ЧЕВЛИ
За десеттиот роденден добив нови чевли. Не беа износени, какви што ние децата обично наследувавме од постариот брат или сестра и на кои требаше да фрлиш еден поглед за да ти биде јасно дека веќе го отслужиле своето. Чевлите имаа мека кожа и убаво изработени токи, кои веднаш заблеснуваа на сонцето штом застанам на улица. Дури и татко ми, кој во животот држел бесконечно многу чевли в раце, беше воодушевен: долго ги проучуваше, одблизу ги гледаше шевовите по рабовите и со зглобовите на прстите го потчукнуваше ѓонот. Чевлите ми ги подари сестра му, тетка ми, која речиси сиот живот го помина во Аргентина, и на сите што сакаа да чујат, им кажував дека моите чевли го пропатувале океанот.
Набргу, во нашиот крај имаше свадба. Меѓу сватовите, чевлите собраа исто толкав восхит колку и невестата, но најмногу им се восхитуваше сестра ми. Уште тогаш знаев дека сестра ми, една година помлада од мене, еден ден ќе стане убавица. Имаше долга коса во која сончевите зраци создаваа светлосно виножито, а кога и да ја погледнев в очи, ми се чинеше како да гледам врв на зелени смреки. Потоа, кога сватовите ја украдоа невестата според стариот обичај, па кога младоженецот појде да ја бара, а ние другите ги чекавме да се вратат, татко ми ме замоли да ѝ ги позајмам чевлите на сестра ми, барем неколку минути, за да ги испроба и таа. Не сакав. Уште кога ги обув за првпат, не ме воодушевуваа само чевлите, туку и првото пронаоѓање на убавината, а притоа помислив дека на љубовта не ѝ требаат лица и дека може да се повлекува како бесконечна врвка преку копната и океаните. Сето тоа му го кажав на тато сакајќи да му ја објаснам непопустливоста и на крајот додадов дека според мене љубовта би можело да живее и во чевлите. Гласот ми замре среде радосните извици на сватовите, кои го означија враќањето на младоженецот со пронајдената невеста, а сестра ми, небаре ја повредила радоста на другите, го свена погледот, така што долгата коса ѝ го прекри лицето како завеса.
Само неколку дена подоцна, страшно се разболи. Часовите додека тато, облечен во зелена престилка, се обидуваше да ги закрпи износените чевли што во нашиот крај се пренесуваа од една на друга генерација, ги минав сама покрај нејзиниот кревет, ѝ читав, ја чешлав, ја хранев и ја смирував. Навечер спиев во нејзината соба со лесен сон и се будев на секое нејзино движење, небаре наеднаш ме повлекуваат на површината. Додека таа боледуваше, тато закачи натпис со моите зборови над влезот на чевларницата: Љубовта може да живее и во чевлите. Тоа не ме израдува, туку ми побуди чувство на вина, за која ми се чинеше дека е во ист ритам со плиткото дишење на сестра ми. Откако конечно излезе од собата по еден месец, сета ослабната и бледа во лицето, тато беше толку радосен, што ми ги зеде чевлите и ѝ ги даде нејзе.
*
Се вљубив откако сестра ми и јас веќе долго ги имавме надраснато чевлите што го пропатуваа океанот. Тато немаше синови, па беше јасно дека неговата работа ќе ја преземе некоја од нас двете. Научив да го насетувам материјалот и под прстите да ги препознавам сите вдлабнатини и испакнатини. Сфатив дека ниеден чевел не е ист со друг; левиот, да речеме, морав да го проширам, десниот да го скратам. Забележав и други работи: дека зимно време има многу повеќе работа, зашто тогаш треба да се поправаат ѓоновите и петиците на чевлите, додека на пролет и во лето чевларницата самува. Помислив да го проширам бизнисот, па набргу освен чевли, почнав да шијам чанти, паричници, прерамки, па дури и седла. Гласот за чевларницата со натписот за љубовта се прошири и надвор од границите на нашиот крај, па наскоро почнаа да доаѓаат луѓе и од подалеку.
