Извадок од книгата „W“

Книга на месец октомври

КАПЕТАНОТ ГО НАЈАВИ СЛЕТУВАЊЕТО. Ја почувствував паниката што надоаѓа. Го стегнав ременот, ги затворив очите и ги стиснав забите. Низ прозорецот не сакав да гледам. Знаев дека летаме над архипелагот во чиешто море последен пат се бањав како дете, пред дваесет и пет години, додека војната веќе почнуваше блиску до мене, речиси веднаш зад брегот. Во скутот го имав ракописот на романот W, неколкуте негови поглавја, заедно со белешките и фрагментите запишани според кажувањето на Валтер Штиклер (Walter Stikler). Неодамна е најден мртов, со изрешетано тело, во водите под мене. Не очекував дека ќе бидам викнат на Остров. На враќањето не му се надевав.

Неговото тело најпосле испливало на површината, пред очите на исплашените рибари, откако (можеби) со денови било заглавено во некоја подводна пештера. Исчезнувањето никој не го ни пријавил. Кој, воопшто, и би го забележал? Валтер живеел повлечено, сам, среде Остров. Кон крајот на деведесеттите, купување куќа во Далмација не бил потег на подостарениот западњак што копнее по жешко, а ефтино сонце. Не. Знаев – можеби единствено јас – зошто го избрал токму тој остров, Остров.

Како што се доближувавме со секој метар кон земјата така бликаа сеќавањата на животот што го снемало, на детството пресечено наварапито, без можноста да се преговара, да се одолжува или да се одзбогува. Останало така: стуткано во паметењето, испокршено, искривоколчено од подоцнежните настани. Се враќаат дури и спомените на сето она што – како четиринаесетгодишник – замислував дека животот го чува само за мене и дека времето сигурно ќе ми го донесе како нешто што ми припаѓа, пустото време кое можело јасно да се согледа од тогашната ни гледна точка во која ама со ништо не се насетувало оти наскоро ќе исчезне сето она што го чинело вчерашниот ни свет. Тој пејзаж сега се наѕира, секогаш ист, недопрен од она што луѓето правеле во него, невин и толку близок, што ми се враќаат далматинските зборови кои со леснотија ги владеев некогаш, во девствената утопија создадена од архипелагот, со сите тие карпи, островца, канали, тврдини и заливи.

Имав чувство дека, како и самиот авион што бргу ја менуваше висината, пропаѓам во сето она што намерно го оставив зад себе, сметајќи дека заслужувам живот без загуба или живот на кој таквата загуба нема да влијае, живот што ќе го создадам самиот, не дозволувајќи им на другите да ми го кројат. И мислев дека успеав. Дури и не се сеќавав на минатото, барем не често. Некогаш би извлекол некое деталче или деталчето би испливало само, повикано од којзнае која причина. Сето друго го чувствував како засекогаш потонато. Тоа и ми овозможи да заживеам сосема нов земски живот, во нов јазик, нова татковина. Мислев дека домот го најдов во Париз, не оној дом што другите го подготвиле за нас, туку дом кој самите си го одбираме, самите го проектираме и го градиме со сопствени раце. Тој дом имаше нарочна заштита од корозивните влијанија на спомените. И ветуваше дека така ќе остане, сѐ до неодамна, до средбата со Валтер Штиклер.

Од Сараево заминав во текот на војната, како бегалец, кај роднините. Потоа тргнав на студии во Франција, од кои веќе не се вратив. Го завршив школувањето, објавив еден краток и незабележителен роман, одвреме-навреме сакав и, верував, бев сакан макар и привремено. Докторирав политички науки и почнав да работам како стручњак за11 леви/левичарски идеологии и општествените движења во Националниот центар за научни истражувања. Дури и самиот бев вклучен во левичарските организации, одев на демонстрации и планирав протестни акции, уредував списание и, понекогаш, со другарите пишував и објавував памфлети, повикувајќи на бунтувања. Но, од денот кога Валтер Штиклер неповикан дошета во тој дом, од таму веќе не можев да го избркам. Приказните на Валтер – таа пролет во 2016 година во Париз – сите политички акции ги турна на страна. Можеби и затоа што, во споредба со Валтеровиот живот, сите ѝ изгледале како безначајни и безефектни. Или можеби затоа што минатото и мене ме фатило за гуша и што, наеднаш, веќе не бев тука, сега и овде.

