колку сум постар толку повеќе верувам во хороскоп
пет чекори зад мене
лебди мојата ѕвезда
прекрасна и чиста
како хируршки скалпел
илјадници луѓе по главната улица
зад себе ги влечат своите ѕвезди
како деца што зад себе влечат
хелиумски срца или делфини
фрлање грав, гледање во лажица
хиромантија, тарот, бела магија
откриј ја судбината во изабениот филџан
сè е можно, живееме во нулто време.
ламент
се рони мртвата состојба на нашите зборови
се сронува во времето
нивната семантичка цврстина
мускулите коските белите дробови срцето мозокот
краевите од нервите се стопуваат со црницата
конечно сме вземјени
а и тоа не ни значи ништо
во ова преубаво безредие
тоа што можеш да бидеш црно лале
или безгрижна честичка по смртта
или вратен во телото со здивот божји
е работа на вербата во она што си го прочитал
се рони мртвата состојба на нашите зборови
(ако дишеме свеж и благотворен воздух
не сме надмоќни наспроти мртвите)
се сронува во времето
нивната тресетна цврстина
во ова преубаво безредие.
* * *
Реџо Бегиќ загина
на Голо Брдо
зрното му помина
низ градите
од устата крв му излегуваше
наместо топол воздух
лицето му стануваше
бело и жолто
сè траеше неколку секунди
синилото на небото
му се собра во усните
правила и должности
ноќе наслушнуваш
дење надгледуваш
тоа ти се должностите
на линијата
помеѓу тоа
нема ништо
јадеш кога има
храна и време
страсно пушиш
ретко спиеш
си се претворил
во куп изострени
сетила
сметаш исто така
на факторот среќа
и на уште нешто
имаш и амајлија
против уроци
и покрај сè
веруваш дека нема да
преживееш
свикнуваш на смртта
и токму тоа те одржува
во живот.
светлосно послание
во стакленото јајце
на уличната светилка
светлината се свиткала
како фетус
на терасата од џез-барот
над нашите глави
висат светлосни кошници
во билките светлината
го менува дресот и придобива
зелена боја
толку за светлината.
Превод: Никола Маџиров