Волга, Волга

Името ми е Џелал Пљевљак. Триесет и пет години работам како цивилно лице во војската. Вчера полковник Узелац ме викна во канцеларијата, ме почести кафе и ме праша дали сакам во пензија. Стажот ми го впишуваа како да сум активен старешина, заставник прва класа, и веќе одамна требаше да се пензионирам.
Можеше да појдеш во Санџак, на село, да си седнеш пред куќи, па да си гледаш во сливарникот и да си уживаш. Така ми рече, и сѐ нешто ме гледа под око, да чуе што ќе му одговорам. Велам: немам јас, другар полковник, свој сливарник, немам ни куќа, му ја оставив на брат ми Рагиб, кој пред три години се пресели и куќата им ја остави на синовите. А нив не сум ги видел веќе дваесет и некоја година, зашто толку не сум бил во Санџак, па сега си мислам дека го немам ни Санџак, како што немам ни куќа ни сливарник.
Тој ме гледа и туку ми мавта со главата небаре пред себе има тешко болен. Што да правиме тогаш со тебе, земјак, ми вели и тропка со налив-перото по моето досие и туку тресе капки мастило. Се размачкуваат по работната книшка и карактеристиките што пред петнаесет години ги донесов од Башка Вода, запечатени со печатот на мајор Терзиќ, и, како што е редот, никогаш не дознав што пишува во нив. Сега гледам како по испишаните документи капе мастило, се размачкува, така што веќе никој нема да може ни да ги прочита.
Би требало да ми биде сеедно, а мене не ми е сеедно. Би го замолил полковникот да престане да тресе и да тропка со перото, а не можам, не е во ред, туку гледам во она златно врвче и туку си мислам дека ќе ме види дека гледам и ќе престане.
И што правиме сега, ме прашува. Ако некако може, му одговарам, дајте ми уште една година да работам. Ама до напролет да се средиш, да појдеш во Санџак кај тие твоите внуци од брат ти, да им кажеш каква е работата и да ти дадат парче земја, да изградиш куќа и да посадиш сливарник. Да можеш во ова време догодина да се вселиш и да ја чекаш пролетта, младите сливи првпат да ги поткастриш. Ме разбра ли, Џелале? Реков: разбрав, и фала ви, ова нема да ви го заборавам. И немој, памети го. Ако ти не запаметиш, сѐ има да отиде во мајчината, побудалеа луѓево, сѐ ќе заборават, и што било и што не смее да биде.
Така тој мене, а јас станав, па кон вратата. Што правиме сега, ме праша пред да излезам. Ништо, реков, петок е утре. И Нова година. Е, па, Среќна Нова година, Џелале! Среќна и вам, полковнику. Така се разидовме.
Ова е трета година како го водиме истиов разговор. Полковник Узелац вели дека ми е време за пензија. Ме прашува за сливарникот и за куќата во Санџак, а јас искрено, да не излажам, му велам дека немам ништо. Тој мавта со главата како да сум тешко болен и ми ја подарува уште таа една година, ама до следната да изградам куќа и да посадам сливарник. Го гледам и се мислам, заборавил ли што ми рече минатата година или се прави дека заборавил. Помило би ми било само да се прави, зашто ако не е така, тогаш ќе излезе дека сум го измамил и дека и оваа и претходните години сум направил грев. Нема да дознаам што е вистина.
Утро е, шест часот, не е разденето, ама морам на пат.
Слегувам во гаражата, хаусторот корне на бакалар и човечка мочка, зад некоја врата се слуша музика, зад некоја друга ’рчење. Некој се исповратил кај излезот. Младост е тоа, родителите првпат ги пуштаат да слават со пријателите, а тие што да прават, ќе се напијат небаре им е последен пат. Мислам така на нив за да не морам на нешто друго.
Бравата за’рѓала, еден ден во неа ќе пукне клучот. Убаво би било конечно да се промени. Го помислувам тоа секој петок, а веќе во сабота не се сеќавам. Сѐ додека едно утро не пукне клучот.
„Волгата“ во полумракот свети како пијано.
