Интимен живот

Книга на месец септември: Во тој миг на целиот свет не постои, можеби на светот и постои, но сигурно не во централното подрачје на Рим, личност што би била подалеку од мирот од тренерот Мирко Тоник.

Оваа приказна почнува една среда изминатава деценија, часот е девет и петнаесет наутро, а Марија Кристина Палма вежба гимнастика. Се мачи со еден бугарски склек, вежба што ги затегнува квадрицепсите и мускулите на задникот. Едната нога испружена назад, другата напред, го свиткува коленото набљудувајќи ја низ стаклата на верандата матната прекривка. Ситниот прав што со недели ги погодува римјаните сменувајќи се со дождот, почна да се намалува. Дома е топло, но зад двојните стакла ноќниот мраз ги покрил со слана јапонските палми и соголената пергола на терасата. Помеѓу столпчињата на оградата се наѕира кејот на Тибар, затнат од автомобили, а малку понатаму и контурите на замокот Сант Анџело, кои се губат во нездравата измаглица на престолнината. Поткровјето во кое живее Марија Кристина е еден од оние раеви за кои мнозинството луѓе не ни сонуваат, толку е недостижен. Повеќе од триста метри квадратни на два чекора од плоштадот Навона, во една неокласична зграда, дење и ноќе надгледуван од полициски комбиња.

Нејзиниот личен тренер Мирко Тоник, момчиште од Франкавила а Маре, ѝ раскажува дека во еден вегански ресторан во квартот Пињето му го прославил роденденот на својот свршеник Мајкл Кармајкл, Ирец, кој работи како преведувач на упатства за печатачи и рутери. Додека тренерот споменува една мусака од сирење и модри патлиџани, толку добра, за паѓање во несвест, извлекува еден диск од рамката, па тегот од другиот крај на оската, пет килограми чистo олово, се стркалува и завршува врз десниот ножен палец на жената, која испушта толку силен крик, што би ја замолкнал и двојката неразделни птички во лакираниот кафез над папратот. Верандата со цвеќиња – слоновски уши во сини саксии, џуџести палми и гранчиња од потос што се пружаат од полиците, почна да ѝ пулсира наоколу како специјален ефект во некој лош филм.

Мирко Тоник, насетувајќи го размерот на создадената каша, се фаќа со рацете за косата и клатејќи се го повикува создателот: – О, Боже! О, Боже! О, Боже! О, Боже мој! Што сторив.

Марија Кристина трепери од болка. Треба само да дише и да почека да помине.

Со текот на времето сеќавањето на физичката болка, за разлика од душевната, тежнее да избледи и по неколку години ние одвај се сеќаваме колку сме страдале при вадењето катник или слепо црево. Изминаа петнаесет години откако бившиот сопруг на Марија Кристина, познатиот писател Андреа Чери, ѝ го притисна едниот прст од раката во прозорчето на еден голф кабриолет пред Хотелот Локарно. Тогаш таа се стрча до ургентниот центар Фатебенефратели каде што ѝ го отсекоа површинското парченце кожа што држеше грутка месо, нокт и крв. Денес, за среќа, горниот дел од патиките го амортизираше ударот.

– Како си? Те боли ли? – пелтечи личниот тренер, со раката допрена до градите.

Марија Кристина е сосема без здив, само му дава знак да остане мирен.

Во тој миг на целиот свет не постои, можеби на светот и постои, но сигурно не во централното подрачје на Рим, личност што би била подалеку од мирот од тренерот Мирко Тоник. Палецот што го смачка е еден од најскапоцените меѓу шеснаесетте милијарди палци што газат по планетава.

Стапалата на Марија Кристина, број триесет и девет, бројот на хармонијата според Ајурведа, се грчки стапала, каде што вториот прст, показалецот, е малку подолг од палецот, како кај Венера од Милос. Во медицината оваа појава се нарекува Мортоновиот прст, во чест на Дадли Џ. Мортон, американски ортопед, кој прв ја опишал. Присутна е само кај десет проценти од светското население и нејзината честота е несразмерна. Кај Скандинавците не е присутна, но кај народот Ајну, кој живее на јапонските острови, достигнува речиси деведесет проценти. Сводот на стапалото, како кај Барби, е толку совршен, што кожата, не допирајќи ја почвата, останува мека и мазна. Според подоманцијата, вештина за погодување на иднината според стапалата, зашилените прсти означуваат цврстина и амбиција. Ако се пребара на Гугл поимот „стапалата на Марија Кристина Палма“, излегуваат илјадници фотографии. Детали и зумирања, со или без чевли. Марија Кристина, заедно со Селена Гомез, е кралица на Викифит, порталот на фетишистите на стапалата.

