За многу кратко време животот ми се преврте наопаку. Татко ми се разболе и за една година го напушти овој свет. Поточно мене. Јас бев неговиот свет. Тој беше мојот свет. Со неговата загуба загубив речиси сѐ. Сите пријатели, што беа и онака распрскани по белиот свет, и нашата заштеда. Парите не му го спасија животот. Сепак, му ги олеснија последните денови. Откако почнав да се освестувам по сѐ низ што морав да поминам по неговата смрт, се соочив со други проблеми. Морав да ја напуштам резиденцијата во која престојувавме последните три години во една земја во странство каде што тој работеше како дипломатско лице, а јас како и насекаде откако знам за себе си странствував како дете на дипломат, иако годините воопшто не ми беа детски. По завршувањето на секој мандат ние почнувавме друг, иако тоа законски не требаше да биде така, но татко ми ми беше еден и единствен. Знаеше да го реши секое горливо прашање. Но најгорливото не го решил. Што ќе правам сега јас сама? И тоа во земја во која немам ниту еден пријател, во која не сум се школувала, во која не сум работела. Во стан во кој не сум влегла по смртта на мајка ми пред многу години. Научена проблемите да ги решавам надвор веднаш отидов на одмор, секако во странство, на море. Можев да си дозволам само летување во соседната ни јужна држава, и тоа во време кога одат пензионерите, надвор од сезоната, што ќе го узнам штом ќе влезам во автобусот.
Ненавикната на вакво патување и тричасовно окапување на границите, само што влегов во собата заспав. Не бев спала како што треба повеќе од една година. Така сум заспала што кога се разбудив мислев дека сум во коцкарница и дека сум изгубила сѐ што сум имала на покер. Па јас воопшто не играм карти! Но си реков тоа е само мојата потсвест дека навистина сум загубила сѐ што имам во животот. Вечерта, откако го прошетав десетпати вдолж и попреку селото што се нарекуваше туристичко место само затоа што е на море, легнав во надеж дека ќе спијам поубаво. Пусти желби! Се разбудив целата во пот и не знаев дали навистина сум во банка на шалтер на којшто ми велат дека немам повеќе ни за леб или тоа си ја сонувам иднината, затоа што моето банкарско конто навистина беше празно. Едвај чекав да завршат тие седум дена одмор. Не спиев воопшто преку ноќ. Спиев само денски и тоа на лежалка што така соленко си ја плаќав. На неа не сонував ништо. Тоа ме додржа на нозе тие денови.
Следната година, повторно надвор од сезоната, пак на тоа море само на друго место, толку можев да си дозволам со мојата плата, ми се случи истото нешто: сонував глупости. Јас сум тип што сонува со ширум отворени очи. Мене светот ми беше на дланка и немав потреба ни да затворам очи да се замислувам на друго место ни да сонувам за тоа друго место. Само ќе кажев каде сакам да одам, што сакам да видам и првиот слободен викенд татко ми ми ја исполнуваше желбата. Затоа не можев да си го објаснам ова со соновите. Се превртував по цели ноќи во кревет измачувана од сништа. За мене сонот треба да е убава работа. Јас сонував неубави работи. Тој одмор го поминував напоредно со некоја госпоѓа на која главна грижа ѝ беа жолтите дамки на рацете. Ме уништија тие жолти дамки. Сакав да ѝ свикам и да ѝ кажам: алооо, тоа се старечки дамки, и кога тоа навистина го направив се разбудив од кошмарен сон. Уште ја паметам госпоѓата, со едни префинети раце и долги прсти со уште подолги лакирани нокти што ми се зариваа во спиењето, само затоа што имала жолти дамки на нејзините убави раце. И повторно спиев само на лежалката денски. Станував целата вкочанета од нејзината неудобност и со врежани дупчиња по мојата кожа од нејзиниот неквалитет, но умот ми беше на место, а пред очи не ми се појавуваа жолти дамки.
Сите мои маки завршуваа штом ќе се вратев дома во мојот кревет. Си ги сонував мама и тато, си шетав по места на кои веќе сум била и немав потреба да се измачувам со толкувања на значењето на четири кеца во покер или некои жолти дамки да ги гледам како илјада сонца.
