Меги

Меги имаше 58 години и доволно искуство за да знае дека не е дух: можеше физички да допира работи, имаше потреба од храна, можеше да си го види своето тело или своето лице во огледалото или во излозите. Таа едноставно беше невидлива за сите останати. Меги не можеше да се сети кога точно стана невидлива. Не можеше да каже дали тоа беше одреден момент, како во цртан филм, кога некој едноставно го снемува (со оној звук “пуф”) и на местото на кое стоел останува само празнина или тоа беше процес во кој таа полека избледуваше, дел по дел, рака, нога, лице до целосно исчезнување.

Со сигурност знаеше дека не се роди невидлива. Напротив, таа беше многу јасно видливо девојче. Можеше да се сети (и често се сеќаваше на тоа) како еднаш, додека купуваше лижавче, една продавачка ѝ рече дека таа ја потсетува на нејзината ќерка. Тоа беше одамна, но Меги често се прашуваше каде е сега истата таа жена, дури неколкупати безуспешно се обидуваше да ја најде, затоа што се надеваше дека можеби за неа нема да е невидлива.

Таа имаше и фотографии од времето кога беше видлива. Порано честопати знаеше да ги отвори неколкуте албуми и да ги разлистува полека, впивајќи ги сите детали одново и одново. Притоа, знаеше да застане на некоја одредена фотографија, да ја гледа долго, поминувајќи со прстите преку неа, обидувајќи се да се сети на тој одреден момент или на таа одредена случка. Во последно време немаше голема желба да ги разлистува, затоа што забележа дека таа почна да исчезнува и од нив. Фотографиите не избледуваа, остануваа сосема исти како претходно, само што таа на некои слики беше избледена, на некои дури и сосема и можеше да се види само бледа бела силуета. Тоа и паѓаше многу тешко, затоа што фотографиите и помагаа во сеќавањата, и беа утеха дека таа е сепак личност. Без нејзиниот лик на фотографиите, сеќавањата, немајќи на што да се потпрат, полека се ронеа, се претвараа во прашина.

Кога човек е сам, има премногу време на располагање и Меги мораше да наоѓа разни начини да го пополни. Порано со часови се возеше со автобуси низ градот, гледајќи ги сите луѓе кои одеа во школо или на работа или се враќаа дома, но престана откако виде колку тие луѓе живеат затворени во својот свет и сосема ретко разговараа меѓу себе, иако за разлика од неа, тие можеа да зборуваат со другите колку што сакаат. Се откажа и од одењето во кино, каде што одеше не толку за да ги гледа филмовите, туку повеќе за да биде блиску до луѓето. Го правеше тоа надевајќи се дека некој можеби ќе ја види и дека од некого конечно ќе добие некаков збор или барем насмевка.

Понекогаш, кога беше многу тажна, читаше книги. Во нив таа гледаше еден свет спротивен на нејзиниот: во нив ликовите беа измислени, а сепак постоеја; читателите можеа да се поистоветат со тие ликови, да научат нешто, па дури и да разговараат со нив.

Во последно време еднинствена радост и беше прошетката во паркот. Таму на клупите имаше млади заљубени парови за кои ништо друго на светот не беше поважно од лицето пред нив; имаше пензионери кои одново и одново си ја раскажуваа младоста и што е најважно од сѐ, имаше детски џагор.

Тоа неделно утро беше особено топло, едно од оние пролетни утра кои ветуваат убав ден. На излегување понесе од дома трошки од леб за да ги храни птиците.

Паркот беше полн иако немаше ни 10 часот. Седна на клупата до блиску до фонтаната и почна да ги расфрла трошките. Гулабите, кои исто така не можеа да ја видат, многу добро ги гледаа трошките и за кратко време се насобраа околу неа.

На клупата од нејзината десна страна седеа две млади мајки и разговараа. На просторот пред нив три дечиња играа со топка. Одвреме навреме некоја од мајките ќе им подвикнеше нешто на децата да внимаваат со топката или да не бидат толку гласни, на што децата, се разбира, не обрнуваа внимание.

Потоа се случи: топката некако се стркала до клупата на Меги и застана до нејзините нозе. Гулабите се уплашија и летнаа, а најмалото од дечињата се стрча да ја земе. Детето веќе беше скоро до неа, таа инстинктивно му ја подаде топката, тоа ја зема насмевнувајќи ѝ се и гледајќи ја во очи, ѝ рече “Благодарам” и со трчање се врати назад. Таа се збуни. Погледна надесно: мајките и понатаму најобично си разговараа, децата си ја продолжија играта. Ја преплави топлина каква што немаше почувствувано со години. Очите и се наполнија со солзи. Сѐ уште во неверување, погледна во детето и прошепоти “Молам”, потоа го крена погледот нагоре и виде како проѕирното небо без облаци ѝ се насмевнува.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Меги”