ЗА ТРИЛОГИЈАТА „КРУЖНО ПАТУВАЊЕ“

Трилогијата „Кружно патување“ е анимиран проект со вдахновена тимска соработка, составен од три посебни целини, поврзани меѓусебно преку неколку важни компоненти – од идејата, нејзината трансформација во филмско сценарио до режисерскиот метод, со свои специфичности и иновации за секоја од трите приказни, што се темелат врз репетитивна наративна структура, тематски одредена преку дејствиетто во самите приказни: во „Сенката“ тагата по изгубениот син, во „Марето“ откривањето на магијата на филмот, во „Монахот“ неверојатната сила на љубовта и инспирацијата. Би истакнал уште една компонента што ја вклопивме во изработката на филмовите: секоја приказна е поврзана со препознатлив македонски амбиент: првиот филм е сместен во едно старо и едно ново Скопје, пред и после земјотресот, вториот е во руралната и урбана Битола во времето на браќата Манаки и третиот во средновековниот мистичен манастир св. Заум на брегот на Охридското езеро.

Кружно патување на сенката

Сценариото за филмот е базирано врз истоимениот расказ од Димитар Солев, длабоко поврзан со личната болка наспроти општата отуѓеност. Во својата постојана експанзија, градот на живите не запира пред градот на мртвите. Стариот железничар ги преселува коските на својот син од едни гробишта на други и се одново сади фиданка над неговиот гроб. Сценариото е поделено на три еднакви целини, коишто се и три периоди од историјата на Скопје, а и три периоди од животот на таткото. Прераната загуба на своето дете го оттргнува таткото од реалноста на секојдневието и ништо повеќе нема важност освен да стигне, со секое доаѓање постар и понемоќен, до гробот на својот син, за да му посади дрвце да му држи сенка. Во завршната сцена старецот се преобразува во дрво.

 

Кружно патување на Марето

Сценариото за овој анимиран филм што го работев со Жарко Иванов е инспирано од вистинска приказна за говедарка која, кога за прв пат оди во кино, гледа вестерн филм и кога говедата се затрчуваат кон камерата, од страв рипнува и ги брка.

Приказната се случува во Мариово, централен лик е тамошна говедарка која ги пасе кравите крај селото. Кога на крајот од денот ќе тргне да ги спотера животните кон шталата мора силно да вика. Затворајќи ги, оди кон дома, кон старата камена куќа пред која седи и преде баба ѝ, бабата Деспина од снимките на браќата Манаки. Во следната сцена девојката се дотерува и тргнува кон градот. Поминува низ неколку карактеристични мариовски пејзажи, по пат сретнува призори од документарците на Манаки. Кога ќе влезе во киното, ќе ги види пред себе сите сцени низ кои поминала на пат до градот, а кога на платното ќе се појават кравите од кадарот од Ветеринарната болница, ќе скокне и гласно ќе ги побрка. Крупниот кадар од нејзиното лице нѐ враќа повторно назад на полето каде што е со своите крави.

 

Кружно патување на Монахот

И ова заедничко сценарио со Жарко е резултат на поопстојно истражување како да се навлезе во една неконвенционална, волшебна, аниматорска приказна. Во манастирот Св. Богородица, Заум, е насликана една од највпечатливите и најконтроверзни фрески, Св. Ана Млекопитателница како со гола града ја дои Богородица.

Така се роди идејата за иконописецот покрај охридското езеро, кој слика фрески во манастир далеку од цивилизацијата. Сензуалноста, живите бои на фреската со Св. Ана нѐ донесе до митот за охридските самовили т.н. „езерки“. Се потсетив на еден од долгите разговори со мудриот Душко Наневски, што ме поттикна со страст да ја препрочитаме неговата густа, слоевита книга истражувачки есеи „Раѓање на метафората“. Од гледиште на еросот и љубовта, самовилите се заводнички убавици, кои мамат во љубовна игра, крај извори, реки, шуми и езера, во белина на месечината, со чародејство на музиката: старогрчките нереиди, кои управуваат со водите, римските фати, собрани по три, кои ги извлекуваат нишките на човечките судбини, француските феи, ирските банши, германските елфи, скандинавските вилу, руските русалки кои танцуваат и пеат крај водите… Кај македонскиот и кај останатите јужнословенски народи, пишува Наневски, биле замислувани како млади, исклучително убави девојки, во бела, проѕирна облека, со долга, руса коса на плеќите, со крила под мишки, симбол за лесен, подвижен дух, играат самовилско оро и заведуваат. Се случува да се мажат за јунаци, дури и да раѓаат деца, но не признаваат брачни обврски.

Од целото ова истражување се роди идејата за креативниот спој меѓу народните верувања и религијата во приказната за самотниот иконописец, кој намамен од езерските самовили ќе се инспирира од самовилата-мајка за да ја наслика фреската Св. Ана (несомнен поттик беа голите „вештерки“ во „Андреј Рубљов“ на Тарковски). За да се потенцира осамувањето на човек што решил да биде сам со себе и со бога, во долги кадри монахот е прикажан како копа во градината, како го средува дворот околу манастирот, бере јаболко по јаболко, долго весла, лови риба, бавно јаде со раце од примитивни садови… сѐ додека од кајчето не слушне женски гласови во далечината. Најпрвин ќе мисли дека ѓаволот го предизвикува, го лаже на соблазна, сѐ додека гласовите не станат појасни и самиот не отиде да се увери во нивното постоење. Здогледува три прекрасни самовили како се капат и си играат меѓу брановите на езерото. Едната се преобразува во лебед, втората во пастрмка, а третата, задржувајќи го својот човечки лик, поитува кон брегот да го надои своето бебе пред ширум отворените очи на мoнахот. Убавината и сензуалноста на глетката со самовилата и нејзиното чедо ќе ја пробуди дарбата што долго мируваше во него. Да ја наслика на манастирскиот ѕид фреската – Св. Ана Млекопитателница.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
ФУСНОТИ, 2
Тие што ги праќаат сопствените сеќавања на брановите на поезијата за да...
Повеќе
0 replies on “ЗА ТРИЛОГИЈАТА „КРУЖНО ПАТУВАЊЕ“”