ПАТОТ
Требаше одамна да заминам
Во една дамнешна пролет
чии бои се веќе избледени
дури и на старите фотографии
Уште додека имаше разлетани птици
низ парковите
и разбрмчани пчели
што се сладеа од расцутените цвеќиња
Многу одамна требаше
во себе да ја најдам пролетта
и да сфатам дека во мене се
и силата и надежта и љубовта
Дека во мене е зародокот
на сите копнежи на сите можности
што толку долго потулени тлееја
чекајќи го овој ден
Пред еден век требаше да си го фатам Патот
што за мене Бог го отворил
и да тргнам кон Неговите прегратки
за да можам и самата да се прегрнам
ЗАМИНУВАЊЕ
Можеби навистина треба да се замине
од оваа бара во која се давиме
која со години нѐ влече надолу
а дното никако да го досегнеме
Да се замине некаде далеку
каде што улиците се чисти како соби
кантите за ѓубре личат на украси
а клупите во парковите се речиси нови
Во најмало село среде џунгла да се отиде
каде што небото им е покрив на училиштата
а децата седат на топлата земја
и не знаат што се тоа дојави за бомби
Во некое место на крајот на светот
треба да се замине и да се остане
Да се свие гнездо на крајот на шумата
и да се живее во тој светол и зелен дом
ЗАМИНИ
Исечи ја косата и крени ја во боцки
обој ја црвена или виолетова
па дури и портокалова – зошто да не
Направи го тоа што никогаш
си немала храброст да го направиш
Издупчи ги еднододруго ресичките на ушите
и накити ги со алки како африканските домородци
Собери храброст и истетовирај се
Напиши нешто на твојата кожа
Carpe diem или што било
Нека биде и таа уметничко дело
какво што сакаш да создадеш од животот
Немој да се пакуваш
Остави сѐ зад себе
Едноставно излези во росното утро
без да се поздравуваш
без назад да се свртуваш
Смени ги размислувањата
за кроткоста и пожртвуваноста
за служењето и понизноста
за животот и смислата
па дури и за неопходноста од поезија
Откорни ги сите копнежи од срцето
фрли ги на буниште сите јанѕи
отплеткај се од мрежите на соништата јалови
за работи што никогаш нема да се збиднат
згази ги сите непотребни стравови –
нека умрат заедно со тебе вчерашната
Смени го ако треба и името
Биди човек не жена
Биди Ти
ВО ПОТРАГА ПО ДОМ
Додека умот сурово ме измачува
со поројот прашања за кои нема еден одговор
стојам сама од ветровите на есента шибана
среде плоштатчето како островче издигнато во денот
се вртам збрлавено во круг
и зашеметено ги опфаќам со погледот
сите згради станови прозорци и тераси
што зачудено ме гледаат со студени ириси
одбивајќи ми го погледот како туѓинка
и се обидувам да издвојам еден
само еден од плипотот
и да го наречам дом
СЕ КАЧУВАМ НА МОЈОТ БРОД
Половина век ми требаше
да го погазам и сотрам стравот
и од себеси и од другите
пепел да го сторам и да се убедам
дека никогаш не сум сама со Бога во мене
Денес конечно
го вадам восокот од ушите на срцето
и можам да го чујам внатрешниот глас
што ме храбри да го направам првиот чекор
го кинам пердето од очите и погледнувам во себе:
во дворот на мојата душа се нишаат тревки
се лулаат мирисни главчиња на расцутени цвеќиња
летаат пчели пеперуги и бумбари
раскокани по дрвјата цвркотат птици шарени
Опиена од чудото на прогледувањето
ја подавам ногата во празниот простор
Наречете ме и налудничава и ветрогонка
пет пари не давам за вашите мислења
Со крената глава
се качувам на мојот брод со опнати едра
и го развевам своето виолетово знаме
Потоа длабоко вдишувам
застанувам пред кормилото
и со поглед отворен кон далечината
тргнувам кон тебе моја земјо ветена