Дворец во Ромања

Кога пишувам за тоа денес, мислам дека во тој час за последен пат сум се обидел да ја исправам таа ситна почетна штета нанесена со намерниот излет во ренесансата. Но нема да се оддалечам многу.

Кога ќе се тргне во лето по стариот пат од Римини, таму нагоре кон Цезена, може да се почувствува како дабовата шума се претвора во пријатен и тврд чадор за летната жега. По десетина километри извиен пат, горе на ридот, каде што патот се пресечува спирално, веќе се наѕира Castello Mardi. Блескаат на попладневното сонце неговите покриви, па се чини како да сраснал погрешно со смирената околина.

Дојдеш ли до него, ќе ти се пружи прилика да ги набљудуваш надалеку познатите фрески и да ја набљудуваш одблизу целата убавина на раноренесанската градителска умешност. Исто така, ќе можеш да се спуштиш по двесте и тринаесетте скалила во визбата каде што чекајќи ја смртта, тешките денови ги поминал Енцо Стречи, тој великан на ренесансната книжевност, главната причина заради која одлучив да го посетам дворецот Марди.

Бевме тројца. Две девојки и јас во прекрасниот летен ден, кој можеше да се чита од румените лица на задишаните калуѓери кои управуваат со дворецот и изгледот на градината, додека „destra, a destra[1]“ го насочуваа нашиот од кон туристичкиот дел од зданието. На патот кон местото на кое стариот калуѓер продаваше влезници и пружаше информации за историјата на дворецот, повремено ќе се почувствуваше благ провев и мирис на мемла што допираше од решеткастите прозорчиња при дното од ѕидот, ќе наидевме на меч или боздоган, или ќе се зачуеше некаков глас од визбата, ми се причинуваше како стариот Стречи да се оправдува и понатаму.

Русата коса беше првото што го забележав на калуѓерот крај кој ненадејно ќе ја дочекам вечерта. Тркалезното лице и околу него, бујните седи кадрици, како да си обесил гроздови. Нè дочека со влезници и раширени раце и со подготвена насмевка на топло добредојде. Следуваше кратко предавање за занимливостите на дворецот, а потоа, мора да се живее од нешто, како што рече тој, пет илјади лири за слободна обиколка. Додека ги ставаше парите во кутијата, веројатно за да го прекине молкот, калуѓерот ги праша љубезно девојките:

Da dove venite ragazze[2]?

Маријана одговори Francie, Ирена одговори исто, а потоа се сврти кон мене и рече: „E tu, bambimo[3]?

Sono Bosniaco[4], одговорив скромно, на што калуѓерот се насмеа гласно, па откачи гледајќи ме право в очи:

Bosnia?!, па потоа ги намести рацете како меѓу нив да држи пушка, „paf, paf, bang, bang… Bosnia capisci… paf, paf…

Стоев пред него збунет, без ниеден италијански збор за одговор. „Capisci, bang, bang...“, го повторуваше текстот и понатаму смеејќи се, но не и точката пред мојот збунет поглед (во меѓувреме невидливата пушка му исчезна од рацете), очекувајќи каква било реакција, зашто штосот очигледно требаше да биде јасен, зашто тоа беше летото деведесет и петта.

„Ќе биде подобро да тргнеме“, дофрлија девојките, подготвени да тргнат во обиколка и што побрзо да го напуштат тој непријатен старец.

„Типот е луд“, реков гледајќи ја неговаата вкочанета гримаса, на што тој одговори со уште едно изненадување:

„Можеби е луд, но барем е на сигурно“, тие зборови ги изговори на јазикот на којшто ги пишувам овие редови. „Како и ти. Ха, ха… Што велиш на тоа, Bosnicao?“

„Ќе биде подобро да ги послушам девојките“, реков, на што тој нагло ме фати за раката, па исто така брзо го промени тонот. Сега беше повторно пријатен калуѓер, дури можеби и нешто поинтимен (присно е исто македонски збор, го мислев за поадекватен) поради јазикот што во просторијата го делевме само ние двајцата, а по сè изгледа и во пошироката околина.

„Обична шега, еј, capisci[5]. Не мислев ништо лошо. Не сум видел предолго никого од родниот крај. Барем не близок.“

Дури тогаш помислив на тоа колку години би можел да има. Дури кога го спомна времето и поднесе доказ за своите години, оставајќи ја својата рака доволно долго врз мојата за нејзината површина да ме потсети на кајмак испресечен со одвај видливи жили, дури тогаш го погледнав повнимателно. Подоцна дознав дека ја беше преминал шеесет и петтата.

