Прости песни (избор поезија)

Жар-птица/Црвена Марија/Сирена/Зимска/Песна за неговата песна/Прстен

Жар-птица

не знам веќе да пишувам љубовни песни,
не полни ги месечините во моите очи,
огнена девојко, јас влечам опасни плими
во кои се дават сите ноќни воздишки
и соништа денски, огнена девојко,
не заспивај блиску до мене,
не знам веќе да пишувам љубовни песни,
мојата љубов е стара и збрчкана како заборавена
фотографија во прашлива витрина, не заспивај до мене
и не барај поглед што ветува вечност,
огнена девојко, ти што можеш да запалиш мориња
и далечни степи со твојата палава смеа,
зошто заспиваш во моиве дланки,
тие не знаат веќе да пишуваат љубовни песни,
не заспивај, огнена девојко, во мојава пеплосана старост.

 

Црвена Марија

росна и алова, прва овенува
јадра и сладна, в уста згорчува
гола наспроти ветрот, нескршена

во стракот цвеќе, божуриката
во грстот цреши, црвливата
од ореовите гранки, јаловата

грев и јарост скалемени
во рацете прекршени
во катадневна молитва,
а таа богови немаше.

 

Сирена

доаѓаш кон моите брегови
со кренати едра,
а во мене бура се спрема
да ги потопи твоите кораби.

нема ѕвезди што ќе ти покажат пат
и моите пристаништа ноќва се затворени,
спушти ги едрата,
нека те носи милоста на морето.

нема девојки со дарови
на овие пусти брегови за твоите морни
морнари, ова не е ветената земја
раскажувана од прадедовци.

овде има реки полни ѕвезди
што не течат никаде,
овде има очи полни море
што потопува кораби.

 

Зимска

да си немир
што утра не разденува,
да си трепет
душа што спрпелува,

судбата ќе ми ја водиш
потамина,
снеможена в зори по калдрма,
со слепени клепки
во сневидена синевина.

да си ми
љубов, небо и црнина

што ќе сум ти јас,
непокорна,
што ќе сум ти јас,
грч во утроба неклоцната?

 

Песна за неговата песна

носи ме во песна,
кога ќе го носиш
туѓиот грев
накалемен на твоите плеќи,
и немоќен, прашлив и груб
ќе бидеш утока
на нивните пцости.

а тие,
страшливи
мали и бедни,
покорни,
слаби и бледи,
тие не ја знаат
твојата песна.

ти одекни
ѕвон на песјата мака,
ти одекни
плач на уморен сон,
ти одекни
радост моминска прва,
ти одекни:
остани дом
на сите наши
непремолчени песни.

 

Прстен

меѓу нереченото
и непремолчаното
спијат моите стравови
за гревови несторени,
за погледи непрегорени,

рака в рака спиеше
око в око жареше

од прагот се откинавме
во бела руба променети,
со тапани заминавме
тапан в грло ме искина.

ја делиме тепсијата
ја множиме вересијата

ти со очите затворени
јас со рацете раширени

и некогаш преку рамо
непендек фрлам сол,
оти
чоек на чоека,
велат, волк му е,
а јас тебе
што сум ти?

Тагови од објавата
0 replies on “Прости песни (избор поезија)”