Ја гледам и си мислам колку е убава, додека на ум ми паѓа пијаното во шибенскиот Дом на армијата, годината беше 1969, се селеше Центарот за врски, па ме повикаа на испомош, требаше да се почека некој капетан, Словенец, се викаше Митја Калц, и додека чекавме така, еден војник седна на тоа пијано, никого не праша, туку само почна да свири. Војникот беше од Белград, рус како палачинка, а ситен, немаше ни да го запаметам да не засвиреше тогаш. Еј, требаше човек да се осмели пред старешините!
Не знам што свиреше, не се разбирам во музика, ама брзо престана.
Никој ништо не му рече, само по една минута, можеби и пократко, стана, го спушти капакот, и тоа беше крај. Благодарен сум му на тој војник, милостивиот Бог знае што се случува денес со него, дали се снашол во животот или некаде свири по кафеани. Тој ми остави сеќавање на тој ден. Да не беше тој, ќе заборавев дека го чекавме капетан Калц, дека бевме во Домот на армијата и дека бевме во Шибеник, а можеби немаше да се сеќавам ни дека се селеше Центарот за врски. Да не беше тој војник, еден ден ќе исчезнеше како да не сум го живеел. Голема работа е тоа, кога некој не сакајќи ќе ти спаси ден од животот.
Еве, сега не би ни знаел со која црнотија е црна оваа моја „волга“. Ќе ја гледав изутрина и нешто ќе ми фалеше да не беше тоа пијано.
Синоќа го испразнив гепекот, извадив сѐ што е вишок и што се насобрало во овие две години. А се собира ѓубре, исто како на таван или во подрум, колку и да пази човек. Точно е дека „волгата“ не ја миев и не ја чистев често, можеби само десетина пати, ама и да ја чистев, сега ќе беше исто.
Во гаражата, на триножникот, го оставив и шоферскиот дневник на покојниот генерал Карамујиќ: училишна тетратка со тврди црвени корици, во која го запишувал секое возење, секој резервоар бензин, однесувањето на возилото на пат, дефектите и звукот на моторот. Се мислам, поарно дневникот да остане тука, зашто којзнае што би можело да се случи после и како би можело да се сфати она што го пишувал мојот генерал. А ич не би ми било драго нешто погрешно да се сфати.
Гледам уште еднаш една по една преграда, дупка и фиока, случајно да не остане нешто.
И не ми се брза, Нова година е, мирен ден, нема да има сообраќај на патот. Морето кон Брач сиво е како челик, ама нема бура, така што зимата не се чувствува. Ја затворам зад себе вратата од гаражата, пазам да не тресне – комшиите да не се разбудат, па чекам да се загрее моторот.
Има еден прозорец на вториот кат од зградата отспротива што веќе со години го гледам.
Завесата се помрднува, зад неа има седа женска глава, стои и ме чека да тргнам. Душата сака да ѝ знае каде одам, па туку се надева дека еден ден ќе ѝ кажам. Секој петок, точно во шест и петнаесет наутро, додека светот околу неа спие, излегува на прозорецот, зашто знае дека ќе ме види. Само малку ја помрднува завесата, само колку да ја провлече главата, по што судам дека уште некој спие во собата, а нејзе ѝ е страв да не го разбуди. Гледа и чека толку колку што треба, некогаш десет минути, а некогаш и пола саат. Други утра ја нема кај прозорецот. Знам, затоа што некогаш тргнувам на работа веднаш по шест, па гледам, а неа ја нема. Си мислам дека секој петок станува само за мене, или поради својата љубопитност. Ама потоа мислам дека, можеби, таа така му се моли на Бога. Така што мене секој петок во шест и петнаесет ме гледа низ прозорецот.
Тргнувам за да не чека многу жената.
Ова е „волга М24“, година на производство 1971. Моќна руска кола, ама многу троши. Ја купив од генерал Мусадик Карамујиќ, а тој ја купил од генерал Никола Љубичиќ. Евтино му ја продал, зашто сакал да се ослободи од „волгата“, па и Карамујиќ мене ми ја продаде евтино, затоа што одеше во пензија.
