Митска алхемија: Јунгова деконструкција во ремек-делото на Мијазаки

Чихиро треба да го прејде мостот со затворена уста. Според Елијаде, ta mystéria, изворно означува „да се затвори устата“, кое пак се однесува на обредната тишина. Оттука, започнува и иницијациска смрт на Чихиро.

Уште од првите сцени на Spirited Away – „Во време недалеку од нашето, си живееше една млада девојка по име Чихиро, која патува со своето семејство кон новиот дом“, во чии рамки гледачот го опфаќа смирено расположение, кое всушност е нeпостојано и поради динамиката на сцените, наеднаш станува жарокно и напнато. „Еден судбоносен ден, додека патуваат кон новиот дом, автомобилот тргнува кон кривулестиот шумски пат, наеднаш зачкрипуваат сопирачките пред непроодниот пат. Воздухот е густ, а шепотот на дрвјата се чини дека ги повикува подлабоко во непознатото.“

Семејство коешто е спокојно и среќно, и може уште долго да живее така доколку не се случат многу мали незабележителни одлуки, кои создаваат неочекувани настани што водат кон катастрофа. За разбирање на ова семејство, нивниот карактер, но и самата приказна, потребно е да се согледаат сите елементи кои се тесно поврзани, постепено и со текот на развивање на настаните.

Чихиро со тешко срце го остава зад себе познатото место и пријателите, наоѓајќи се пред непроодниот пат, таа е обвиена со страв, додека пак нејзините родители љубопитно го разгледуваат мистериозниот тунел. Игнорирајќи ги протестите на Чихиро, одлучно зачекоруват во овој необичен портал. Тунелот со својата темнина како да ги проголта цели. Излегувајќи од другата страна, се најдоа во чистилиштето, осветлено од сонце, исполнето со остатоци од заборавен забавен парк. Недостига уште еден премин, потокот, односно преминот преку вода, каде што вознемиреноста на Чихиро расте, а мирисот на храна продира сѐ повеќе низ празните градби, намамувајќи ги родителите. Оттука, протестот на Чихиро е сѐ поголем и поголем, чувствувајќи дека ќе западнат во неволја, дека го преминале невидливиот праг каде што обичните закони на светот повеќе не важат.

Немоќта да одолеат на храната, нејзините родители се престоруваат во свињи, а таа останува сама, без заштита. Некаде меѓу границата на реалноста и сонот, Чихиро упорно сака да се разбуди. Имено, оттука започнува и мотивот на заробената девојка, таа е заточена во шумата, каде под влијание на Јубаба мора да работи, истовремено ја гледаме и дуалноста на Хаку, односно змејот којшто ја посетува девојката во заточеништво. Во минатото од сите видови на забрана со кои се обидувале да се заштитат од демоните што се појавуваат во сказната во вид на змејови, гаврани, прчови, ѓаволи, духови, Јаги … грабнувајќи ги жените, девојките и децата – од сите тие видови на забрана во сказната најдобро е одразена забраната да се напушта домот. (Проп 2011)

Но каде тргнува хероината? Каков е нејзиниот карактер, и всушност која е таа? Дали е жив човек испратена во оној свет, или пак го претставува патот на душите? Се вика Чихиро или Сен?

Во Јунговска смисла, егото е претставено од свесниот идентитет и чувството за себе. Клучен аспект, централен за нашиот личен идентитет, тесно поврзан со нашето име, симболизирајќи ја нашата индивидуалност и местото во светот. Оттука ја имаме почетната состојба – Чихиро со јасен его идентитет.  Но според Јунг, несвесното е многу постаро од свеста. Нејзиното име го претставува свесното јас, нејзината историја и нејзиниот личен идентитет. Но Јубаба како вештерка, што е мошне комплексен лик за анализа, го менува нејзиното име во Сен, симболизирајќи го одземањето на его-идентитетот. Оттука, Чихиро е подлежна на несвесните влијанија на духовниот свет, претставен од бањата  и нејзините жители. Сега Јубаба има целосна контрола над неа, или од Јунговски аспект ова означува дека егото може да биде совладано од несвесни елементи, доколку истото не е правилно закотвено. Всушност, патувањето на Чихиро како Сен, вклучува соочување и интегрирање на нејзините аспекти на сенката, претставени преку нејзините стравови и несигурности, средбата со анимата, преку ликовите на Хаку и No Face. Процесот на враќање на нејзиното вистинско име, е симбол на нејзината индивидуација – реинтеграција на нејзиното его со нејзиното вистинско јас (Јаство). Тоа го означува нејзиниот психолошки раст, помирувајќи го нејзиниот свесен идентитет со несвесните искуства.