Мирко Тоник, згора на сè, не заборава дека сопругот на жената на која ѝ го повреди прстот, Доменико Маскањи, е актуелниот италијански премиер. Оние неколку пати кога го начека дома, од трема не успеа ни да го погледне во очи. Моќен човек, потомок на еден древен адвокатски род, кој има спасено индустрии, претставувано држави и меѓународни холдинзи. Се раскажува дека еден негов предок, извесен Танкреди Маскањи, кој случајно минал низ Англија, учествувал во составувањето на славната Магна карта.

Личниот тренер веќе се замислува осиромашен, како дува во панова флејта (единственото нешто што знае да го прави освен да тренира) пред пицериите во центарот на градот, за два-три гроша. Мајкл многу пати му имаше кажано: „Троши сега помалку, за да не трошиш потоа повеќе. Осигурај се.“ Но, тој го стега ќесето и сега ќе мора да го продаде она малку што го поседува (гарсониерата во Пињето, четврт колиба на островчето Пантелерија и еден расклиматен скутер) за да плати за реконструкција на возвишеното ковче. И ќе го запомнат Мирко „Тоник“ Белучо како човекот што ѝ го масакрирал прстиштето на Марија Кристина Палма. Почувствува итна потреба од чист воздух. Широко ја отвора стаклената врата и се упатува кон парапетот, повторувајќи со безгласен акцент од регионот Абруцо: – Сега ќе се утепам. Ќе се утепам.

Под терасата на Маскањи има и друга на која се шетка еден германски овчар со не многу пријателски изглед. Мирко се враќа назад, ја пика главата во големата саксија со папирус, си ја мазни косата на черепот и повторно влегува внатре.

Марија Кристина седи на клупата, си ја собула патиката и си го набљудува прстот, црвен и подуен. Тренерот паѓа на колена, на килимчето пред својата кралица. – Спремен сум да поднесам каква-годе казна. По можност телесна. Последна желба: неколку капки ксанакс.

– Тоа има во бањата.

Молителот го крева погледот. – Ќе ме поштедиш? Ако ми простиш, ќе ти дадам гратис годишна претплата.

– На полицата под огледалото.

Мирко Тоник, сè уште во неверување за добиеното помилување, трча да вшмука една поголема доза од молекулите на алпразолам.

 

 

Професорот Анџело Ѕурло, примариус ортопед во болницата Џемели, телефонски повикан од Катерина Гамберини, личен асистент на Марија Кристина Палма, уверува дека врз основа на најновите клинички истражувања сега се советува движење на повреденото место, бидејќи „зголемувањето на дотокот на крв под ноктот го одбегнува формирањето хематоми што предизвикуваат отпаѓање на самиот нокт.“ Значи, нема потреба од болница, само една добра доза антивоспалителни средства и, ако е можно, одење со отворени чевли, со ниски топуци.

Оваа вест ја оживеа сопругата на премиерот, која се плашеше дека ќе треба да ја прескокне забавата во Веслачкиот центар Аниене. Имаше добиено еден нов фустан од Диор и сакаше да го покаже на роденденот на Игор Роси Броџи, претседател на НАХИ (Националната асоцијација на хотелиери на Италија).

Па така, да ѝ препишеше професорот на Марија Кристина да ја штеди ногата и да остане дома, оваа приказна не ќе можев да ви ја раскажам. Но, не сум ни толку сигурен. Приказните, оние важните, оние што ги менуваат судбините, се надојдени реки, тешко е да се запрат. Ако им поставиш пречка, ќе ја заобиколат, ќе најдат друг пат по кој ќе потечат. А јас сакам оваа приказна да започне баш вака, со крик од болка.

 

Настанатата незгода, меѓутоа, може да биде убав повод за подобро да се исцрта Марија Кристина Палма, главниот лик во овој роман.

Кога ќе ѝ се нанесе зло, таа се грижи за оној што ѝ го нанел. Намалување на страдањето што животот обилно ѝ го додели, смирувајќи ги блиските; тоа е една од нејзините специјалности. Кога имаше единаесет години, во вилата во Мондело, се обиде да посредува во една тепачка помеѓу Нело, домашната сириска мачка, и Толо, пудлицата на тетка ѝ Виторија. Мачката, еден тигрест демон што потскокнуваше низ собата, се искачи по неа како на дрво забивајќи ги канџите во младото месо пред да се изгуби во ходникот. Девојчето излезе во градината. Таму беа мајка ѝ, тетка ѝ, келнерите во бели униформи, братучедите со гумени мускули и брат ѝ на трамболината. Базенот пулсираше со заслепувачко синило, жегалците пиштеа меѓу боровите, а таа, несмасна на долгите нозе како на ждребе, со два бескорисни триаголници од темносино платно на ковчестите гради, одрана по телото како светиот Вартоломеј, седна на масата пред една чинија со полнети тиквички, си ја стави салфетката на колената, си тури чаша вода и се напи, токму среде викотот и криците на сите други.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Николо Аманити
АНА – Николо Аманити
Можеби чекаше да се стемни за да нападне, но не ѝ се...
Повеќе
0 replies on “Интимен живот”