За светот на сонливото како граничен простор помеѓу будното и заспаното

Од светлината на месечината која пополека се буди, почнуваат да се запалуваат повеќе светла во различни детски соби во различни делови на земјината топка.

Сликовницата „Сонливата месечина“ од Новица Наков (најнова од едицијата „Светулка“) уште со самиот наслов нè насочува кон светот на соновното или поточно кон светот на сонливото како граничен простор помеѓу реалното и иреалното, помеѓу будното и заспаното. И ако се тргне од сознанието дека приказната треба во исто време да биде поврзана со сите аспекти на личноста на детето, тогаш и сонот е еден битен аспект од личноста на детето. Исто така, секоја добра приказна мора да го забавува и да ја поттикнува неговата љубопитност. Но, за да му го збогати животот, таа мора да ја поттикне неговата фантазија, мора да му помогне да го развива својот интелект и да ги објаснува своите чувства. Така сликовницата „Сонливата месечина“ е приказна која со радост може да му се чита на детето пред спиење, но и при будење. Со самото тоа што како главни ликови се јавуваат малото облаче Мешко и малото немирно ветре Палавко кои своите авантури ги започнуваат додека месечината дремка, се подотвора вратата за моќта на фантазирањето и се обидува да му се (по)каже на детето дека ако посака и тоа може да биде едно такво облаче или ветре. Така од светлината на месечината која пополека се буди, почнуваат да се запалуваат повеќе светла во различни детски соби во различни делови на земјината топка. Зашто „Некаде е време за играње, а некаде за спиење“! Зашто ако овде е зима, таму е лето, ако овде е ден, таму е ноќ, ако овде се пали светлото, таму некаде се гаси! И ако се знае дека одлучувачкиот чекор за претопување на чудесното во фантастично во рамките на литературата за деца, веројатно го прави Ханс Кристијан Андерсен, тогаш еве една таква нова приказна од Новица Наков токму во новата македонска литература за деца.

Затоа оваа едноставна, лесно читлива, но и игрива сликовница со блага доза на дидактичност (битно е вистинското време за играње, но битно е и квалитетното време за спиење, зашто и со двете се расте), искрено ја препорачувам како една од оние први книги што детето треба да ја има на својата полица покрај играчките.

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
КАЛВИНОВАТА КРЕАТИВНА „ИЗНЕВЕРА“ НА НАРОДНОТО КАЖУВАЊЕ
За книгата „Италијански приказни“ од Итало Калвино (превод Радица Никодиновска, Скопје: ТРИ,...
Повеќе
0 replies on “За светот на сонливото како граничен простор помеѓу будното и заспаното”