Беше крајот на јуни кога во чевларницата влезе тој. Нешто толку силно се помести во моите гради, што речиси ми се заклати подот под нозете. Рацете ми се здрвија, а јазикот ми стана неупотреблив како парче месо. Тој си ги собу чевлите од нозете и ги крена во воздух. Ѓоновите се држеа само кај петицата, а напред висеа удолу како пресушени јазици. „Толку е жешко, што дури и лепакот се топи.“ Станав од зад масата и ми олесна кога сфатив дека нозете ме држат. Зачекорив кон него и почувствував дека фустанот и неговиот поглед ми се лепат за препотеното тело. Тој ден дознав дека љубовта може да живее и во дланките, кои ги засенчуваат очите од летното сонце, во ушните школки поцрвенети од жештината и во босите стапала. Кога си замина со поправените чевли на нозете и со насмевка на усните, дланките во кои до пред малку му ги држев чевлите си ги ставив на лицето и длабоко воздивнав.
Беше еден од шумарите што цело лето сечеа дрва во шумата, а есента ги товареа во камионите и ги возеа до престолнината или преку границата. За разлика од другите шумари, беше на моја возраст. Ние младите што не заминавме на студии или на работа во престолнината или во Италија, туку останавме дома, можевме да се изброиме на прстите од двете раце. Навечер, кога ќе завршеше со работа, обично ѝ се придружуваше на нашата мала група. Како бисери на конец ги нижеше приказните од престолнината, така што сите го слушавме со отворена уста, а некои и со горчлив вкус на јазикот, кој не можеше да го измие ни слаткото вино. Неговите приказни беа свети за мене, но имаше и такви што, веднаш штом го снема, потврдуваа дека се чиста измислица. Една вечер, кога беше особено забавно и нашата маса беше полна со испразнети чаши, по една приказна, тој стана да си замине, при што се сопна и падна, што кај најзавидливите предизвика гласна смеа. Уште пред да можам да ги замолчам, нешто тресна гласно и смеата секна како пресечена. Една педа покрај столот на сестра ми лежеше шишето вино на парчиња. Додека пријателите ѝ префрлаа дека поарчила речиси полно шише добар пијалак, јас забележав како погледите им се пресретнаа. Нивните погледи ја зазедоа целата просторија и ми оставија само мала цепнатинка од која едвај имав простор да вдишам од топлиот вечерен воздух.
*
Кога во летните попладниња ќе станеше неподносливо за работа во чевларницата, татко ми ќе ја поставеше работната маса на улицата, под сенка на крошните од дрвјата. Оттаму имав поглед на прашливиот пат, сончогледовите полиња и високите смреки што се вишеа кон вжареното небо. Но, за моите очи тоа беше само безвредна кулиса доколку пред неа не се појавеше тој. Живеев само за украдените мигови кога ќе застане среде мојата чевларница и ќе размени неколку зборови со мене. Штом ќе се збогуваше, гледав накај него сѐ додека не исчезнеше зад аголот, надевајќи се дека ќе се сврти уште еднаш. Еднаш, во таков миг, ми пријде татко ми. Стоевме под стариот натпис од кој дождовите во текот на изминатите години веќе ја испрале бојата, кога ми рече: „Само еднаш сум ти видел таков сјај во очите: кога тетка ти ти ги подари чевлите. Никогаш не ти се извинив што ѝ ги дадов на сестра ти.“ Го крена погледот кон натписот и се насмевна. „Сѐ уште веруваш дека љубовта може да живее во чевлите?“
Еден ден од детството, сестра ми се врати од училиште сета расплакана, татко ми ме седна на триножникот и ме праша дали имам некаква претстава каде би можеле да бидат чевлите на сестра ми. Зјапав во калапот на кој пред малку ја беше оптегнал вештачката кожа и сакав да му кажам дека тоа не се чевли на сестра ми, туку мои. Не му кажав дека за време на училишниот час се извинив дека морам да одам во веце, а потоа заминав до долниот кат, право во гардеробата, каде што од под закачалката со името на сестра ми ги извлеков моите чевли и со нив под блузата истрчав надвор. На асфалтираното игралиште, каде што за време на одморите игравме народна, имаше еден дел необработена земја. Со голи раце ископав дупка под дрвото. Премолчев дека чевлите што го пропатуваа целиот океан сега лежеа под земја, а моите дланки, сѐ уште извалкани од земјата, грчевито ги стискав во џебовите.
