Во раните триесетти години од дваесеттиот век во едно скопско село живееше една половина од мојата семејна лоза. Тоа била онаа фамилија од татковата страна.
Кога бев дете мајката на мојот татко неретко уживаше да ми раскаже понекоја приказна за случките и животот на моите предци.
Беше зимска ноќ кога лежејќи до неа слушав за овие настани;
Во минатото внучко, на село после војната ние многу тешко живеевме.
Почнуваше да кажува баба ми.
Од рано утро станувавме сите зафатени со своја работа. Мајка ми моја имаше 6 деца, две ќерки и четири синови бевме.
Јас бев најстарата меѓу нив и се чувствував како нивна втора мајка. Таа имала и други дечиња, но и умирале од болести.
Прво ќе станев да ја средам куќата, од рани зори го палев огинот, замесував леб и подготвував појадок за браќата. Мојот татко одеше на пазар во Скопје најчесто на коњ па оттаму на пат за Бугарија по работа. Многу денови дома не го гледавме и моите помали браќа мораа да се учат да работат од сè по нешто. Јас сите нив ги чував, беа помали од мене по неколку години. Во тоа време немаше коли како сега, ќе се качиш на коњот и ќе заминеш, па кога ќе се вратиш само Господ знаеше.
Тешки времиња беа тоа, велеше. Мир немавме од бугарите, што и да заработивме од храна, стока, па дури и некоја ситна паричка се ќе ни земеа како данок.
Така мајка ми, напатена од турското па и од бугарското време честопати ќе ни речеше; Сè што ќе остане од стоката да го криеме во бачилата, кои беа повисоко на планината. И така беше. Ќе го земеше таа нашиот најмал брат и сама ќе заминеше горе на бачилата да ги пасе и гледа овците.
Таму чувавме се. Ретко дома симнуваше по некое парче сирење, пресно млеко а дури и бутинот таму го чуваше, горе, каде што не можеа да се качуваат натрапниците.
Уште рано в зори таа заминуваше и дури на зајдисонце ќе дојдеше дома. Преморена.
Страдалничка си беше мајка, велеше баба ми за нејзината мајка, за која добро паметам дека живееше близу осумдесет години. Ниска жена со долги бели плетени коси во црвена шамија и очи сини како џамлии, навистина полни со добрина и искреност.
Сакам да знаеш за една случка за која долго се зборуваше во селото, а и денес оние кои се живи се случува да ја раскажуваат на помладите.
Едно рано утро, горе високо на планините кога ги пуштала овците на пасење, прабаба ти се сетила на татко ми и седната на тревата тивко почнала да го оплакува. Веќе неколку месеци тоа време тој не беше дома.
Најмалиот брат одејќи по овците се оддалечил од неа и застанат под сенката на некое дреново дрво ја гледал со длабока загриженост, не знаејќи поточно која е причината.
По кратко време тој се оддалечил од неа и отишол по овците, но по некое време многу огладнел и си намислил нешто да земе да касне, но кога погледнал добро видел дека си ја заборавил торбичката со лепчето. Решил повторно да се врати назад до трлото за да си ја земе торбата.
Кога се вратил до бачилото видел како мајка ми си зборува и гали една срна.
Не можел да си поверува на очите. Како ли е можно тоа плашливо и диво суштество да ја гледа и да ѝ се доближи толку блиску.
Се задскрил крај густите смреки и со чудење продолжил да гледа.
Прабаба ти, сине и ги кажувала маките на срната. А таа непрекинато ја гледала во очи.
Ќе ги подизбришела солзите и после со блага насмевка и кажувала за сите нас.
И велела: Имав осум дечиња, две ми починаа од чумата, сега имам уште шест, сите убави, високи и стројни, ми го нема стопанот еве 2 месеца …Таков е животот и велела на срната, со тага и болка во гласот, но воедно била и многу смирена во дијалогот.
После разговорот ја погалила срната, и дала нешто да касне и таа нечујно си заминала во длабоката шума. Брат ми од чудење заборавил да јаде. Прв пат во животот видел некој човек да има контакт со срна. Луѓето во минатото чувале различни животни, но срните се многу плашливи и ретко човек може да ги види а коамло пак да ги гали.
Таква жена беше твојата прабаба, кротка, мила и добра. После се слушаше дека и друг пат доаѓала срната, дури и вода пиела кај бачилото, ама мајка ми за тоа многу не зборуваше. Секогаш тивко си молчеше за тие средби. Еве изминуваа години и остана да се раскажува за средбите на мојата мајка со прекрасното животно.
Имај лесен сон мило мое ми рече баба ми и ме покри, за добра ноќ.
Тагови од објавата
Број 145-146
More from Мирослав Трајковски
Срамежливо светење во ноќта
Погледнувам спроти мојата улица и забележувам дека една птица стои на дрвото.
Повеќе