Бакнежи на небото

Во една декемвриска ноќ, кога малиот Јаков не сака да заспие, на сестричката Илина ѝ поставува едно колку неочекувано, толку повеќе чудно прашање: „Како се родила зимата?“.

Приказна за сите деца и родители чие љубопитство не згаснува, дури и кога ни се чини дека сме ги дознале одговорите. Едноставноста на јазикот, згуснатата имагинација и живите дијалози, го тераат читателот на постојано навраќање на прочитаното. „Бакнежи на небото“ се чита бавно и тивко, и топли како меко ќебенце во студена, снежна ноќ.

Киро Донев

„БАКНЕЖИ НА НЕБОТО“ – СУПТИЛЕН ПРОЗЕН ЃЕРДАН, НАНИЖАН ОД ДОБАР И ТАЛЕНТИРАН АВТОР

Знаеме дека децата, особено оние коишто ги прават првите чекори во непознатиот свет, постојано се опседнати со едно огромно – никогаш незадоволено љубопитство, па на нивните усни, секогаш, освен збунетата насмевка пред чудата што ги опколуваат лебдат и безброј прашања: „Зошто е ова вака?“, „Од каде е тоа?“, „Од што е направено ова?” и слични на нив – тајни незнајни.

БАКНЕЖИ НА НЕБОТО, книжевното првенче на Иван Антоновски наменето за децата од предучилишна и раноучилишна возраст, се појавува токму за тоа. Да им даде одговор на дел од таквата нивна секојдневна преокупација, преку живиот, непосреден и спонтан разговор меѓу Илина и Јаков, братче и сестриче, кои, всушност се главните актери во приказната.

Но, авторот тоа го прави на начин, на кој, чинам, и најстрогиот критичар, или литературен сладокусец, не би нашол гола дидактика, или сува педагошка поука. Би немал забелешка ниту на избраниот мотив, на фабулата, на заплетот, на развојот или заклучокот на приказната. Зашто сѐ е кажано искрено, топло, едноставно, но на високо уметничко ниво. Зашто во таа мала книга, мала колку и оние на коишто им е наменета, толку многу е кажано што на младиот читател ќе му носи големо задоволство и радост. И прашањата и одговорите на нејзините страници така педантно се стокмени, што книгата личи на суптилен прозен ѓерден, нанижен од добар и талентиран автор.

За што всушност станува збор во оваа книга? Во една декемвриска ноќ, кога малиот Јаков не сака да заспие, на сестричката Илина ѝ поставува едно колку неочекувано, толку повеќе чудно прашање: „Како се родила зимата?“ Илина, пак, малку поголема од него и која, речиси во секое негово прошање има „точен орговор“, откако ќе добие ветување дека тајната за тоа, братчето нема никому друг да му ја открие, почнува да му раскажува дека зимата се родила благодарение на топлата љубов меѓу два облека кои се бекнале не небото и од нивната љубов почнале да се раѓаат снегулките. А, тие, пак, танцувајки почнеле де слегуваат на земјата и до им носат радост на децата.

Но, Јаков не би бил Јаков, ако не смисли, за неговата „учителка“ која едвај малку е повозрасна од него некое ново и уште потешко прашање. И сѐ така додека не му се приспиее ги изнареди прашањата: „Како се родил првиот Снешко и како изгледал?“, „Каде летува Сонцето, пе зиме ретко се појавува?“, „Зошто татковците му се лутат на снегот?“, „Што станува со снегулките откако ќе исчезнет од детските дланки?“

И, сѐ така, прашање до прашање едно од друго почудно, ама и не толку тешко за Илина да нема точен одговор…

Ете, токму во тоа се состојат неоспорните уметнички квалитети на оваа прекрасна малечка книга, заради која сосема е сигурно дека многу побогати и посреќни ќе бидат сите оние деца, кои ке может да ја прочитаат или да ја слушнат и видат.