А сега само се насмевнав на прашањето на татко ми, го оставив да мисли дека сѐ уште верувам дека љубовта може да живее во чевлите, иако, всушност, верував само во љубовта кон шумарот. Секоја ноќ го сонував, а преку ден трескавично си замислував како ќе ме земе со себе во престолнината и како оттогаш, па натаму, во сите приказни ќе раскажува само за мене.
*
Шумарите организираа танц на чистинката покрај шумата. Меѓу складовите со трупци што ширеа мирис во воздухот, поставија маси и клупи, ние донесовме храна и пиење. Набргу се стемни, моравме да ги запалиме светилките, кои ни ги осветлуваа само разиграните нозе, додека лицата ни остануваа во мрак – и неговото беше замрачено кога неочекувано ме зграпчи околу половината и заигра со мене. Крвта ми вриеше во жилите, здивена од љубов и од виното.
Малку по полноќ, воздухот сѐ уште трепереше од жештината. Свртев накај дрвјата во близина. Додека си го кревав фустанот околу половината, некој ги изгасна светилките и ја придуши музиката, така што јасно можев да го слушнам млазот што се сипуваше врз шумската земја. Се враќав во мрак, патот ми го покажуваа само светлината на ѕвездите и бледите силуети, кои во парови или во помалечки групи седеа на земјата. Го следев мирисот на дрвјата и кружев околу складовите. Го чувствував секое придвижување, затоа што летната облека ми се триеше од телото. Кожата ми беше расцветана од копнеж по уште еден негов допир. На моите очи им требаше неколку секунди да ги препознаат контурите: складот трупци, кацигата што некој ја заборавил на земја, ќебето со карирана шара и двете тела испреплетени врз него. Во едвај чујното мрморење му го препознав гласот. Врз ќебето како лепеза беше распослана косата на сестра ми. Летото исчезна, а на моето препотено тело му застуде како посипано со иње.
*
Се венчаа првиот есенски ден. Камионите, еден по друг, го напуштаа нашиот крај, натоварени со дрва. По свадбата требаше да заминат и тие двајцата. Денот пред тоа го прележав во солзи, ги наслушнував сѐ попијаните гласови на моите пријатели, кои поставуваа колона пред куќата и очигледно забораваа дека идниот младоженец до пред некој месец ѝ беше потполн странец на сестра ми. Кога очите ми беа сосем болни и суви, си го прекрив лицето со дланките и длабоко вдишав. Ми се чинеше како да беше вчера кога в раце му ги држев чевлите, продолжетокот на неговото тело. Наместо на нив, моите дланки сега мирисаа на влажна земја. Прстите ги излизгав надолу по телото и си посегнав меѓу нозете, кон единствениот дел што остана неопфатен од ињето. Кога сите заминаа в црква, а куќата ја исполни тишина, сфатив дека љубовта може да мириса и на црна земја и дека е за само една педа оддалечена од омразата.
Тато ѝ подари сосем нови чевли за свадбата, од тенка кожа и лесни како пердув. Дојдов во дворот баш кога ги облекуваше. Кога ме погледа, лицето ѝ се осветли и на нејзините постојано бледи образи се прикраде руменило. Долгата коса ѝ беше собрана во пунџа. Никогаш не била толку убава. Трпеливо чекав избраниците да си ги кажат здравиците и да заиграат среде дворот. Потоа, штом него го опколија шумарите со добри желби, ја зграпчив сестра ми за рака. Додека чекореше по мене, чевлите не ѝ правеа речиси никаков шум. Незабележително го напуштивме дворот и излеговме на патот. Наместо да ја одведам во најблискиот локал, каде што тој ќе може да ја најде и да плати рунда пијачки, каков што беше обичајот, свртев во друга насока. Кога ја одминавме последната куќа на крајот од патот, не се противеше, а кога пред нас се појави шумата, не рече ништо. Целиот пат не се свртев кон неа. Ѝ ја чувствував само дланката што меко лежеше во мојата, исто како што стапалото меко легнува во совршено изработен чевел. Ја погледнав само еднаш: кога застанавме пред еден од камионите што сѐ уште не тргнале на пат, па ѝ помогнав да се качи. Очите ѝ беа потемни од најтемната шума.
Седевме во тишина на попречно исечените трупци од кои капеше смола, која ни се лепеше за голите нозе. Набргу потоа, кога моторот се затресе и камионот тргна на патот што водеше накај границата, сестра ми си ги собу новите чевли и ги стави пред мене.