Кој е Валтер Штиклер? Дури и тие кои не го познавале во седумдесеттите и во осумдесеттите години на минатиот век – кога, на бранот на медиумскиот интерес за новите филозофи тој се афирмирал како остар критичар на комунистичката идеологија и на тогашните режими на реалниот социјализам – веројатно слушнале за него во ноември 2015 година, кога бил грабнат и потоа, по спектакуларна полициска акција, бил најден жив, во подрумот на куќата целосно разурната од експлозијата. Режијата на неговото грабнување му била припишана на познатиот левичарски терорист Владимир (Wladimir) кој, според сведочењето на преживеаниот Штиклер, него лично го грабнал, го држел затворен во подрумот и потоа, најден во тесно, активирал големо количество експлозив.

Грабнувањето на Штиклер беше прва терористичка акција која Владимир (Wladimir) ја организирал уште во раните осумдесетти години. Наспроти неговото повлекување, стручњаците за безбедносни студии, бившите припадници на тајните служби и новинарите фасцинирани од револуционерниот терор тврделе дека Владимир (Wladimir) никогаш не престанал да дејствува, туку дека токму тој (или некој мошне сличен) стои, како инспиратор и организатор,12 зад многуте радикални групи кои бујотеле на почетокот на новиот век. Во оптек беа, исто така, и тврдењата дека Владимир (Wladimir) е таен гостин на латиноамериканските леви влади, особено на браќата Кастро и на Хозе Мухиса, но и на бразилскиот претседател Лула, но и дека токму тој, заедно со subcomandante Маркос, во 1994 година го има кренато познатото запатистичко востание. Се зборуваше и дека неговото влијание кај Маркос било толку силно што токму Владимир (Wladimir) и му ги пишувал прочуените говори. Сепак, сите медиуми се согласиле – сите, од конзервативните, преку либералните до прогресивните – дека, по легендарните акции во Западната Европа во периодот по шеесосма и во текот на седумдесеттите, актот на грабнување на еден интелектуалец можеше слободно да се именува како потег на очајник, потег целосно несоодветен на духот на новите времиња.

Тие денови, медиумите ја искористиле можноста да се распишат за краткото паметење на јавноста и за недоволно развиената свест за погибелноста на левичарскиот тероризам и психопатологија на неговите актери, а сето тоа поради опсесијата од исламските фундаменталисти, кои, како што тврделе и некои подостарени нови филозофи, со левичарите ги поврзува наклонетоста кон тоталитаризмот и омразата кон западнолибералните вредности. Грабнувањето на Валтер Штиклер било толкувано и како потенцијално нова опасна стратегија: целните ликвидации или грабнувањата, не само на државниците или на крупните капиталисти туку и на интелектуалците кои, според нив, ја создале и ја одржуваат хегемонијата на владејачката идеологија. Финансиската криза, која изби есента во 2008 година, капиталистичкиот поредок го стресе од корен, ама не го урна. Требало да се удира — така биле толкувани мотивите на новите радикали — директно во главите. По чудотворното спасување на Валтер Штиклер и по конечното исчезнување на Владимир (Wladimir), кој наводно исчезнал во огинот на динамитираната зграда, многумина самоуверено заклучиле13 дека целото тоа безумно насилство на кое демократиите се изложени од рабовите на политичкиот спектар е, просто, без иднина.

Валтер Штиклер го запознав на почетокот на април 2016 година. Во ноќта, на 31 март, група активисти решила да го запре календарот и ноќта да ја мине на Плоштадот на Републиката. Nuit debout! Почна долгата ноќ на нозе, додека реформираниот календар симболички го одбројува 32 март, па 33, 34… Граѓански собранија, концерти, графити, импровизирана библиотека, дебати, јавни говори, угледни личности, неизбежни судири… Набргу се создаде атмосфера на карневалот, со труби, тапани и песни за борбата, слободата и победите на угнетените, тие кои некогаш ги имавме добиено и тие што допрва ќе дојдат, преку сите маки и гробишта. Договорите, тие денови, секогаш беа исти: вечерва на Плоштадот на Републиката, во чијашто близина и живеев, на Rue du Château d’Eau.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Извадок од книгата „W“”