Следната година повторно исто море, иста земја, други сништа. Но овој пат некако почнаа да ми се разјаснуваат работите. Имено, собата уште не ми беше средена од претходните летувалци, ним пак уште не им беше стигнат превозот за назад и јас, којзнае како влегов во разговор со една госпоѓа која се чувствуваше како повикана да ми каже каква е водата, дека нема медузи, уште е рано, дека сѐ е поскапо од лани, а лежалките, Бог да чува, 5 евра за едно никакво кафе, и зошто сум била сама, и таа била сама, но дошла со пријателка, а сама била оти многу си се преценувала како млада и кога тоа го сфатила веќе било доцна, јас да не сум ја правела грешката итн. и ми ја поду главата. Едвај чекав да легнам. И ете ти ја госпоѓата од малото гратче како со своето мини, односно со своите долги нозе и откриено деколте ги соблазнува сите момци на корзото, а таа со гордо крената глава не погледнува никого. Се препнав во сонот. Се препознавам ли? Јас не носам ни мини ни откриено деколте, впрочем се сметам за многу просечна жена, но сама сум. Не, јас не сум таа и се будам. Лута, бесна, изнервирана. Ја фрлам перницата на другиот кревет, нели нема соби на море за самци, и ја грабнувам перницата од тој кревет. Ја ставам под глава, заспивам како невеста бегалка од гратчето на претходната летувалка. Немав поим колку ѝ било тешко на Џулија Робертс да биде невеста бегалка. Филмот ми беше интересен додека Ричард Гир не ѝ рече дека ѝ недостига самодоверба и дека затоа бега од секоја своја венчавка. Никогаш не го догледав крајот на филмот. Но оваа бегалка ми се допадна. Не ја давале од дома затоа што не бил за неа, нема факултет, немал куќа, имал многу браќа. Мојата сонувана невеста бегалка точно знаеше што сака и никако нема самодоверба во минус. Утредента ѝ се јавувам на госпоѓата Самка, така ќе ја наречам, и ја прашувам дали пријателката што беше со неа на одмор била бегалка од дома. Ах, ќе воздивне тешко Самка, многу сакаше да бега по едно момче, ама пусто срамот ќе ја отепаше. Не избега за него, и си остана сама. Што мислиш, зошто одиме заедно на одмор?!
Тој ден ќе сфатам дека јас во моите заспивања влегувам во нивните сништа. Тоа пробудување скапо ќе ме чини. Заспав на лежалката во најтоплиот ден од тоа лето. Спиев како заклана. Не сонував ништо. Но добив сончаница и завршив на инфузија. И таму заспав. Не на една туку на две перници. Во болница се лежи на две перници, тоа го научив, за жал, од татко ми. Најверојатно премалена од сонцето, од повраќање, сум заспала по половина шише инфузија во мојата вена. Сонував младо момче како трча по плажа и се смее со најбисерната насмевка што дотука сум ја видела. Ме буди печење од вбризгување друг лек во мојата инфузија. Ја прашувам онака нерасонета сестрата кој бил пред мене на овој кревет. Одушевена што го зборувам нејзиниот јазик, една од придобивките на дипломатско дете, ми раскажа тажна приказна за младо момче во инвалидска количка кое одвреме-навреме има потреба од венска терапија. Јас навистина влегувам во сништата на оние што пред мене спиеле на истата перница. И не само во сништата, туку и во нивните минати животи, секако како резултат на нивните ноќни мори или неостварени желби.
Мојот психијатар тоа го протолкува мошне едноставно: Почни да живееш свој живот!
Почнав од пред три години, и не ми оди лошо. Најдов работа во која дојдоа до израз моите познавања на странски јазици, стекнав пријатели со кои одам на кафе, но сѐ уште никој со кого можам да одам на одмор.
Иако и тоа го решавам на некој начин. На одмор одам со моја перница. И не сонувам повеќе туѓи сништа. Сонувам мои. Со цврсто затворени очи. Така најубаво се сонувало.