Без оглед на алузиите на интеграцијата на најдлабоките аспекти на личноста, и можеби паралелно со нив, се начнува претставата на сенката како дел од целина. Сенката го претставува несвесниот дел од личноста со кој свесното-его не се идентификува, обликувано од слабости, желби и инстинкти. No Face е налик на слепа сенка, тело или форма кое е отсутно, истовремено и присутно, често неухрането или пак, напротив прејадено. Интегрирањето на сенката се реализира целејќи подалеку во психолошкиот простор. Преку идентификација на слепата сенка се надминува желноста и нарцисоидното – јас, соединувањето значи самоспознавање и своевиден морален компас, развој. Од друга страна, останувањето во рамката на егото, и игнорирање на сенката, води кон прелевањето на непожелните особини во другите. Таа влијае на однесувањето и емоциите, со нејзино игнорирање најверојатно наоѓа потврда во доминантот на егото, доведувајќи го во прашање моралниот конфликт и психичките неволји. Често во сказните, јунакот се дели на две фигури. Во таа перспектива, светлата фигура како настроение кон самиот јунак, но исто така и темна фигура (сенката) како придружник. No Face e олицетворение токму на овој тип на сенка, незабележлива и потисната длабоко некаде. Форма на мостот, забележана од никого освен од Чихиро, навидум безопасна. Во даден момент Чихиро ѝ дозволува пристап до себеси, несвесна дека таа е дел од нејзе, всушност никој не знае за постоењето на No Face, сѐ до моментот кога од безопасно сениште, ќе го согледа гротескното олицетворение на нејзините најдлабоки стравови и потиснати желби. Сепак, зад превезот на агресивноста, огромната и застрашувачка форма, лежи концептот на Јунг за проекциите. Проекции кои несвесниот ум ги создава, што значи соочување и изолирање од нејзината околина, бидејќи таа мора да се движи низ илузорната, искривена реалност обликувана од овие проекции. Во овој контекст негативниот аспект на сенката, може да се скроти само со разумен пристап од страна на јунакот. Имено, токму тоа и го гледаме, Чиширу размуно и мудро ја преобразува Сенката.

Во исто време, ваквата асимилација се реализира и преку ликот на Хаку, како машкиот аспект во Чихиро. Со алхемиска евокација на Хаку и Чихиро и нивната соединетост, тој е олицетворение на јунговиот анимус. Сам по себе има многубројни симболи, но гледано од перспективата на Јунг тој е архетип кој влијае на егото и на несвесното. Вообичаено, овој архетип е претставен преку соништата и фантазиите, персонифицирани како фигури кои отелотворуваат идеални или негативни особини. Чихиро прави психолошка рамнотежа и разбирање на спротивниот пол во себе. Женското несвесно е под влијание на машки елемент, што создава психолошка разлика помеѓу мажите и жените. Јунг го нарекува овој машки аспект кај жените анимус, што одговара на татковскиот Логос, исто како што анимата кај мажите одговара на мајчиниот Ерос. Еросот го претставува сврзувачкиот, релациски квалитет, поразвиен кај жените, додека Логос претставува дискриминација и сознание, поразвиени кај мажите. Кај жените, Еросот е природен израз, додека нивниот Логос е често помалку изразен.

Така, Јаството е централниот архетип, претставувајќи ја севкупноста на личноста, соединувајќи ги свесните и несвесните елементи. Невообичаеното воочување, препознавањето и разместувањето на личноста, всушност создава единство, целина и процес на индивидуација. Личноста на еден ваков начин добива комбинаторен и сумирачки аспект, каде што егото ги интегрира сите аспекти за да постигне самореализација. Овој процес се поврзува со феноменот на иницијацијата, каде кандидатот се одделува од своите родители, искусува симболична смрт, а неговиот идентитет е дезинтегриран. Секоја нова фаза од животот на индивидуата (од рано во доцно детство, од адолесценција во зрелост) е придружено со повторување на првобитниот нагонски конфликт помеѓу барањата на јаството и барањата на егото. (Шкрињариќ, 2011)

Иницијацијата вклучува препознавање и интегрирање на различни архетипови во свесното јас. Оттука, се надоврзува една од сцените кога Чихиро треба да го прејде мостот со затворена уста. Според Елијаде, ta mystéria, изворно означува „да се затвори устата“, кое пак се однесува на обредната тишина. Оттука, започнува и иницијациска смрт на Чихиро.

