Молив и други песни

МОЛИВ
(кратка историја на пишувањето и убивањето)

уште кога пишувавме со клинесто писмо
тие исти камени клинови едни
на други си ги забивавме
в срце, подоцна перата
ги макавме во отров
и ги ствавме на врвот од стрелите
оловните моливи ги топевме во куршуми
и од иста тастатура
испукувавме песни и ракети

 

ГОСТИ

еј немојте никогаш ништо лошо да им сторите
на оние кои никогаш нема да ги сретнам
понекогаш тргнувам да повикам по гостите
(и не знам зошто така ми иди)
но тие секогаш брзаат, а јас проголтувам
понекогаш толку се плашам заборавените
од далечина дека овде би можеле да дојдат
кога ќе ме нема мене и никого од нас
и дека не ќе умеат како ние да го живеат
сето ова овде напуштено и празно
сето ова горко преубаво и опасно
дека без нас никогаш нема да знаат зошто ги
болат од бели лазачи рацете и зорите полни
светлина
и потоа запишувам дека овде шафранот мириса
онака како што паѓаше во несвест една млада
жена додека на нејзиниот љубен му ја отсекуваа
главата и дека очите на неговата глава не се вртеа по своето изгубено тело
туку по нејзината коса
и тогаш секогаш изоставувам имиња
иако ги познавав и двајцата
ја изоставувам потоа и отсечената
глава иако дамна таа беше моја
и ја носев на рамена така
насмевната и лека како песна
за далечните гости кои ќе дојдат

 

БЕЛИ ЗАВОИ

Само ќерка ти е среќна
кога ништо не ќе напишеш
кога наутро ќе ги најде бели и чисти
преврските на твоите рани.

 

КОШМАР

само еднаш во сонот беше
толку важно нешто да кажам
и се обидував речта
да ја протуркам низ уста како да ги протуркувам
сопствените деца низ прозорец
а тие сите сигурни во мојата љубов
ни глас не пуштија

 

БЛАГИ НОЌИ

Да продолжевме да разговараме за поезијата, Амихај
Ниче, Керкегор и Сартр
ништо не би се случило
или ќе ни требаа уште години и години
но нешто ме тераше да ги доведувам
во најобични односи од секојдневното
ситно човечко вегетирање
и сите со ред во страшни маки и сцени
умираа пред мои очи
посекувајќи се на незабележливите ситници
од основното домашно воспитување и човечност.
Имаше потоа ноќи кога се обидував самиот преплашен од тоа
да го задушам поетот во себе. Да се откажам од светот
со отворени скршеници, од светот од кој ноќе кон семирот
цимолкаат потруени улични кучиња
кои детински им поверуваа на луѓето
(дека се дел од пролетта, чаршијата и утринската светлина)
И беа тоа толку благи ноќи на немост и тишина

 

Препев: Стела (Маја) Босилковска
Родена во Земун, Србија, 1962 г. Основно и гимназиско образование завршила во Битола, а Филолошки факултет – Англиски јазик и книжевност, насока Преведување во Белград каде за истите студии ѝ е признаен и степен Мастер. Магистерски студии по Конференциско толкување завршила на факултетот „Блаже Конески“ – УКИМ, Скопје.
– Уредник за странски прилози, преведувач и лектор и редактор на Меѓународното списание
“Provinca” – Словенија (од 2016 до 2019)
– Член во уредувачкиот тим на Балкански книжевен гласник (2015)

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Молив и други песни”