Со нозете цврсто на земја
таа е и Венера и Големата мајка
што ја врти куќата.
(Ерол Туфан, Жените и буквите)
1.
Во 2016 година од печат излезе втората стихозбирка на македонски јазик од Ерол Туфан, насловена Камчето од Вардар. На таа стихозбирка ѝ претходи стихозбирката Балкански син (2013 година), и збирката есеи Книгољубецот (2006, второ издание 2011 година), а подоцна дојдоа и стихозбирките Меланхолија / Melankoli (2020, двојазичен избор на македонски и турски јазик), Ликовите во мене (2021), Куфер (2022), како и поетизираните есеи Несоници (2020). Годинава (2024) од печат излезе неговата шеста стихозбирка со наслов Жените и буквите.
Причината поради која што во нашава кратка книжевна био-библиографија прва ја спомнавме стихозбирката Камчето од Вардар е следнава: во таа стихозбирка се поместени три циклуси песни, од кои последниот е насловен Жена. Веднаш ни се поставува прашањето: каква е (и дали постои) таа врска помеѓу тој циклус и стихозбирката која ни е предмет на интерес во овој текст?
Следејќи ја структурата на најновото поетско дело на Туфан, забележуваме дека бројот на песни посветени на жената е идентичен со бројот на буквите во македонскиот јазик – триесет и една песна за триесет и една буква во азбуката (со по една песна наместо пролог и епилог – вкупно 33 песни). Со овој потег, Туфан ги поставува темелите на зборот упатен кон својата муза – жената, со што ја најавува насоката на својата поетика во стихозбирката.
Во прологот насловен Доволни ли се буквите, поетот ја искажува својата покорност при обраќањето кон својата инспирација, нагласувајќи дека е:
еден поет дневносонувач
што се вдахнува секоја вечер
од отсјајот на твојот лик во морската вода.[1]
Водата игра огромна улога во поетиката на Туфан: од насловот на поетската збирка Камчето од Вардар, па сè до Босфорот (каде што Туфан живее). Водата како мотив ја наоѓа нежната страна на машкиот принцип на лирското-јас кое живее за таа недосеглива убавина. Водата е поле во кое поетот ја покажува умешноста со која низ триесет и еден пев ѝ го привлекува вниманието на музата.
Уште на исто место се соочуваме со една т.н. „граница на овоземното“. Поетот, колку и да се труди да ја исполни секоја желба, приморан е да се движи во дадениот простор што го пружаат буквите:
Моите стихови
се само обид за врамување
на твојата недосеглива убавина
со недоволноста на буквите[2].
Значи ли тоа дека поетот е доведен во искушение уште во почетокот од својот лирски такт и тоа со ограничениот материјал? Бројот на буквите со кој располага поетот се само основа и почетна точка од која поаѓа лирското обраќање. Досегот на песната е на повисоко рамниште. Песната станува молитва со која општи поетот обидувајќи се да излезе од кожата на овоземното и, барем за миг, да ја почувствува хармонијата со која вдахнува „нејзиното височество жената“[3].
Зборувајќи за машкиот принцип на лирското-јас, наоѓаме неколку песни кои, како синоним за истиот принцип го имаат ветрот како цел збор или како дел од друг во насловите на песните: Јужен ветер, Ветер во твоите коси, Ветер врз мене, Безветерна ќелија. Ветрот, како машки принцип е двигател на еросот (забележан во насловот Ветер во твоите коси), согледувајќи ја онтолошката страна на поетовата реч. Обраќањето на поетот ја руши границата помеѓу двата света – човечкиот (на поетот) и оној на инспирацијата (светот на музата). Поетот говори низ ветрот: во песната Ти од сеќавањата, тој се претставува како жежок, див, мечтател, копнежлив. Поетот се подава на метаморфозата не само како стилско решение, туку си дозволува да ја помине границата на возможното – да стане дел од силата која може да суштествува во друг простор, недостапен за обичниот човек.
2.
Спомнувајќи го преминот на границата во душевна, духовна, или пак – физичка смисла, нè пресретнува еден факт, клучен за севкупната поетика на Туфан: тој живеел во Македонија три децении, по што се преселил во Турција (каде што живее и денес). Но, тој често се враќа овде, во земјата во која ги поминал првите (долги) години од својот живот – македонската поетка му тече паралелно со турската поетика. Таквата забелешка ни дозволува да го гледаме творештвото на Туфан (и самиот него) како поет – номад, зашто „номадите, не можејќи да ги пренесуваат тешките скулптури од камен или од дрво, повеќе се посветуваа на поезијата, играта и музиката, бидејќи секое општество си има своја низа на естетски релации, кои му се нему својствени, зависни од неговиот начин на живот, верувања, социјална и политичка организација“[4].
Како еден вид post scriptum на песните, Туфан дава кратки забелешки (вкупно 21) под дел од песните во Жените и буквите: забележуваме дека одредени песни биле откриени, генерирани (поими најдени кај Блаже Конески) во Македонија, дел од нив во Турција и низ светот, но и „Некаде меѓу Европа и Азија гледајќи во водите на Босфор“[5], односно „некаде на 8000 стапки над Дојран“[6].