Горјан Петревски

ЉУБОВТА КАКО СТОЖЕР ВО СКАЗНАТА

Порака, но и препорака

Во раскажувачки час, при прочит на сликовница со наслов „Бакнежи на небото“, ќе се соочиме со предизвикот да испратиме порака до најмладите, но и препорака до возрасните читатели. Ќе препорачаме убава и полна со топлина сказна која, при игра, ја измислуваат две деца: Илина и Јаков, сестричка и братче. А неа верно ја „(пре)пишува“ и ни ја пренесува Иван Антоновски, потврден автор на поезија и проза, но и соживеан родител со децата, како главни ликови во сторијата. Притоа илустративната мајсторија ѝ е препуштена и речито ни ја понудува илустраторката Иванка НиБа. На тој начин најмладите имаат целосен говор за да се соживеат со содржината и со ликовите  Зашто, со оглед на возраста на кои им е наменета, (рано детство во предучилишни и раноучилишни години), едно без друго, (текст и илустрација), не можат да имаат говор и разбирање какви што се посакува за да предизвикаат љубопитност кај најмладите.

Оттука, сликовницата колку и да се мисли дека е едноставна, сепак, е сложена форма на искажување и бара спрега на два добри мајстори: раскажувач и илустратор. Во крајната форма, се разбира, неминовно е и учеството на возрасните: воспитувачи во предучилишни установи, подома – родители, баби и дедовци или друга рода и поорода од повозрасниот дел. Само со таков приод ќе се заинтригираат и заедно ќе ја читаат (и ќе ја „надополнуваат“!) со оние на кои им е наменета: деца од предучилишна или зошто да не и од раноучилишна возраст.)

Сликовницата „Бакнежи на небото“ почнува со загатка – како се родила зимата со снегот и со неминовниот Снешко, која произлегува од љубопитноста на помалото дете, братчето Јаков. А ќе продолжи со разјаснување од повозрасното, сестричката Илина, која, пак, со оглед на својата возраст, сето тоа го открива преку сознанијата добиени од нивната баба. И сѐ така тече, кротко и неизнасилено, топло и спонтано, со слога и разбирање  меѓу двете деца, за да се допре и кревката тајна на братчето Јаков дека ја сака Дарија од неговата група во градинката.

Ако сказната/приказната почнува со љубов, во тој дух продолжува и понатаму. На тој начин љубовта станува стожер во сликовницата „Бакнежи на небото“ и им ја открива на децата вистината на животот. Дека сѐ што се случува во природата и, воопшто, на планетата, е плод на љубовта. Уште и кога сознанијата доаѓаат од дете, повозрасната Илина, но, не и без љубопитноста на другото, помалиот Јаков, на тој начин имаме два главни лика кои, бездруго, ќе бидат засакани и прифатени од оние што ќе ја читаат.

Во овој текст, кој е само кус вовед во „Бакнежи на небото“ од Иван Антоновски, но и предизвик на илустраторката Иванка НиБа за да го отслика убедливо, не е умесно да се прераскажува и сказната. Арно ама, со истата авторска топлина, со воспитните и педагошки елементи како што е и создавана, да ја препорача и до оние на кои им е и наменета.

Така и поубаво и повоспитно се расте во семејството, во градинката, во училиштето и, воопшто, во животот. Меѓу другото и преку сликовници на кои, децата, за среќа, им се радуваат и се создава интерес кон она што подоцна ќе дојде и во поинаква форма: книгата.

Добредојде на сказната/приказната „Бакнежи на небото“ преку раскажувачка и илустративна убавина, преку нејзината содржина. Добредојде и за читателите/ слушателите: навечер во семејството, а преку денот таму каде што престојуваат најмалите – најмилите.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Иван Антоновски
Навистина ли расчистивме со паланката и со кичот?
Овие млади луѓе расчистиле и со паланката и со кичот. Ова е...
Повеќе
0 replies on “Бакнежи на небото”