Исак Барух

(Од необјавениот прозен ракопис „Арагон“) Денес, Хамиде мајката на Моис, ни донесе малку храна. Ни донесе и вести.  Живи се и Жамила и Стела Шами...

Денес, Хамиде мајката на Моис, ни донесе малку храна.

Ни донесе и вести.  Живи се и Жамила и Стела Шами, вели, се криеле кај Богоја Силјановски.

Сварив кафе. Молчиме.

Јас легнат на креветот, гледам во таванот, Алегра седната на столот во кујната го држи малиот Пинхас в раце и  гледа на празно во масата,  сѐ уште го пие кафето, ќе го протресе филџанот,  ќе се напие една голтка, ќе се издиши, и повторно отсутно гледа во масата, во пепелникот.

Хамиде, гледа низ прозорецот и молчи. Како да сме обземени од тишината на космостот, тука сме еден до друг, но како да сме во далечни светови, сѐ знаеме, ама не сакаме да веруваме во лошите работи, сѐ ни станува јасно со секој поминат ден, но гаиме надежи дека можеби некој ќе се врати.

Ми кажаа дека тука има Евреи, слушаме глас под прозорот, да тука се, вели некој машки глас, во оваа врата.

Хамиде која немо гледа во прозорецот, залутана со мислите, како да се буди од сон,  ја помрднува главата, го фрла погледот кон улицата, бавно со некоја летаргија, како да не верува на она што го слуша под прозорецот, и наеднаш се штрекнува, чичко Исак Барух, вели, станете, тој е, го турка столот, скокнува и јурнува низ скалите до вратата.

Јас и Алегра се погледнуваме еден со друг, ни се враќа живоста во срцата, се смееме. Хамиде му помага да влезе, тој чекори како да е надвор од времето, и со секој чекор како да ја отвора собата, како да лебди.

Хамиде го гледа, си ја става раката на уста и стои така занемена. И јас се скаменив, не сум видел толку слаб човек, личи на мртовец што станал од гроб, не можам дури ни да го поздравам, едвај стои на нозе, лицето му е испиено, вдлабено во черепот, целиот е само кожа прилепена на коските. Алегра, вели Хамиде, помогни му на чичко Исак да седне, Алегра носи стол, го става покрај масата и му помага да седне, тој со двете раце слаби како на десетгодишно дете, се фаќа за дланките на Алегра и со трепет, полека се спушта и седнува на столот.

Деца, вели, веќе не ми се живее, се изморив од сѐ, со месеци се криев во дупка што ми ја ископа Мите Петров, тој еднаш неделно ми носеше кофи со вода и малку јадење, лежев на гола земја среде зима, пука кожата, вијат коските, боли цело тело, а имам осумдесет и четири години, не сум млад, боли главата, мислиш ќе ти прсне низ очите ќе ти излезе мозокот, боли напред, удира назад, лупа внатре во мене, си го слушам и пулсот и срцето во градите, така останав со месеци покрај оградата што го делеше мојот двор од дворот на Петрови, ама Мите не дојде цели две недели, го нема, ожеднев, ми испукаа усните, сонував водопади и под нив во вирот како се капам, и како не можам да се изнапијам од водата,  си ја пиев мочта и плачев без солзи оти и тие ми пресушија, и после толку време, решив да излезам, станав, влегов во куќата кај Мите, го видов како лежи покрај масата, мртов, Мите умрел, а куќата мириса на тело што се распаѓа, замислете, вели, што значи самец, никој не го побара со денови, никој не тропна на вратата за да праша дали е жив, секој обземен од своите грижи, заборава на другите, се затвора во себе како во школка, едвај го подигнав, тежок како мермерна плоча,  го однесов во дупката во дворот, која што  до тој ден беше моја скривница,  таму го закопав, и горко го исплакав. Како да се видов себеси во неговото лице.

Потоа  влегов кај него дома, се напив вода, малку се созедов, изедов сув леб, се качив горе, се  облеков во  негови алишта, си ја исеков брадата со ножици, сосе месо ја кинев, ја отпарав ѕвездата од палтото, за да личам на христијанин, и дојдов.

Чичко Исак плаче, плаче како дете.

Секоја од нас бара начин да го утеши, ама никој не се осмелува да го допре,  ни изгледа како да е дојден од оној свет, како да слегол на облаци во собава. Пред нас е, ама како да е на друго место, и тој гледа во нас, и како да не гледа од далечина,  дури и движењата не му се земски, кажува тој, ние гледаме во неговите раце,  и како веднаш да забораваме што зборува,  оти не го слушаме, само се чудиме како може овој човек да преживее, кожата му е слепена на коските, тој зборува, ние не слушаме, туку се прашуваме жив ли е овој што стои пред нас, воскреснатиот мртовец, Исак Барух, жив сум вели, ете ме, и јас не знам како ама преживеав, и сам не верувам дека сум жив, се додека не се напијам свежа вода наместо моч, тогаш знам дека ќе ги видам сонцето што го раѓа денот и месечината што управува со ноќта.

Да не излегувате, вели, да не пречам, дојдов само да ве видам, разбрав дека сте тука, да видам некој свој, изгледа никој друг не останал во градот, сите ми велат ги однесоа Евреите, тука нема Евреи, ама бев упорен и ве најдов.  Најсреќен сум, што го чув својот јазик, како дете се радувам што во сето зло, после толку време најдов и нешто светло, нешто што личи на раѓање нов живот. Станува од столот, светлината од прозорецот паѓа право на него, и како силуета почнува да се движи кон вратата, се поздравува со сите нас, и јас затвора вратата зад себе.

Стариот Барух преживеа, вели Алегра, да преживеа велам јас, како е можно, на глас се чуди Хамиде, ете преживеа, велам, а да не ни се пристори, прашува Алегра со полна сриозност, Хамиде се смее, можеби и целиот живот е едно големо привидение, можеби ни присторува и дека живееме.

Излегов, обземен од тага и гнев, и се спуштив до пазарот, за да ја избегнам гужвата пред продавачите на зеленчук и овошје, се упатив накај пазарот за млеко и сирење. На една тезга ја најдов книгата што ми ја подари Рафаел, продавачот ми вели земи ја, колку ќе дадеш – толку, немав многу да му дадам, Остатоци од рајот, ја гледам, не можам да ја допрам, парченца во рајот, тука се  брат ми , татко ми, Рафаел, чичко ми, мајка ми, целото соседство, целиот град, сите градови и земји, ми се врти во главата, ќе ја земам му велам и му платив колку што ми побара. Тој радосен се врти околу тезгата, јас ја стискам книгата в раце, плачам и трчам дома. Сеќавањата, запишани се во оваа книга.

Трчам кон дома. Во мојот празен дом, во кој веќе се вселија непознати дојденци.

Во мојот бездом.

Тагови од објавата
More from Михајло Свидерски
Од романот „Синовите на Адам“ (Восток, 2022)
Можеби немам ништо свое на светот, ама мене сосема малку ми е...
Повеќе
0 replies on “Исак Барух”