Кога ја продавал генерал Љубичиќ, се зборува дека стигнала депеша од Маршалатот дека не се гледа најдобро на старешините што возат руски коли, „москвичи“ и „запорошци“. Љубичиќ ја продал „волгата“ за да им биде пример на другите. А Карамујиќ ја купил затоа што му било сеедно. Се шегуваше велејќи дека депешата не се однесува на него и дека не би било убаво тој како Музафер да вози турска кола, додека руската во неговиот случај не може да биде проблем.
Па ќе ја запееше песната „Волга, Волга“, а убаво пееше, особено руски песни.
Кога генерал Карамујиќ пееше, на оние што го слушаа очите им се полнеа со солзи. Немаше да го кажувам тоа да не знаев и да не гледав повеќепати и да не плачев и самиот со него.
Тоа беше, се сеќавам, времето кога Никсон ја посети Југославија, тогаш Љубичиќ на Карамујиќ му ја продаде „волгата“. Потоа го гледавме на телевизија како му предава рапорт на американскиот претседател. Тој ден не беше ладно, ама кога Никсон излезе пред водот војници, а Љубичиќ му салутираше, почнавме да мрзнеме. Нѐ имаше десетина во офицерската сала, ние тројцата возачи, а другото водници, заставници и поручник Ќесојевиќ. Чекавме да дојде мајор Спирковски, па да се тргне кон Книн, и се тресевме од студот, сите како еден. Траеше тоа уште пола саат откако помина дневникот, молчевме, никој збор не кажа. А што ќе зборуваш кога тоа се опасни работи.
Потоа животот почна да се враќа во нас. Што стана работава?, прв се јави Јозо Комшо, најстариот шофер во дивизионот. Ништо не стана, другар Јозо, и не помислувај никогаш дека станало, му одговори заставник Милутиновиќ.
Утредента завршив во амбуланта поради замрзнатини на ножните прсти. Се чудеше докторот од каде ми се, ама не му кажав.
Се зборуваше дека Хенри Кисинџер наредил преку шпиони да се утврди бројот на југословенските офицери и подофицери што возат руски коли. Можеби тоа и не е вистина, не знам. Како што се зборуваше, така и паметам.
Неколку месеци откако ја купи „волгата“, на генерал Карамујиќ му умре жената.
Одненадеж, не беше болна, само едно утро не станала од креветот. Сандакот ѝ го покрија со знаме, партиско, а покрај сандакот шесте сина, од секоја страна по тројца. Ниеден не плаче.
Генералот не даде Милка да се закопа во Сплит, туку ја возеа во Сараево, на што не се гледаше добро и се озборуваше Карамујо по командата што постапил така. Такво време беше, чудно и чувствително, по Маспок, кога на секого и на сѐ се гледаше со ширум отворени очи. Безбели отиде да ја копа во Сараево зашто над градот има триста минариња. Турчин, асли Турчин! Се слушаше така, се шепотеше по ќошињата во офицерската кантина, а јас не знам кој зборуваше, зашто се трудев да не чујам, па го пречув и она што го имав чуено, додека она што не можев да го пречујам веднаш и го заборавив. Најарно е така. Особено мене. А несреќникот Мусадик ниту беше верник, ниту за дин знаеше ниту иман имаше, туку него очајот го водеше низ животот, иако се чинеше дека е ведар човек сѐ додека не запее руски песни.
После не се женеше, а поарно ќе му беше да се оженеше. Велат дека една сплиќанка, по име Радојка, се интересирала за него, ама дека му било непријатно пред шесте сина. Сенешто зборуваат луѓето, човек не може да знае што е вистина.
Секоја недела одеше во Трогир да ја мие „волгата“. Имаше едно место, чешма во дворот на автомеханичарската работилница, и тука ќе ги земеше цревото и сунѓерот в раце, и така до попладне. Луѓето го сакаа зашто измислуваше вицови. Велеа нашиот генерал, а нему му беше мило. Сираче од источна Босна, татко му го убиле како домобран, мајка му ја заклале четниците, пораснал по домови. Детето не знаело точно кое е, ни чие е. Затоа му беше мило кога трогираните велеа нашиот генерал.
