Успешно дебитирање во просторот на сонливото

Денес, од исклучителна важност е делото за деца од предучилишна и раноулишна возраст да има не само соодветен / добар текст кој ќе соодветствува на темпераментот и пристапот кон светот на денешното дете, туку да има целосен концепт – со илутрации, соодветен фонт, одмереност во обемот на текстот.

 При прочитот на „Сонливата месечина“, ако се нема информација за авторот, веднаш се понесува впечатокот дека станува збор за дело на некој поискусен автор, кој зад себе има обиди да пишува за деца, одредена книжевна наобразба и/или стручно искуство во светот на децата. Но, кога се знае информацијата дека всушност е дебитантско дело на авторот Новица Наков, тогаш, по прочитот има и одредено воодушевување.

Со вешто водење на приказната, одмереност на обемот на текстот за тој да биде на вистинското место дополнет со соодветната илустрација каква што е онаа на Калиопи Трпчева, која е неопходна во современото дело за деца на таа возраст, Наков раскажува една исклучително интересна и повеќеслојна приказна со повеќе интерпретативни рамништа. Онаква каква што треба да му прочитаме, раскажеме или да му посочиме за прочит на секое дете. Зашто приказната за „Сонливата месечина“ не само што ќе го задржи неговото внимание и не само што ќе поттикне безброј прашања и размисли какви што се потребни за делото за деца да ја оствари својата цел, туку и затоа што навистина на детето ќе му овозможи, уште на таа рана возраст да допре до повеќе интерпретативни рамништа на книжевниот текст.

Па така, на едното интерпретативно рамниште, преку „Сонливата месечина“, детето ќе ги спознае и ќе размислува за природните појави, на другото ќе размислува за светот (и тоа и за светот како географска целина и како спој на меридијани на културата), на третото ќе размислува за времето – неговата минливост и релативност, на четвртото за тоа како може да го оствари својот сон! Можеби сите овие интерпретативни рамништа изгледаат невозможни при првичната помисла дека станува збор за книжевно дело за деца, но при прочитот на „Сонливата месечина“ од Наков, уште еднаш ќе се потсетиме дека сепак, тоа е возможно, со добро осмислена и остварена приказна, која не инсистира на детето да се пристапува како на објект кој треба авторитетно да се подучува, туку како на активен учесник во книжевната комуникација. Не еднаш е нагласено колкава замка во книжевноста за деца е дидактиката, ама еве, пред нас имаме уште едно дело во кое таа е остварена на повеќе рамништа, но онака како што е соодветно и потребно за таа навистина да биде соодветната. „Сонливата месечина“ е дело кое кај детето ќе поттикне многу прашања и размисли и тоа – вистинските. Притоа, дидактиката не само што не наштетува на естетските / книжевните димензии на текстот, туку е во содејство со нив – во „Сонливата месечина“, естетиката и дидактиката се нераскинлива целина.

Денес, од исклучителна важност е делото за деца од предучилишна и раноулишна возраст да има не само соодветен / добар текст кој ќе соодветствува на темпераментот и пристапот кон светот на денешното дете, туку да има целосен концепт – со илутрации, соодветен фонт, одмереност во обемот на текстот. Во „Сонливата месечина“ го има сето тоа и оттука и радоста е уште поголема кога одново ќе се потсетиме дека таа е дебитантско дело.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Иван Антоновски
Дали фантазијата е само она што е невозможно?
Дали фантазијата може да биде и остварен копнеж по она што на...
Повеќе
0 replies on “Успешно дебитирање во просторот на сонливото”