Небо од стихови (избор поезија)

1. / п.с. Убав ден! / 7. / 6./ На Чехов

1.
Градов во кој созревам
се буди под моите чекори
а чиниш воопшто не заспал
за да може да се разбуди.
Чиниш ништо не застанало
и сѐ се менува со секој направен чекор.
Не застанало ни времето,
ни неговото создавање,
неговото повторно раѓање.
Само случајни минувачи
се собрале како мравки околу својот дом
и решиле да го сопрат секојдневното течение
слушајќи стихови под отворено небо
додека месечината љубопитно
и по малку срамежливо
се обѕирнува меѓу дрвјата
сакајќи да стане дел од публиката.
Отстрана се слуша сообраќаен метеж
создаден од луѓе што брзаат некаде, некому.
Како што небото сѐ повеќе
се завива во темно боило,
така сѐ повеќе свети тоа:
Ние сме од Скопје.

 

П.С. УБАВ ДЕН!

Овие денови сè повеќе
ме загрижуваат работите
што не се случиле отколку
оние со кои се соочувам.
Чинам сонцето се скарало
со облаците,
па решило сета таа лутина
да ја истури врз нас преку пролетниот дожд.
Навистина не ја сфаќам
смислата на сета таа
бесмисленост што виси
во воздухот.

Мачно ми е од луѓе
кои немале убав ден
само затоа што
немало кој да им посака.

 

7.

Жиците што ја поврзуваа
едната бандера со другата
беа петолинија само за птиците.
Дождот не успеа да се вклопи
во нивната мелодија. Затоа создаде своја.
Сѐ што имав да си кажам себеси,
му кажав и нему.
Ме ислуша внимателно и мене
не ми остана ништо друго освен
да му се придружам во ослободувањето.
Во тој момент
навистина помислив дека полека се кршат
оковите на моите раце и нозе,
дека
ледот околу мене се стопи и соедини со
вирчињата во дворот на мојата куќа.

Олуците тропаа со секоја дождовна капка
што минува низ нив.
Додека стоев на улица. Со раширени раце.
Намокрена до гола кожа.
Спремна да полетам.

 

6.

ќе ги надминам сите свои мисли
стравовите претворени во планини
ќе ги искачам со храброста што ја носам на грбот.
среќата што ја кријам во џебот
нема да ја покажам никому.
ќе ја чувам како џокер карта
во игра со животот.

се откажувам од сите луѓе
за да си се ветам себеси, до смрт.

 

НА ЧЕХОВ

Ми велиш
животот е онаков
каков што самите го гледаме

Јас ти велам
дека неретко
нѐ привлекуваат спротивностите
така што ги гледаме спротивните работи,
го правиме она што не смееме
и ги бараме луѓето под земја – на небото

Потоа го креваш погледот
кон небесата
а јас сѐ уште загледан во тебе
оставам ветерот да ја помилува
твојата коса

и да го изусти она
кое самиот не можам.

Тагови од објавата
0 replies on “Небо од стихови (избор поезија)”