Избор поезија од Ален Брлек

Воспоставување на писмото/Градинар/Уривање на државата/Медитација/Корида/Почеток на коридата

ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА ПИСМОТО

Одев по станот, барав крштевање или копје,
точка за средба. Реков амин, реков испукување,
бомба, домат, мај, корона, реков
смрт на фашизмот брза и трајна, богу среден род
реков математика е и главата и трупчето и замавот.
Реков љубов сол европа волк мама светло
градина птица круг демократија, пак љубов, атом
одев по станот и чекав каков било грст
со кој би ги подмирил татковците, би загризал
во слободата

 

ГРАДИНАР

оставен во пустошот на логореата бев бик со
бакнеж на челото,
Се будеше пролетта јаглен на мрките полиња
говор.
Математиката го налегна моето тело и сонив
градинар.
Ископан, со компир место срце
бев сестра меѓу сестри.

 

УРИВАЊЕ НА ДРЖАВАТА

Во денот неспособен стани стакленик
од телевизорот ритуално излегуваа лопати
влегуваа во хрватите
пак излегуваа, полни велик јаглен.
Сакав да речам државата е печка државата е
утробата на ѕверот, лук околу вратот на дементниот татко
секогаш готов да стане ложач во рацете на нацијата.
рашај и што освен огнот, би, со сиот тој јаглен?
*
Син и непреведлив реков забога
leave britney alone

 

МЕДИТАЦИЈА

Ноќта, небаре лавица, ми слета на срце и ми рече
диши. Реков куќа, дајбоже, овде
реков истерај ми ги очите, рацете, влези не давај да умрам
отвори ги градите речи млеко, направи нѐ војска на
последниот носорог
последните новинари
последните последни
реков разгради ги светите места опростори ја молитвата
речи арктик

 

КОРИДА

А таму сѐ потемна сангријата, мојот матадор
топол како овошка, готов да го отвори своето писмо
на мојот грб

 

ПОЧЕТОК НА КОРИДАТА

тоа истеченото како мрка абецеда јаглен.
Расплакани
полни прерија и изгубени пци рековме ќе те бакнам
во мајката
во таткото, сестро, ќе те бакнам

ги запаливме изводите на родените се вративме во пепелта,
на белите ѕидови им пријдовме со боички.

 

Превел: Ѓоко Здравески

 

 

 

 

 

 

 

 

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Избор поезија од Ален Брлек”