Постапката на бележење на датумот и местото неретко и конкретниот час кога настанало одредено дело не е непозната не само за нашиот поет, туку и за мноштвото творци, без разлика дали одбираат да го наведат тоа или не. Клучното што овде ни дава за право да го искоментираме овој post scriptum е самото настојувње да се врежи и поетскиот текст (како и сеќавањето) што подлабоко во мислите на творецот, кој подоцна ги препушта песните да го живеат животот независно од оној на поетот.
Не смееме да го отфрлиме фактот дека неговиот восхит кон жената е една одлика која наоѓа место во поезијата на Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Радован Павловски, Гане Тодоровски… Неговиот восхит кон жената го поттикнува читателот да ги запознае стиховеличијата на гореспоменатите поети, да ја осознае сушноста со која тие поети ја величеле музата-жена (или жената-муза), што е, патем, особина (и одлика) за почит. Овде не станува збор само за упатување кон поетите кои го инспирирале Ерол Туфан, туку и поголемата порака што ја носи тој подвиг: да не се заборават корените, да не се загуби човештвото – нешто кон што, без разлика дали е формално обраќање или пак неформално кажано, се приклонува Туфан.
3.
Претставата на жената во поезијата на Ерол Туфан отвора простор за поинакво гледање на творечкиот импулс. Во песните ја гледаме жената како мајка, сестра, сопатник, светлина, врелина… Набројувајќи ги сите квалитети кои ѝ се припишуваат на жената пред сè како човечко битие, допуштаат да забележиме дека Туфан ни ја отсликува со зборови кои не само суштествуваат самите без потреба од нови семиотички потпори, ами наоѓаат пат во најблиското уметничко поле до пишаниот збор – сликарството.
Во стихозбирката, место наоѓаат уметничките дела (Надеж, Сончеви траги – да спомнеме дел од нив) на реномираниот сликар Стефан Хаџи-Николов (постапка која Туфан ја применува во збирката поетизирани есеи Несоници). Хиперреалистичката претстава на жената во делото на Хаџи-Николов е комплементарна со поетските претстави на Туфан. И двајцата го позајмуваат она со кое најавтентично ја постигнуваат својата уметничка постапка: ако тоа е гласот на Туфан во поезијата, во сликарството тоа би било окото за детали на Хаџи-Николов. На тој начин се постигнува градација во творењето, без дополнувања, без вишоци.
Поезијата најубаво се доживува ако не се полни со вештачки изрази, несклони за стилот на поетот без разлика колку одредена поетска слика од друго поетско дело наликува на автентичкиот глас. Поетскиот идиолект на Туфан не располага со суперлативи што го губат значењето, по што стилот мора да се помага со дополнителни епитети; текот на мислата не очекува ненадеен пресврт, строфата не располата со различни слики во секој нов стих. Поетската слика е една изградена целина во која суштествуваат од најинтимното чувство, преку тонот на гласот, до навидум неважните средби во текот на денот.
Тонот со кој ни се обраќа поетот низ песната е само на прв поглед сталожен: со читањето на песните откриваме различни слоеви, потребни за целината на едно дело (сеедно дали тоа припаѓа во сферата на уметничката литература, или како во случајов – сликарството). Да се зборува за слоевитоста на гласот на поетот значи да се познава поетиката на поетот, не само како инспирација која го покажала правецот на поетовото перо, добивана од творештвото на неговите поетски херои, туку и да ги наоѓаме врските и во неговото творештво. Токму затоа и почетната забелешка – каква е врската меѓу циклусот во втората стихозбирка на Туфан, со последната. Иако во циклусот Жена експлицитно не се наведени посвети кон одредени жени (дури и со почетната буква од нивното име), окото ни паѓа врз една постапка.
Веќе спомнавме дека поетот го позајмува својот глас, користејќи го примерот со ветрот. Во песната Галеби, поместена во стихозбирката Камчето од Вардар, сведочиме за ист момент:
Со криковите ми кажуваат:
‘Не си сам, патнику.
И ние патуваме со тебе
низ животот’[7].
Крикот на галебите, поздравувајќи го патникот укажуваат на една придружба, која ја нудат во неговото патешествие, но не продолжуваат со него во патувањето. Нестивливиот дух на патникот се отсликува во номадското битие на Ерол Туфан. Тој е свесен дека не може да земе ниту парче од она што нему му остава впечаток, но може да ја позајми убавината како еден дел од инспирацијата и да понесе нешто што само нему му остава вдахновение:
И тие жени како вас
само доаѓаат и си одат
поминуваат низ мојот живот
а за навек ниедна
не останува на бродот[8].
Понекогаш, не ни е потребно да воспоставиме врска, доволно ни е само очите да ни задржат одредена слика. Потоа нам ни се доделува улогата што ќе правиме со истата: дали љубоморно ќе ја чуваме, или ќе ѝ дадеме нов живот гледајќи во хоризнонтот – каков што живот вдахнуваат поетите.
[1] Туфан, Ерол (2024). Жените и буквите. Скопје: ПНВ Публикации, 13.
[2] Ibid.
[3] Ibid., 52;
[4] Цит. сп.: Туфан, Музафер (2011): „Номадизмот во турската и македонската поезија“ во Компартивни поетики. Скопје: ПНВ Публикации;
[5] Туфан, Ерол (2024). Жените и буквите. Скопје: ПНВ Публикации, 13.
[6] Ibid., 24.
[7] Туфан, Ерол (2016). Камчето од Вардар. Скопје: ПНВ Публикации, 44.
[8] Ibid., 45