НЕКОИ ЗАМИНУВАЊА НЕ СЕ НИШТО ДРУГО ОСВЕН ВРАЌАЊА КОН СЕБЕСИ

Избор песни од збирката „Месечарење“ на Камелија Миткова

Патот до себеси

Некои заминувања не се ништо друго освен враќање кон себеси,

а тој пат секогаш е најдолг,

нема никакви ознаки,

без знаци за предупредување,

само далечини коишто чекаат да ги дофатиш,

затоа не е важно колку далеку треба да одиш,

колку чевли ќе искинеш,

ниту колку ќе крвариш одејќи бос низ несреќите на светот,

низ колку огнови на прсти ќе поминеш,

ниту колку од нив со себе ќе понесеш,

каде ќе ја расееш пепелта на болката,

онаа која живеела и се распаднала во тебе,

каде ќе ѝ направиш споменик,

за да знаеш да ѝ однесеш венец од таги,

за последно збогум,

па на гробот нејзин да раздадеш за душа,

за мирно да продолжиш по патот,

иако не знаеш колку сонца ќе сретнеш,

во колку животи ќе светиш,

а во колку ќе угаснеш,

со колку ѕвездени неба ќе се покриеш,

во чии соништа ќе живееш,

додека мислиш дека умираш,

ниту колку судбини треба да преоблечеш,

додека не ја најдеш баш таа што тебе најубаво ќе ти стои,

токму онаа што само за тебе е кроена.

Најдолг е патот до себеси.

 

Недостигање

Еден ден кога ќе пораснеш,

ќе видиш дека светот во којшто си растел повеќе не постои,

ќе сфатиш дека можеби никогаш не постоел,

тогаш од тебе ќе се откине најубавиот спомен,

ќе ги откорне сите лаги,

оние коишто пуштиле корен во тебе,

ќе беснее бура од неисплаканите таги,

на твоите родители,

на нивните родители,

на родителите на нивните родители,

ќе сфатиш дека пловиш низ море од мртви желби,

и ловиш мртви соништа,

коишто одново во тебе никнале,

растат и ја чекаат својата реалност,

свесни дека може да ги убие.

Тогаш ќе се излеат реки од незаборав,

ќе ја исфрлат на брегот сета љубов кон светот којшто одамна е мртов,

ќе овенат сите сеќавања,

од зимата што ќе надојде во твоите гради,

но дури и тогаш,

детето во тебе ќе му се радува на снегот.

 

Еден ден кога ќе пораснеш,

сè што ќе сакаш ќе биде пак да си дете,

само за уште еднаш да го видиш,

светот каков што го паметиш.

 

Пред создавањето на светот

На шестиот ден,

кога светот не знаеше дека ќе има седум дена,

четири страни,

и само едно сонце,

вистината ја измисли лагата,

само за да го докаже сопственото постоење.

Тогаш гревот за првпат се роди,

и го виде светот каков што човекот никогаш не го видел,

недовршен и совршен.

 

Потоа дојдоа добрите самовили гревот да го даруваат,

првата му подари вечност,

втората му ја подари еденската градина,

третата самовила му ги даде молитвите,

и една амајлија да го штити од себеси.

Тоа беше многу одамна,

кога немаше кој да го мери времето,

а не беше ни потребно,

бидејќи конечноста сè уште не беше измислена.

На шестиот ден,

пред Бог да го создаде светот,

сето зло веќе постоеше.

 

Кога не знаев да се молам

Пред да станеш грев,

ти беше молитва,

затоа сакав да го најдам светецот во тебе,

и ја крпев надежта со бодликава жица,

иако не бев сигурна дали дишеше,

така го искинав небото под градиве,

се распрснаа облаци полни дожд,

па секој ветер ми носеше невреме,

така умираше летото во мене,

така ја парчосав кожата што ја носев од раѓање,

и не знаев од која страна на телово чука срцето,

дали чука за да влезе или да излезе,

или само тропа напразно.

Кога искрварив до последниот спомен,

ја растворив ноќта во алкохол,

и почнав да ти ги чистам раните.

Заборавив дека јас крварев.

 

Молитва за себеси

Нацртај по едно сонце за секоја сенка што си ја облекол,

тогаш кога сивилото од мислите ти слегло во срцето,

засади по едно дрво за секоја желба,

да може да направи гнездо,

да имаш каде да ти се вратат сите соништа кои станале птици,

чувај по едно парче небо за секоја молитва,

врати ѝ ги сите ѕвезди на ноќта,

и сите месечини пред кои си бил гол,

излези од сите стихови во кои си умрел,

заборави ги сите копнежи што си ги убил,

заборави на гревот што се родил во тебе,

изгради црква од тишина,

направи олтар од крв и месо,

пали по една свеќа за секое денес кое станало вчера пред зајдисонце,

и прости си.

Утре ќе се родиш пак.

 

 Зимско и летно сметање на времето

Има рани кои одамна не крварат,

свесен си дека живееш само оти си ги преживеал,

но несвесно забораваш дека постојат.

Покриени се со денови и години,

со нови спомени,

па не се ни гледаат,

умреле во новото време,

токму кога човекот ги сврти стрелките на часовникот за еден час нанапред,

тие останале во тој час,

што човекот ѝ го украде на вечноста.

Има и рани кои не крварат но солзат,

секој пат кога ветрот ќе откорне некоја вистина,

па ќе се насоберат куп вистини во едно ќоше на крајот од окото,

сите родени од твојата смрт,

и ќе сонуваат за својата смрт,

како олово ќе ти тежат,

па кога ќе ти дотежат,

сите голи вистини ќе ги оставиш на снегот,

да премрзнат,

тогаш тие ќе те допрат,

таму каде што никогаш не те болело, и ќе те изгорат.

Тогаш човекот повторно реши да ги сврти стрелките на часовникот,

но овој пат за еден час наназад.

Ете затоа раните најмногу болат кога се менува времето.

Тагови од објавата
0 replies on “НЕКОИ ЗАМИНУВАЊА НЕ СЕ НИШТО ДРУГО ОСВЕН ВРАЌАЊА КОН СЕБЕСИ”