Кога и да асфалтираа нешто или кога се копаше вода и канализација, трогирани го бараа Карамујиќ да ургира, било во Сплит било во Загреб. А кога во 1972 ги испоуапсија некои што застраниле по прашањето за Савка и Трипало или премногу ги гледале додека мавтале со хрватските знамиња и ги слушале додека пееле тоа што не треба, Карамујиќ ургираше во Сплит луѓето да се пуштат намира. И навистина, утредента ги пуштија. Се сеќавам, тоа беше во времето на големите маневри Слобода 72, го возев генералот во Книн, кога кај Брназе нѐ застана воена полиција. Говедо со бели војнички прерамки, два метри и сто дваесет кила на него, а ќелав. Нема ни веѓи ни трепки, па изгледа како да е искапен во млеко, баш така. Вели: генерале, појдете со мене! Така му вели, а обичен војник е. Карамујо го гледа, не си верува на очите, лицето му се зарумени, па, демек, се чешка по футролата со пиштолот. Молчи и не се мрда. Генерале, имам наредба, повторува говедото, а гледаш, сеедно му е што ќе направи генералот. Што и да направи, тој својата наредба ја извршува. Тука се уплашив.
Првпат видов дека војник може да биде над генерал.
Останав така да чекам, паркиран речиси среде патот, а тие двајцата седнаа во воениот „цитроен ајкула“, и заминаа. Толку бев уплашен, што не се ни зачудив. После ќе чујам дека се одвезле само двесте метри подолу, до пред ресторанот „Сонце“. Говедото го вовел внатре, наоколу седат луѓе, јадат јагнешко, деца се фаќаат за чаршафите, мајките викаат по нив. Лето е, народот тргнал на море и не можеш да најдеш слободна маса. А генералот во воена униформа, не знае кај го довел овој и што сака од него. Сѐ му се чини дека голема беља е во прашање.
Или е беља, или шегава некој ќе ја плати со чинот и со прекоманда на Ластово.
Во аголот, на масата до самиот шанк седи и гледа во менито постар човек во апостолки, шорц и кошула на која се насликани палми.
Генералот во првиот миг не го ни препознал, затоа што го имал гледано само во униформа: полковник Адолф Реш. Му се потсекле нозете, колку и да бил постар по чин, зашто веќе дваесет години се знаеше редот: кого ќе го викне Реш, нему следната станица му е Лепоглава или Голи Оток.
Тој уште на Ѓилас му има речено дека веќе не е Ѓилас.
Вели, седи, Мујо, што ќе јадеш? Не сум гладен, му одговара генералот. Не си сега, ама ќе бидеш после, затоа е подобро веднаш да се најадеш. А тој што да прави, нарачал јагнешко.
Додека го чекале, Реш фатил да раскажува како тргнал на море, ете, баш неодамна купил стара куќа на Пељешац, па сега ја уредува, се забавува малку и се подготвува за пензионерските денови. Му ја црта куќата по салфетката, а добро црташе полковникот, сѐ што ќе нацрта личи ко да е живо, и сакаше да му црта секому што го испитуваше или менуваше. Велат дека на Ранковиќ му го нацртал Дубровник во раката на свети Влахо, сосе една куќа во Стариот Град, пред да му каже дека Тито за пола час ќе го смени, а дека нему му преостанува да бира дали сака да се застрела и да биде запаметен како српски херој или во Дубровник ќе биде пензионер, а војската и партијата ќе се погрижат никој да не го запамети како херој.
И додека така на генерал Карамујиќ му ја цртал својата куќа на Пељешац, лозата и чардаклијата пред куќи, жена си Штефица, професорка по историја, како седи под чардаклијата и го чита Толстој, внуците што си играат околу масата и персиската мачка Сидонија кај Штефица в скут, на генералот му се причинило дека ги слуша осите под лозата на Реш, додека пијат од слатките зрна грозје.
Од каде оси на грозјево, а есента е уште далеку?, си се зачудил во себе Карамујо.
Реш го зачарал и го зел под свое: веќе не чувствувал страв, само кротко чекал кога ќе му биде скршен вратот.

(Превод од хрватски: Ѓоко Здравески)

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Prim and proper girls. I love them
Моето прашање е кога обичноста, пристојното однесување и манири / prim and...
Повеќе
0 replies on “Волга, Волга”