Настапи тишина за кратко, а тогаш зачувме како девојките во соседната просторија веќе се одушевуваат на достигнувањата на ѕидното сликарство и полека се оддалечуваат низ ходниците. Ќе ги сретнам повторно дури кога дворецот Марди ќе потоне во мракот.

„Јас сум esulo. Бегалец, како и ти“, продолжи, не дозволувајќи (допушта е исто македонски збор, дозволува ми е многу официјален) ми да проговорам.

Се обидов да му објаснам дека ми се брза. Тој почна да ми ја пушта раката:

„Не би сакал да се лутиш. Несолена шега. Сигурно не се лутиш. Сигурно ти се допаѓа колку добро зборувам. Пред себе имаш жив доказ дека јазикот од раните денови не се заборава толку лесно, уште помалку, целиот свет којшто само тој јазик, само мешавината од моите два јазици, може добро да го опише. Тие гласови, тие лица, мирисите на островите, не старите, разбираш. Никогаш повеќе terra nostra[6]. Adio. Никогаш повеќе mai più, во стариот крај, од друга страна, од другата страна на ова море кое нè дели и кое го делиме. До видување до ослободувањето, како што се зборуваше тогаш, нели?

Не го чекаше мојот одговор:

„Долго, навистина долго не сум налетал на некого оттаму. Прости. Земи цигара. Не сакам така да се разделам со уште еден Словен. Не се лутиш? Сигурно?“

Му реков, во надеж дека ќе се ослободам од него, дека тоа не ми паднало ни на крај на умот, дека бев само непријатно изненаден, дека не ми се зборува за тоа, дека ми се празници, дека со мене се тие две девојки кои не сакаат да чекаат и кои ќе ги изгубам од видот ако не тргнам веднаш, дека, всушност, сум платил билет и сум нестрплив да видам каде тоа ги поминал своите последни денови славниот Енцо Стречи. Како да го чекаше само тоа, калуѓерот извика:

„Енцо Стречи! Да, да, големиот Енцо. Нема да ми веруваш ако ти кажам дека Енцо е нешто како ти и јас. Кога ти велам, како ти и јас.“

Ова последното го изговори нагласувајќи го секој слог, раширувајќи ги заверенички очите како да ја подвлекува нашата нова сличност.

„Навистина?“, реков во неверба.

„Да, навистина! Понекогаш си помислувам дека сум сè уште овде само заради тоа. Како целиот живот да решавам туѓи завештанија и да ја чувам приказната за нечиј живот… а кој ќе ги запамети нашите приказни? Се прашуваш ли ти тоа, Bosniaco? – Нека се запамети она што ме снајде – како што вели Енцо на едно место во својот канцониер, ако не се лажам.“

Кимнав. Калуѓерот се насмеа. Како познавањето на поезијата на Стречи да нè правеше ретки припадници на сè помалку користениот култ.

„А знаеш ли што го снашло? Тука, под овој покрив?“

Кога пишувам за тоа денес, мислам дека во тој час за последен пат сум се обидел да ја исправам таа ситна почетна штета нанесена со намерниот излет во ренесансата. Но нема да се оддалечам многу. За моја лична утеха може да послужи фактот дека тоа што сум останал крај калуѓерот целото тоа попладне конечно и го овозможи ова раскажување.

Повторив дека морам да тргнам, но само што поминав неколку чекори во насоката кон која тргнале девојките, тој проговори свртен кон прозорецот. Го гледав неговиот свтикан, тркалезен грб и одлучив да застанам и да го послушам накратко. И така тргна, од моментот кога ја испружи раката и рече:

„Дојди, погледни, онаму, на она брдо се качуваше Енцо Стречи, тој ломбардиски убавец. Дојди, погледни ја таа патека, замисли го сега…“

Повеќе не можев да се одвојам од него.

 

[1] Десно, десно (ита.) [Освен ако не е инаку наведено, сите забелешки се на преведувачот.]

[2] Од каде сте, девојки? (ита.)

[3] A ти, дете? (ита.)

[4] Јас сум Босанец (ита.)

[5] Разбираш (ита.)

[6] Нашата земја (ита.)

 

Превод од хрватски: Сашо Огненовски
Тагови од објавата
Напишано од
More from Игор Штикс
Извадок од книгата „W“
Книга на месец октомври
Повеќе
0 replies on “Дворец во Ромања”