Создавањето дуализам и неодредени симболи околу ликот на Хаку, стануваат средиште на митското толкување на змејот, во чии рамки, објект на грабнување секогаш е жената, преку асимилација на архаинчното змеј-проголтувач, но и во исто време змеј-љубовник. Иако сценскиот приказ, не укажува на директно грабнување,  приказот на митските симболи ја доближуваат смислата. Имено, разделбата со змејот мора да биде изведена по пат на магија, каде што во неколку секвенци се забележуваат магиски практики од страна на Чихиро. Разрешувањето на неговиот вистински идентитет, на некој начин е противотров, едно привремено спасение. Воедно, магијата на зборот се смета дека е постара и од магијата на принесување на жртва. Како и да е, нејзиното враќање на нејзиното вистинско име и идентитет го симболизира достигнувањето на себе, постигнувањето целост и зрелост преку нејзините искушенија, препреки и соочувања.

Страдањето и претставите за смртта, во врска со ликот на вештерката се наметнува како крајна индиција. Имено, обредот на иницијација е тесно поврзан со претставите за смртта, оттука и со ликот на вештерката. Од првите сцени го гледаме влезот во шумата, а познато е дека Шумскиот дух, речиси секогаш е преименуван во вештерка, притоа некои подоцнежни материјали укажуваат дека шумата е оностраното царство, а патот дотаму се одвива токму преку шумата.

Како господарка на шумата Јубаба/Зениба или митолошката Јага се секогаш исцртани со изразито женски физиологични атрибути. Па така гледаме стaрица, со изразено големи гради, со суштествено својство на мајчинство, но без маж. Таа е мајка и господарка на животните, токму во шумата. Како господарка, таа истовремено е старица и животно. Несведливиот афект во својот двоен аспект на  енергетска негувачка и деструктивна женска енергија го претставуваат архетипот на Јубаба и Зениба. Од една страна ја имаме Јубаба која постепено се прикажува пред нас, чувствувајќи ја јунакињата преку мирисот, бидејќи ја гледа како живо суштество и не сака да ја пушти. Притоа задавајќи ѝ тешки задачи, кои се типични за ликот на вештерката. Од друга страна Зениба ги негува мудрите и добронамерните аспекти, овие карактеристики на Зениба, се значаен контраст со суровоста на Јубаба, истакнувајќи ја двојната природа на архетипот.

Нивната спротивставеност го претставува концептот на црно и бело, односно на доброто и злото, кој е вообичаен мотив во митологијата. Јубаба како концепт на темното, олицетворение на алчност и материјалното, додека кај Зениба го гледаме концептот на учител, шумскиот дух кој живее преку морето, кој ја предава тајната наука, односно знаењето. Така, се надоврзува и волшебниот дар, кој вообичаено е некаков предмет, оттука настанува и кулминацијата, од овој момент може да се предвиди крајот.

Во Spirited Away, дуализмот на Јубаба и Зениба можат да се толкуваат и како претстави на таоистичкиот концепт на јин и јанг, преку инкарнирање на рамнотежата на спротивностите. Јубаба, која се карактеризира со нејзината амбиција, материјализам и немилосрдност, го симболизира јанг аспектот, обележан со доминација и самоувереност. Таа ја контролира бањата со железна рачка, манипулирајќи ги и заплашувајќи ги оние околу неа, инкарнирајќи ја природната сила на јангот. Спротивно на тоа, Зениба го претставува аспектот на јин, кој се карактеризира со великодушност, наклонетост и едноставност. Таа дава насоки, одразувајќи ја грижливата и приемчива природа на јин. Однесувањето на Зениба со простување и разбирање, заедно со нејзиното задоволство во скромниот живот, ги истакнува внатрешниот и контемплативен карактер на јинот.

Драматичниот имагинарен свет на Мијазаки, мајсторски ја пресликува богатата митолошка симболика. Можеби поттикнат од привлечноста на естетскиот ефект затворен во рамките на идентитетот, трансформацијата и самооткривањето, терајќи го Мијазаки силно да се приврзе за внатрешниот живот. Така отпочнува вечното навраќање на фантазиите и митологемите, како една надмоќна порака.

 

Референци:

Анастасова Шкрињарик, Нина. Триношникот на Цепенков и каучот на Фројд. Скопје: Македонска реч, 2011.

Проп, Владимир. Историски корени на волшебната приказна. Скопје: Македонска реч, 2011.

Eliade, Mircea. Cosmos and History: The Myth of the Eternal Return. New York: Harper & Brothers, Publishers.

Jung, C. G. The Collected Works of C. G. Jung: Volume 9, Part II: Aion. Princeton, NJ: Princeton University Press.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Митска алхемија: Јунгова деконструкција во ремек-делото на Мијазаки”