Пролетен реквием

Пролетен реквием

Мирисите на липи и цутови
Танцуваат до нашите ноздри
И носат стари спомени и насмевки
За кои кажавме дека долго ќе траат.

Со заклетви ги заокруживме
Невино и со детско срце –
дека ќе ги стопат сите
февруарски снегови,
ќе го испијат поројот
октомвриски дождови
и ќе се заштитат од суровите суши.

Но ова време кокичињата
Не цветаат на истите места,
Полјаните не го носат истото зеленило,
Цветовите немаат веќе шаренило.

Секој звук од твојата уста
Ми е како мед и млеко
измешано со отров,
капнат од забите на змијата
која ја надмудрила Ева.

Само што со овој отров
Ќе ја надмудрам змијата,
Тебе а и од порано себе.

По секој неред се раѓа ред,
И обратно.
По секоја зима се раѓа пролет.
И обратно.

Одам по вода

Одам по вода мамо, погледни ме само
Додека тетеравев по златниот песок
крај азурното море, моите мали ноџиња
на твоите возрасни нозе завиткан во топла прегратка
и знаев дека никогаш нема на страшниот бран
да ме предадеш.

Одам по вода тато, погледни ме само
скокавме со слободни срца, во плиткото вирче,
Но му се радувавме небаре беше цел океан
исполнет со нашата љубов.

Одам по вода бато, погледни ме само
Кога баравме камчиња крај песочниот брег,
мали школки и бисерчиња.
Со секоја Нејзина плима пуштав чекор назад,
Но со секоја осека
Двајцата одевме напред.

Одам по вода, читателу

Слушни ме само

Како се смешка водата од моите петици,
Жубори под мојот мирогулабов лет –
глатко, по мразулеста патека
оставајќи месечев отсјај
каде сум одлетал.

Големата вода од која се криев
зад нозете на возрасните луѓе,
сега водам валцеров танц со неа
како моја животна сопатничка
и господарка.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Борис Симоновски
Филмска адаптација на книжевното дело ,,Македонска крвава свадба”
Една од најпопуларните драми во македонската литература воопшто е трагедијата ,,Македонска крвава...
Повеќе
0 replies on “Пролетен реквием”