КОРЕН – СТЕБЛО – КРОШНА – ЖИВА РАНА

Нејзиното тело како меѓник меѓу подземјето (земјата) и небото, како живот меѓу две смртти, како песна меѓу две тишини, како вдишување меѓу две издишувања... како нешто помеѓу овој и оној свет..
    На мојата Вањка

Ова стихувано „Помеѓу“ (Скопје: Антолог, 2019, 164) им го препорачувам на сите оние кои:

    – ја познаваат таа моја Вањка,
    – ја познаваат Вања,
    – ја познаваат Валентина Бактијаревиќ,
    – сакаат да ја запознаат Валентина Бактијаревиќ која најудобно се чувствува кога другите ја чувствуваат како Вањка…

Три пати ги читав стиховите. Бавно, замислено, како еден вид ритуал. Зашто со овие стихови ја измивав душата. Три пати проплакував додека ги читав. Како еден ритуал. Зашто капките солзи ги собирав во своите дланки и потоа ги испивав. Три пати ги обмислував. Како збор кој застанал в грло и не излегува. Зашто најпрвин со отворањето на првиот циклус КОРЕН во мене започна процесот на вгнездување на овој поетски корен за да може тој да ги пушти своите ластарки, да расте и да се извишува во мене, до мене и околу мене. А потоа едноставно поетското стебло Вањ(к)ино да ме обвитка со своите слики од вториот циклус СТЕБЛО. На крај целосно преку последниот, третиот циклус КРОШНА стихот на мојата Вањка да ме прегрне, да ме закрили, да ме заштити со/во својата крошна… да ме залула како мајка што лула дете.
А тројката како најсовршена бројка ја носи идејата за трипартитноста на вселената (три сфери) и на светот по вертикала – Долна, Средна и Горна Земја или Подземје, Земја и Небо. Трите циклуси ги прочитав и како три претскажувања на познатите три римски парки, трите сестри: Клота која го преде предивото на животот, Лахеза која го одредува текот на животот и Атропа која ја пресекува животната нишка, но и на трите уште попознати старогрчки мојри (доделувачки, мерачки) инаку ќерки на Зевс од врската со Темида (Ноќта), па и на трите помалку познати (јужно)словенски, (пагански) наречници. Па така, најстарата која е зла и која најчесто посакува смрт ги пее своите хтонски песни од длабочината на душата, помладата персонифицирана во овие стихови во стеблото пее за физичките недостатоци, за разделбата со телото што веќе се распаѓа, за телото кое повеќе не може да биде дом на една преубава душа, и на крај онаа најмладата која е и најмилозлива и која се обидува да изврши влијанија врз другите пеејќи низ една суптилна тага сместена во крошната како еден нов дом, како една нова можност за нов живот:

    – без неа, најдобрата пријателка, сестра по душа (посестрима),
    – без него, најдобриот пријател, љубовник, можен или посакуван сопатник и најмногу
    – без себе ако тоа е навистина можно!

Нејзиниот крик кој таа се обидува да го придуши токму со тоа што го вдомува во КОРЕНОТ се раѓа од самата болка, и онаа општочовечка, општопоетска како кога пее: „не можам да спијам / не ја можам оваа будност“ и почнува да брои овци, ѕвезди, куќи, запалени светулки/светла/прозорци и онаа крајно лична како кога ѝ се обраќа на саканата пријателка која повеќе не е на овој свет, која си замина на оној свет без да каже, без да се поздрави, без да отпоздрави, па ѝ пее вака: „само да знам / дека си добра / тикве мое убаво“. Така што нејзиниот придушен крик е роден од една длабока, суштинска болка. Кога таа ја артикулира во вид на прашање изразено со крик, без одговор, тоа го прави зашто ја чувствува нерешлива и вечна, зашто ја подразбира и болката од невозвратената љубов и болката од измамените чувства, зашто понекогаш љубовта може да биде погрешно насочена или погрешно одбрана. Таа едноставно толку многу сака и толку многу е сакана, ама сепак длабоко во неа нешто страшно боли! И затоа придушениот крик успева да излезе и почнува да се артикулира преку СТЕБЛОТО. Поетесата ја доживува љубовта како отфрленост, а отфрленоста како пораз. Стиховите во вториот циклус СТЕБЛО чувството на љубов и желба поточно самиот ерос го прелеваат во патхос.
Но што е стеблото без своите гранки, без својата крошна? Затоа авторката, мојата драга Вањка, во циклусот КРОШНА еросот го трансформира во жед за живеење и затоа таа жед добива облик на биос. Всушност кон крајот на стихозбирката болката преминува и во некаков гнев, лутина, а придушениот крик во изговорен/артикулиран крик преку шушкањата на листот кој секој момент може да се откине и да падне, леко и меко на земјата! Впрочем и не е случајно што најголем дел од своите поетски слики ги вдомува во есен. А човекот испушта крик не заради самиот крик, туку со него да побара помош. Затоа и овој нејзин крик (треба да) се чита како протест, како чист, непридушен израз, како апел. И иако самата ни признава: „кога пишувам / полесно ми е / се насмевнувам / задолжително“, зад оваа безгрижност и веселост се крие некоја нова тага… и болка…

Тријадата КОРЕН-СТЕБЛО-КРОШНА е самата таа, исправена и загледана во вишините, застаната со раширени нозе (коренот) и раширени раце (крошната). Нејзиното тело (стеблото) е поетски канал низ кој протекува крикот, оној кој се храни од земјата (живот-смрт) и кој се насочува кон небото (смрт-живот). Нејзиното тело како меѓник меѓу подземјето (земјата) и небото, како живот меѓу две смртти, како песна меѓу две тишини, како вдишување меѓу две издишувања… како нешто помеѓу овој и оној свет… Така што овие стихови се скоро секогаш крајна афирмација на нејзината човечност во крајни егзистенцијални ситуации како што е загубата на најсаканото, најмилото (пријателот/пријателката). Крикот е адекватна слика на ситуацијата во која настанува и која ја одразува. Крајно ангажираните ситуации како свој знак не бараат симбол, туку икона, не израз, туку одраз. Затоа нејзините стихови се една своевидна суптилна стилистика која се спротивставува на граматиката и синтаксата, една стилистика на емоциите, а не на мислите, стилистика која ја проучува афективната содржина на човечкиот израз.
Поезијата на Валентина Бактијаревиќ ја прочитав на српски. Поезијата на Валентина Бактијаревиќ ја прочитав и на македонски. Нејзината поетска слика е исто толку тегобна, длабоко ранлива, жива рана и кога се чита на македонски. До нејзините поетски слики ли е? Или тоа преведувачот/ препејувачот Ѓоко Здравески успеал така истозначно и истозвучно да ги пренесе? Навистина до кога е? До што е?

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
Рецензија за „Не правете им сенка на гробовите“ од Дијана Петрова
Она што навистина ме привлече е атмосферата што ја создаваат расказите на...
Повеќе
0 replies on “КОРЕН – СТЕБЛО – КРОШНА – ЖИВА РАНА”