По прочитот на „Ѕуница“, светот ќе може да е поубав, со вистински бои

Со сликовницата „Ѕуница“, Бранислав Николов, автор познат под псевдонимот Пијан Славеј, во книжевноста за деца прави авторски исчекор со идеја која е креативна и од книжевен, и од педагошки аспект. „Сè е лесно, / сè е можно, / кога се живее братски и сложно!“ е клучната порака на сликовницата. Но, до оваа порака, преку ова дело – спој на поетскиот текст на Николов и илустрациите на Иванка НиБа, детето не доаѓа исклучиво преку „заокружен свет“ меѓу кориците што од него би барал само да ги восприеми авторските размисли преточени во (поетски) слики, туку и преку сопствената интеракција со текстот и илустрацијата, во која и ќе ја искаже сопствената креативност.
Поконкретно, „Ѕуница“ е сликовница која и на забавен начин, преку приказна напишана во стихови, а соодветна за возраста, со поучна авантура, на детето ќе му открие дека нема среќа и сонце за никого дури не се сите среќни. Но и дека до таа среќа се доаѓа само со заедништво и со меѓусебна помош, кога секој од заедницата ќе го даде својот придонес за заедничката среќа и светлина. Само така, светот, и оној личниот, и оној заедничкиот ќе може да ги има сите бои, оти во вистинска смисла светот не е црн-бел. Само заеднички може да му се дадат неговите вистински бои, преку оние што ги има на ѕуницата. И мошне важно, ваквата дидактика не само што е ненаметлива, туку авторот настојува да ја оствари и на начин кој е соодветен и за детето на нашето време во кое секојдневно се говори за потребата од книжевни дела кои ќе можат да го задржат детското внимание, да поучат за вистински вредности и да ги поттикнат детската креативност и критичкото мислење.
Денешното дете, со интеракција може да учествува во приказната на Николов и НиБа раскажана во стихови и илустрации или едноставно во слики – поетски и уметнички. А таа приказна, неслучајно започнува во зима кога секое животно сака различна боја, и можеби себично сака да ја добие само својата, без да се грижи за потребите на другите, и неслучајно завршува во пролет, со сознанието дека нема пролет без сите бои, кога конечно ќе изгрее сонцето. Затоа што пораките од оваа приказна, детето ќе ги осознава не само преку текстот, туку и преку концептот со црно-бели илустрации во еден дел од сликовницата, на кои токму тоа може да им ги даде боите. Па така, дидактиката соодветна за книжевноста за деца во ова дело е повеќекратна – детето може да го анализира книжевниот текст и да го препознава она што го има во него, а кое го забележува и во светот околу себе, критички да размислува и самостојно да ги разбере пораките и да ја искаже својата креативност. За да се оствари ова, придонесуваат и прекрасните илустрации на Иванка НиБа, кои не се дополнение на приказната, туку се нераскинлив дел од неа – онака и како што се очекува од сликовница која треба да му ја овозможиме на детето на нашето време. Впрочем, за искусниот читател, евидентно е дека од самиот почеток, илустрациите на НиБа биле дел од оваа „Ѕуница“, оти без нив, само како текст, таа не би можела да ја оствари целта што ја има пред себе. При прочитот на самиот тексе се препознава концептот на Николов во кој на места, текстот буквално е „зависен“ од илустрацијата, но тоа ни малку не ја намалува неговата вредност. Напротив. Само укажува на авторство кое од самиот почеток / зародиш на делото имало концепт и конкретна цел, кои може и треба да се остварат токму преку сликовница.
Бранислав Николов како автор на текстот, одговорил на големиот предизвик што го поставил пред себе, ама подеднакво со него, на предизвикот има одговорено и веќе докажаната илустраторка на книги за деца, Иванка НиБа. Сликовница со ваков концепт не само што може да го задржи детското внимание при првиот прочит, туку може да поттикне и на препрочитување (од детето или од возрасниот на барање од детето) а со тоа и на повторно навраќање кон илустрациите – повеќекратно навраќање кон сликовницата и кон размислите за нејзините пораки, кое е значајно и за детскиот светоглед и за развивањето на детската личност.
По прочитот на „Ѕуница“, барем за миг, светот на секое дете ќе е поубав и ќе може да ги има вистинските бои, од кои дел ќе нанесе токму тоа, поведено од приказната на Николов и НиБа. А поубав ќе е и за нас возрасните. Независно дали ја читаме со дете или самостојно. И ако дидактиката од книгите со вакви пораки навистина остане траен дел од она што денес е детска личност, а утре ќе биде личност на возрасен, можеме да се надеваме дека еден ден, светот ќе биде и подостоинствен. Затоа што како што нè учи оваа сликовница: „Сите сме различни, малку слични. Но секој си е свој, секој си е со себе. И секој своја боја си носи. Но, заедно, здружени, ѕуница прекрасна можеме да создадеме на нашето небо и да ги обоиме нашите дни во секоја боја од виножитото
несебично секој од својата боја да даде, од срцето љубов да пушти. Креативни како Бојана, распеани како Птичка, силни како Мендо, досетливи како Зајче. Сите заедно под нашата многубојна Ѕуница.“

Тагови од објавата
Напишано од
More from Иван Антоновски
Бакнежи на небото
Во една декемвриска ноќ, кога малиот Јаков не сака да заспие, на...
Повеќе
0 replies on “По прочитот на „Ѕуница“, светот ќе може да е поубав, со вистински бои”