Змијарник

Сè е во ’рбетот меѓу нас/ не се витка/ каде ќе одиш/ во скутот се исправа пастув/ во градите осарник...
Да се слизнам

Премногу од сè лошо изобилие отровно изобилие
изобилие што боли и го притиска утрото
мачката уште спие и нејзиното тело и нејзиниот сон се тркалезни
моето тело е разделено на екстремитети
моето тело е шестар шилец и едниот крак го подбуцнува другиот
надвор мраз и сонце каков судир на желбата и студенилото
каде ќе одиш каде во вакво утро со скреж што блеска под светлината
но опасна е оваа убавина
мачката е дремлив потстанар на сонот и гајле ѝ е
што ме плаши топлината што ја грее
ако предолго се задржам ќе бидам врзана
ќе бидам поробена со крзното со врелината на дишењето
мислите се зол другар што те турка низ надолнина
мораш да станеш да се раздвижиш лизгаво е
лажното сонце гали и ветува топлина
внатре премногу сенешто
а надвор студеното утро го потпрело челото
и чека да се слизнам

 

Распоредот на нашите настојувања

Секачите зариени длабоко во кожата
под кожата ноќе дишат лилјаци
ти леташ ме боли кога ги растегнуваш крилата
твоите удари на крилата под реброто
ноќта зрее ти разговараш самата со себе
се плашам од твојата храброст
повеќе отколку од своите стравови

Сè е во замавите велиш
во подготвеноста да се собереш
да се рашириш
на бувот дење да му ја украдеш шумата
на зајакот да му го проголташ стравот
да се преместуваш од точка во точка
носејќи глава во забите

Сè е во движењето
на јазикот на телото на мимиките на лицето
мораш да следиш кога мачката со канџата
го преместува времето
кога змијата со касај ги заклучува саатите
кога мравките го гризат бремето на секундите
во зборовите уште само ехото се одразува
погледни јавето живее во движењето
ги зашива своите конци врз кожата
со иглите на ужасот го потпира ’рбетот

Сè е во ’рбетот меѓу нас
не се витка
каде ќе одиш
во скутот се исправа пастув
во градите осарник
на бедрата птичји клунови
и ситен ред секачи

 

Родина

Родината е клопче змии
каса со општите места
камен сонце
труе со отровот на очекувањето
насилна под воздишките и копнежите
по виновата лоза и маслинките
со стап ѝ ја гмечи главата на отровницата
со шлаканица ја плесна по усна
постојано се отвора тоа место
и истура сол по сите рани
за кои таа не знае ништо
со поганите усти ја расцепила земјата
и се вовлекла во неа
Каде ќе оди несреќницата
крај тарабите се свила
била змија
се собрала
глуми дека е мртва
не ја уби таа туку нејзиниот отровен јазик
Се правда пред луѓето
плука густа плунка во прашината во која
таа се плете во устите
никогаш нема да ја остави на мир
проклетата родина

 

Пече

Немаш каде одовде
кога ќе спука оваа жега
кога те притиска под плочата
кога ти ја соголува кожата
кога те болат коските и стракот трева
и замката што ѝ ја постави на птицата
и додека пука нејзината мека коска одѕвонува во твојата
Уловен сум велиш
од небото и земјата и нивното насилство врз нас
да ги мамат очите да го искриват ’рбетот
да креваат да кршат да стискаат да јадат
да мислиме дека се качуваме а надолу нѐ турка
онаа сила во која се ѕвериме
додека излегува сонцето а денот сè уште не е распаран
(знаеш како пече овде ќерко)
мислев дека можеме да бидеме подобри луѓе
долу во долината под патот
братовата земја за која се тепавме
сраснала во трње и змии
а братот
ни него веќе го нема
само таа земја што нè стокмува како мајка
пече
сите нè измами сонцето
и нема веќе ветувања и жед и копнеж и мечтаења
за оваа трошка изгорена нива
и шака вода во дупките на карпите

 

Да умрам

Дождот зајде во градите на ливадите
мокрото небо седна на тревата
на лисјето почна да му гние срцето
не се плашам да умрам
само да се искапам и исчешлам
со каменот пред куќата ќе го потпрам срцето
премногу ме боли за да продолжам да го носам
во мене нема страв
го дадов под наем тогаш кога
моите за храна ме дадоа
во друго село
рано в зори го терав добитокот на пасење
во туѓо село по туѓи ниви
и знаев дека штом не ме изеде тој мрак
ниту еден нема да ме изеде
кога го родив синот
беше слаб и убав како кукла
комшиката рече дека некој ми го проколнал
не сака ништо да јаде уста не отвора
одвај ѝ го украдов на смртта
и кога се разболе
се сетив колку мала и убава уста имаше
и како во огнот фрлив нечешлана волна
да ги истерам злите очи магиите да ги разврзам
но ми замина по онаа нишка
што од огнот одамна побегна
оттогаш смртното руво си го подготвувам како утеха

 

препев од српски: Јовица Ивановски

Тагови од објавата
0 replies on “Змијарник”