажни идентитети и маски го отуѓуваат од она што вистински е. Менувајќи идентитети тој менува и маски, чиниш лик од некоја драмска претстава. А да се носи маска значи од една страна да се прикрие вистинското лице, од друга страна да се носи маска значи да се земат магичните моќи на ликот чија маска се носи. Па така, кога е Емануел, тој ги зема карактеристиките на некој друг, на некој кој ќе стане и виновен за судбината и пропаста на Крсто Пропан и неговата сопруга Илонка и целата несреќа ќе ја носи во себе до крај: „Оттаму нема никаков сомнеж дека фантомот Емануел Кеглевиќ некој го измислил, за вината, за убиството и разбојништвото…“ (Јерговиќ, 2017) Тој станува Емаунел и поради желбата да биде еден благороден и богат човек кој сите ќе го почитуваат, себеси се гледа низ призмата на другите. Еврејството за него е жиг, длабок до срцето и туѓата слика за еврејството ја презема како да е негова, лична и болна. За една друга маска за која може да зборуваме е маската – татко. Во времето кога се жени со Ивка, мајката на Рута, таа е бремена, што значи дека Рута не е негово дете. Но тој не обрнува внимание на тоа тој ја прифаќа Рута, но не го засега многу, во моментите (пред другите) тој ѝ е татко, во интимните кругови на семејството тој се однесува како да не ѝ е ништо. Сѐ повеќе се брише себеси и единствено нешто што го потсетува на неговото вистинско ЈАС е болката која ја чувствува во жолчката: „Саламон Таненбаум помислуваше како само уште таа жолчка се вика Саламон, сѐ друго веќе носи други имиња или веќе никако не се вика.“ (Јерговиќ, 2017) За мотивот на наследна вина се зборува и во романот. Имено еден од предците на Саломон бил толку стегнат што во време на војна не му помогнал на својот брат да ги нахрани децата. Тој го проколнал брата си и оттогаш секоја жена што ќе се оженела со потомок на Јосеф Таненбаум умирала при породувањето кога на свет ќе донесела син. Мони има одбивност кон неговиот идентитет на Евреин и поради трауми од детството кога бил исмеван од едно момче на негова возраст и од неговата мајка. А тепајќи ја Клара Дијамантштајн (негувателката на Рута која била Еврејка) исто како да го тепа еврејското во себе затоа што Мони не сакал да биде во близина со Евреи иако и самиот бил Евреин. Бегал од другите, но вистина е дека бегал од себеси. Саломон завршил онака како што завршувале поголемиот дел од Евреите, неправедно. Но тој за разлика од другите: „Саломон Таненбаум пееше додека го водеа…“. (Јерговиќ, 2017) Со песна го завршува животот и останува докрај доследен на својот став дека не е Евреин, пеејќи сака да им докаже на усташите дека и тој и тие се на иста страна во борбата против „гласните Жидови“, и завршува претепан до смрт со синџир од страна на еден од усташите што го одвеле. „Па го тепаше Евреинот со тој синџир, сѐ додека Евреинот не се онесвести. И пак, Саломон Таненбаум ниеднаш не залелека.“ (Јерговиќ, 2017) Можеби на Саломон никој не му дал можност самиот да се определи што сака да биде, кој идентитет да го носи врз себе, затоа што врската што ја остварува со Загреб е многу силна. Загреб го доживува како мајчина утроба и тој со градот е поврзан како мајка и дете преку папочната врвка, Загреб знае сѐ за него. Загреб го доживеал највистински, повистински и од бракот со Ивка и затоа пее: „Загреб, Загреб, како гулаб бел наш, секој мој срцебол само ти најдобро го знаеш…“ (Јерговиќ, 2017) Другиот е ралација на мистерија, нешто што живее во она ЈАС на Таненбаум и кое како мебиусова лента се испреплетува со неговата вистинска внатрешност. Да ја цитирам и Иглтон: „Она што навистина постои е плуралноста која му допушта на Другиот да биде различен од мене, да биде Нештото кое нема да посакам да го изгонам надвор од себеси, оти она што е надвор е, истовремено, и внатре и не ми е туѓо, туку интимно.“ Такви се сите Други, сите идентитети на ликот Саломон Таненбаум.
Во вториот дел од насловот напишав дека ќе се пишувам со очите на Рута Таненбаум затоа што нејзините очи исто како и нејзиниот лик оставија длабока трага во мене. Кога се зборува за Рута не може, а да не се зборува за ѓаволската природа на нејзиниот лик. Како да е зачната од ѓаволот, а со оглед на тоа што не се знае кој е нејзиниот татко оваа можност може ама и не мора да се исклучи. Рута го носи презимето од оној кој не ѝ е татко и тука се јавува прашањето за идентитетот на Рута: дали е таа Еврејка или можеби е некоја хетерогена смеса на два лика од различна националност. Тука се јавува и проблемот на идентитетот кај Рута. Но, ако се потпреме на теориите кои идентитетот го определуваат според тоа што е мајката, тогаш Рута е Еврејка. Но сепак презимето на оној кој не ѝ е татко ја прават нецелосна за идентификација како лик. Нејзината ѓаволска природа се гледа уште од нејзината мала возраст и во нејзината дарба да се претвора во другите, да ги глуми: „Рута не ги прераскажува зборовите на тато, таа се претвора во тато, па во миг ѝ растат мустаќи, но во следната секунда веќе се претвора во мама, во крупните црни еврејски очи, на Амалија ѝ е страв од тие очи…“ (Јерговиќ, 2017) Нејзината ѓаволеста природа се гледа и во тоа што таа нема ништо против тоа нејзините родители да умрат дури и не ги доживува како родители. Можеби фактот што ликот е ваков се должи и за недоволната родителска грижа. „Рута не би имала ништо против да умрат тато Саломон и мама Ивка…“ (Јерговиќ, 2017) Очите на Рута се налик на оние самовилските за кои се пишува многу во нашата фолклорна традиција, очи кои ако ги видиш се маѓепсуваш… „Бранко Мицкоски се наежи кога го погледнаа очите на Рута Таненбаум. Тоа беа најголемите очи што некогаш во животот ги сретнал и изгледаа попаметно и постаро, не само од тоа шестгодишно дете туку и од сите луѓе што се најдоа во салата за балетска проба.“ (Јерговиќ, 2017) Треба да напоменам дека ликот на Рута Таненбаум нема никаков однос кон еврејството затоа што во тоа време таа е премногу мала за да го сфати тоа што се случува. Често гледала во сонцето се додека очите не почнеле да ѝ произведуваат светли кругови, па се заимслувала како Бети Блумнерг, позната актерка… Рута во делото е дрска, алчна, ѓавол од дете, таа воопшто не наликува на Леја Дојч. Авторот на ова дело почувствувал потреба да ѝ крене споменик на Леја Дојч преку оваа книга која има, но и нема поврзаност со нејзината личност. Но, оваа книга е камче на нејзиниот куќен праг, оти друг гроб Леја Дојч нема и затоа што ништо во Загреб не го носи нејзиното име, име за кое сите го заборавиле, а не требало!

Тагови од објавата
Напишано од
More from Елена Ѓорѓиовска
Кон „Гробница за Борис Давидовиќ“ од Данило Киш
Расказите проткајуваат заеднички модел на нарација: нараторот е резервиран за почетокот и...
Повеќе
0 replies on “Кон „Рута Таненбаум“ од Миљенко Јерговиќ”