ОБИЧНИ ЛУЃЕ (Необјавени ПЕСНИ)

ПРОДАВАЧ НА СВЕТОВИ

 

Во секој град

има барем по еден продавач

што го има светот во своите торби

и ги носи на рачките на стар велосипед

Секој ден го составува светот

по различен редослед

прво мали бебиња од гума

со големи сини очи како езера

потоа тркала што се туркаат со стапче

за штотуку проодените

разнобојни топчиња што скокаат

некои од нив веднаш исчезнуваат

во тајните одаи под мебелот

и трпеливо чекаат да ги открие

некое друго дете од некое друго столетие

Во секој град

има барем по еден продавач

што го има светот во своите торби

Меѓу малите бебиња од гума

со сини очи како езера

има и мали воени автомобили

и пластички пушки и пиштоли

Во секој град

има барем по еден продавач

што ги носи животот и смрта во своите торби

и ги носи на рачките на стар велосипед

Можеби тоа е Бог

 

ПОСЛЕДЕН ПАТ

Никогаш не знаеш

кога ќе го видиш некого

за последен пат

Фотографиите

од последната средба

се отпечатуваат на етер

и остануваат

во некој самовилски албум

крај некоја внатрешна река

Потоа се појавуваат покрај

разни патишта и водопади,

на планински превои и

на гранични премини

тогаш се отвора

време во времето

и тогаш оживуваат фотографиите

испечатени на етер

од црно-бели стануваат колоритни

Членовите на поширокото семејство

и далечните роднини

по долги години се среќааваат

само на погреби

како покојникот намерно

да си заминал

за да ги собере

на едно

место

Тагови од објавата
More from Славица Гаџова Свидерска
Поезија од Славица Гаџова Свидерска
Ни праќаш пораки со непознати знаци / на контурите на планините /...
Повеќе
0 replies on “ОБИЧНИ ЛУЃЕ (Необјавени ПЕСНИ)”