„Стиховерзум” од Мирослав Трајковски

Март 2024 година – Објавена е новата поетска книга “Стиховерзум” од Мирослав Трајковски

Изминатиов месец во издание на Академска Мисла од Скопје излезе од печат најновата поетска книга “Стиховерзум” од Мирослав Трајковски. Промоцијата на книгата беше на 16.3.2024 во ЈУ Дом на Култура “Кочо Рацин”- Скопје пред бројната публика и љубителите на пишаниот збор, како дел од културната понуда на Град Скопје – Европска престолнина на културата за 2028 година.

Стиховерзум претставува збирка од 40 тина песни кои разработуваат еден широко тематски стиховен опсег за кој рецензентот Проф. Д-р Моника Стојанова ќе подвлече во  својата рецензија; “Еден мал свет, замислен, создаден, реален или можеби, сепак, имагинарен. Микрокосмос чија енергија како рефлексија силно се прелива и доминира во макрокосмосот, се испреплетува со нечии други, непознати чувства, сретнува нови, туѓи мисли, но и понатаму останува своја, толку уникатна и засебна, неспоредлива. Или само еден минијатурен атом, навидум толку малечок за да биде забележан, но сепак е дел од молекулата на животот и е доволно моќен за самостојно да биде причинител на промените во него. И кога секој сегмент, прав, искривен, кршлив или цврст, па макар и оно најмалиот, ќе го заземе своето вистинско место во совршенството од мозаикот, тогаш почнува да се разлева, или уште подобро, да одекнува животворната симфонија, најискрената, најчистата, исконска мелодија која му дава боја на денот и сјај на ноќта. Една ваква симфонија извира од страниците на новиот поетски запис “Стиховерзум” напишан од перото на авторот Мирослав Трајковски-Мики”.

 

Избор песни од книгата – Стиховерзум

ШЕПОТЕЊА

Багремите в ноќта шепотат тивко
За твоите  нечујни  чекори
Кои оддалеку
Го радуваат моето срце уште пред да се појавиш.
Ти не си сон што во секунди се мери
Ти си цела збирка од сонувања и бајки.
И ако му речам некому дека немаш цена
Тоа ќе го сторам зашто сум себичен.

Јас не те давам на утрата а камоли таму
На некоја непозната фигура или статуетка
Не те давам ниту за чаршиски муабети
Ниту за кусо спомнување пред маалските порти
Ниту за скапоцен шафран во липов чај да ми нудат
Не ќе дозволам онака да си спомнувана и уште на глас.

Ноќва шепотат сите, не знам што им е
Зарем толку сум им запретил со стиховите?
Та зборуваат како бабите поспани и стари.
Нејсе, љубов моја, моја солзо најдолга и последна
Нека шепотат, и јас долго шепотев пред да те препознаам.

 

НЕЧИЕ СЕЕЊЕ ВО ТИШИНА

Понекогаш се предавам на тишината
Ја наведувам главата и долго ја слушам.
Се молам со надеж
Дека ќе си останам свесен, ако ништо друго.

Некој ќе рече оти не чини човек
Многу да му ја мисли и домислува
Ама пустото, свесните со тоа „не чини“
се скарале.

Од каде доаѓаш ти болко?
Чии насоки исполнуваш
Семе во црно-сиви бои што сееш
Во моите полиња со памук и рози
Кој ветер ми те понесува,
Колку ли храброст собираш додека заспивам.

 

ВО ПОЛЕТ КОН СЛОБОДАТА

Има нешто особено добро
Во летот на пролетната еребија
Налик на некоја мисла која храбро
В срце ти затреперува како елегија
Потоа мирно таа ќе одлета со стихот
над водата
Со сиот свој полет кон слободата.

Има нешто тивко но снажно
Во зборовите од кои се раѓа надеж
Има нешто убаво но сепак  тажно
Што е ли тоа, во нас ли е тој јадеж?
Како вода изворска што од стена
Се пробива дури и низ мрак
Таа тишина со болка е исплетена
Но сепак во очите ѝ здогледуваш
по некој зрак.

Има нешто особено добро
Во летот на пролетната еребија
Налик на некоја мисла која храбро
В срце ти затреперува како елегија
Потоа мирно таа ќе одлета со стихот
над водата
Со сиот свој полет кон слободата.

 

 

Тагови од објавата
More from Мирослав Трајковски
ПРОЗОРЕЦ
Каде се вкусните оревчиња?
Повеќе
0 replies on “„Стиховерзум” од Мирослав Трајковски”