ЦРНО МЛЕКО

– Црно млеко? – прашува и доаѓа сосем блиску до мене, на раскрсницата меѓу Виа Андегари и Виа Романоси, на договореното место, пред самата фонтана Деи Тритони, на чија лева страна има фигура која ја претставува Заштедата, а десната – Дарежливоста. Го чекам меѓу двата написи под двете фигури: оној од левата, на Заштедата – на кој пишува да чуваш сѐ, и оној од десната – великодушно да даруваш.

– Latte nero – потврдувам и кимнувам со главата.

Ја подава раката и ми вели:

– На секој агол има по една фонтана кај вас.

Па вади неотпакувана кутија цигари, почнува да го одмотува целофанот од кутијата и небаре зборува со неа, вели:

– Сараевско „Малборо“. Си чул? Си чул за „Малборо“? И на италијански е „Малборо“. Во сиот свет е „Малборо“. Сараевското „Малборо“ е посебна работа. Рецептот е американскиот, истиот како во сиот свет. Ова „Малборо“ е друго „Малборо“. Директорот на „Малборо“ во Америка пуши „Малборо“ што се прави во Сараево. Не знам зошто е тоа така. Можеби Сараево одговара за американскиот рецепт. Сакаш? – ме прашува и ми подава цигара.

Не одговарам, само ја земам цигарата.

– Старците се бесплатни. Жените чинат малку. Мажите чинат повеќе, особено ако се вооружени и во униформа, малку повеќе од нив чинат бремени жени. Децата чинат најмногу – зборува јасно и отсечно, со сјај во очите како да нуди префинета трговска роба. – За два платени часа, третиот е бесплатен.

Се насмевнува и го зарива издолжениот нокт од левиот палец меѓу забите од десната страна на устата и плука врз плочникот. Се загледува во плунката, која светнува под жешкото сонце кратко, потоа ме погледнува директно в очи и вели:

– Месото останува меѓу забите, понекогаш.

Па го чисти издолжениот нокт со мало ноже кое го извлече од внатрешниот џеб од пролетното палто, гледајќи ме в очи.

– Тебе ти останува? – ме прашува.

– Месо меѓу забите? – го прашувам.

– Да. И не само месо. Меѓу забите општо. Многу нешта остануваат меѓу забите. Човек мора да стори напор да ги исчисти местата меѓу забите, ако мисли дека му требаат забите за иднината. За да може да гризне. Вака – вели, повлекува дим од цигарата, ја отвора устата, го испушта димот во долга воздишка и нагло ја затвора устата, небаре ги каса зборовите кои тукушто му излегоа од грлото, се насмевнува гласно и продолжува: – Ти побара Црно млеко. Latte nero, затоа сум овде. Знаеш зошто се вика Црно млеко? Црното млеко е млекото на очајот и смртта и токму со тоа – фигуративно – се хранеле еврејските жртви во логорите на смртта. Тоа е црното млеко на разденувањето, затоа што кога ќе станат наутро, нивниот очај е толку длабок што дури и утринската светлина на небото им изгледа темна. Толку темна – изговори со најгласниот шепот на светот и продолжи: – Да убиеш дете. Ништо не се споредува со тоа чувство. Можеби кога убиваш трудна жена, затоа што убиваш и дете и жена, но кога убиваш дете, тоа е… Неповторливо искуство. Особено кога убиваш првпат. А можеш и да гледаш како убиваат ако немаш желудник за да убиеш. Барем првиот пат. Ова е и поевтино. Многу поевтино, плус билет за авион до Белград, превоз Белград – Сараево – Белград и хотел. Полн пансион! – вели и повторно го зарива издолжениот нокт во устата, ја расчепкува и повторно плука врз плочникот пред фонтаната, го вади ножето, го чисти ноктот, па го враќа во внатрешниот џеб на пролетното палто.

– Првпат ти е – вели и продолжува, чепкајќи го со јазикот задниот дел од устата, уште вадејќи остатоци од храна: – Нашите ќе те чекаат на аеродромот во Белград. Ќе те однесат во Сараево. Тоа е во петок. Во сабота во десет часот, еден од нашите ќе дојде да те земе. Ќе се прекрсти како што треба човек да се крсти. Ќе ти даде снајпер. И ти ќе се прекрстиш како што треба човек да се крсти, ќе го помолиш Господа да има повеќе минувачи по булеварот – повторно плука – потоа имаш два часа, па назад во хотелот, пауза за ручек. Попладнето, точно во три, ќе дојде истиот човек. Имаш уште еден час. Потоа пребројуваме колку мажи, жени, трудни жени, колку деца и старци. Плаќаш веднаш, по глава, како што се договоривме. Парите кои ќе ми ги дадеш денес ќе ти ги вратам штом се вратиш. Како што се договоривме. Ситница – ми вели и со показалецот од десната рака нежно го допира стаклото од мојот часовник, па повторува: – Ситница. „Вашерон Константин“ – прави пауза, ме погледнува в очи и вели: – „Гранд компликасион“. Ситница – небаре заклучува, па го трга показалецот од часовникот, посегнува по кутијата цигари и пали уште една, вадејќи втора и ставајќи ја зад моето лево уво, и продолжува: – Тоа е во сабота. Во недела, исто. Сѐ исто, плаќаш и со кола за Белград, па од Белград назад дома. Викенд, полн пансион, според договорот.

Ја фрла на плочникот цигарата испушена до половина и ја гасне со врвот од чевелот, ја става десната рака врз моето лево рамо, се доближува сосем блиску до мене и речиси ми шепнува:

– Црно млеко во неограничени количини и без туристичка такса!

Чувствувам како темето ми се ежи и небаре струен удар ми минува по целото тело и пред очите ми се појавува сликата на татко ми како ѝ ги вади очите на старата мачка затоа што му ја изгреба новата, кожена фотелја.

Никогаш ништо толку не ме возбудило.

Никогаш ништо не ме возбудило, всушност.

Сѐ до сега.

Му го подавам ковертот.

Надвор црцори пролет.

– Немам месо меѓу забите – му велам и се насмевнувам, а тој го зема ковертот, го става во истиот џеб кај ножето, се врти во правецот од кој дојде и заминува, оставајќи ме меѓу Заштедата и Дарежливоста.

Неполни десет минути подоцна и два блока подалеку, ја отворам вратата од нашиот семеен дом и гласно викам:

– Мила, одиме на сафари!

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “ЦРНО МЛЕКО”