Ноќен суфлер (избор песни)

Заветени вајари // Сите наши изгубени плими // Долг чекор за ветрот што молчи // Удри бабо гребени // Безѕвездено љубење

Заветени вајари

Во погледот пролетува облак
свиен под ракавот на заминувањето,
за чудно да се трклаат чадорите
по немирното небо за недопрените.
Москавично заиграа нотите
под нашите растурени скриени стихови
пред разделениот чекор на сенките
за ноќтта да се прости
од ветровите што не среќаваат.
Ништо не поминува бестрашно,
кога се спојуваат оние кои ги разделуваме.
Каменот од земја, земјата со камен
каменот со вечност, вечноста скаменета
та земја сме накалемена со вечност.

Сите наши изгубени плими

Многу месечени се скриле
во отклучените врати на денот,
со облаците храм да осветат.
И повторно слушнав за засолнетите
молитви на пладне што чекаат
за една во друга мисла да се селат.
Езерото ми спие во коса
гледам сјај кој го крепи
и во тоа невидливо растројство
светлината останува за оние без сенки.
Тука сум без сон донесена
и во бело ти се радувам.
А сепак, за тој мрак по кој се плаче
за онаа која не има сите,
и за онаа што не заслепе,
никој никогаш не посака сонце.

Долг чекор за ветрот што молчи

I
Потребен ми е еден лет
низ длабочините разерезени
и за миг да ја почуствувам
онаа потреба на ветрот за човек,
сама да ја наканам есента
ист ветер да ја целива убавината
за да ги раскажам присутностите.
Потребен ми е само еден лет
како на разлеаните сенки
на невидливите птици
дом во спокојот што ми градат,
како на калапите на ѕвездите
згрутчени од студот на бронзата
сонот што ми го вардат.
Потребен ми е само еден лет
низ разезерените длабочини,
и за миг, само за еден миг
да бидам ветрот овде што те прати.

Удри бабо гребени

Брзите вкрстувања на здивот
посакувам да умееа да не премолчат
кога мудро ќе отпатуваат
сите наши изгубени валцери.
Во топлината на погледот,
жолти полиња на шармот
избелуваат крај реките на долговечноста.
а сепак, овој суден ранобудник,
го носи она што одново напролет го губам.

Безѕвездено љубење

На Наум Манивилов

Јадеме ориз и пиеме вино,
лебот ни е забранет
и не прашувај зошто!
Нас не не дели небото,
во убавото на доброто и далечното,
во убавото вистинско и недостижно
во графиката на постоењето!

Бакнуваш чесни луѓе,
без сенката пред нас што стои,
празник во прост ден славиш,
љубов дочека во недосраснат свет.
Апокалиптично воскликнуваш,
и белите птици те имаат на нишан,
со грч и темјан во колевката на јатата,
ох, и нивните песни одамна ги знам.

Купи и ѕвезда, само тоа го нема!

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Ноќен суфлер (избор песни)”