Сензибилен раскажувач

Во нашата западна култура чинот на тргнување на пат беше чин на слободата. Филијас Фог е слободен човек. Како слободен човек прифаќа облог и се нафаќа на предизвик, а со самото тоа одлучува за сопствениот живот.

ВЕЖБИ ПО ТУЃОСТ

Пораснав со книгите на Жил Верн – токму тие ми го покажуваа далечниот свет и во мојата глава ми ја врежаа сликата на она што е патување на човекот од Западот, а токму за таков епитет се борев растејќи во затвореното и здодевно пространство на Народна Република Полска. Патникот на Верн не беше едикојси – иако од мапите на светот сѐ уште не се исчезнати белите дамки, се чинеше дека не му е гајле за опасностите и тргнуваше на пат смело, со храброст и чувство дека светот е негова сопственост, дека му припаѓа. По пат не ги менуваше навиките за храна и ѝ остануваше верен на модата на својата земја (задолжителни сафари-панталони и црн фрак). Обично му беше доволен мајчиниот јазик. Секогаш се сеќаваше да ги земе со себе најновите технолошки откритија, кои во соодветен момент му го спасуваа животот и му помагаа да издржи. Дури и ако се сметаше за добар и отворен човек, секогаш некаде длабоко во душата му тлееше убеденоста во еволуциската надмоќ и сигурноста дека постојат неоспорни историски процеси, кои порано или подоцна ќе го доведат секој ќош на Земјината топка до цивилизациското ниво на Западот. Возбудливата авантура го носеше во најдалечните беспаќа, но и таму се чувствуваше безбедно, бидејќи дури и во најголемата пустелија имаше шанса да сретне чиновници од сопствениот културен круг, кои во случај на потреба ќе му издадат дупликат на изгубениот пасош и ќе ги споделат со него озборувањата за тукашните.

            Фасцинантна декорација

            Оваа верновска гледна точка во некаква изобличена и пародична формула честопати се појавува во современата поп-култура, на пример, во циклусот филмови за авантурите на Индијана Џонс. Таму светот е само егзотична декорација за чаламите на јунакот што личат на компјутерска игра, а тој, дури и да наиде на не знам каква фасцинантна култура, нема да се смени – до крај останува таков каков што бил во моментот на пристигнувањето таму. Затворен во херметичката капсула на идентитетот на човек од Западот, се покажува како непропустлив, отпорен на она што е поинакво, и покрај тоа што е археолог и треба да биде навикнат на другоста. Сконцентриран на остварување на својата цел (пронаоѓање на богатството, откривање на тајната), не влегува во подлабоки односи со мештаните или во каков било културен дијалог. Им зборува на англиски или на француски, длабоко убеден дека треба да го разбираат. Ги зачувува своите стандарди, не преговара, се однесува надмено кон сѐ и кон сите, сигурен во својата цивилизациска (па, според тоа и човечка) надмоќност. Сите се сеќаваме на славната сцена кога Индијана Џонс е предизвикан на двобој од страна на еден Асасин. Тоа се случува на пазар, среде толпа народ, која се растргнува за да им направи место на јунаците. Кога традиционално облечениот борец мавта со сабјата, фалејќи се со својата вештина, Индијана Џонс, кому му се брза, едноставно пука во него со пиштолот. Крај на двобојот.

Зачуден од таквиот пресврт, гледачот спонтано почнува да се смее, дури и ако е изненаден од својата сопствена реакција. Ноншалантноста и дрскоста на Индијана Џонс восхитуваат, а истовремено ги исмеваат сите политички коректни реакции.

Затоа што, во суштина, патникот од Западот се однесува кон светот како да не е докрај реален. Низ посетуваните земји и култури се провлекува како сенка во постојано брзање, не допирајќи ништо, не мешајќи се во ништо, затворен во меурот на своето чувство на надмоќност.

Невиниот егзотичен свет во кој ќе се најде еден западен патник, како Индијана Џонс, најчесто се губи во драматичниот крај на приказната. Распаѓањето се случува наеднаш, како правото на постоење да се укинало со постигнувањето на целта и откривањето на тајната. Гледачот мора да ги гледа пирамидите како се ронат, подземните соби како се уриваат, избувнувањето на вулканите и други апокалиптични катаклизми. Тука важи стариот римски закон: вени, види, вици. Виденото и искусеното (искористеното) станува штиклирано, односно совладано, а со тоа престанува и да постои.

            Егзотично, но не баш

            Деветнаесетвековната патувачка парадигма на човекот од Западот е индустријализирана и масовно распространета преку современиот туризам. Па, така, денес наследник на Филијас Фог и Индијана Џонс е туристот, кој за дванаесет дена го обиколува Мексико со автобус, задолжително завршувајќи го патувањето во Канкун – најодвратното место што сум го видела, полно со монструозни хотели и заградени плажи. Или, пак, се одмора во allinclusive во турските ресорти, обидувајќи се да не мисли на тоа дека неколку стотини метри понатаму морето исфрла тела на бегалци по плажите.

Овој блед патник, исцрпен од многучасовното возење, прави впечатливи фотографии низ прозорците на автобусот, а нозете може да ги протегне само таму каде што ќе го однесат волјата и интересот на водичот на турата. За време на кусите застанувања на автобусот со свои очи го гледа она што го препорачуваат печатените туристички водичи, па со задоволство си забележува во главата дека сето тоа навистина постои! Навечер на таквиот турист му се доставува етнографски real life, кој, во основа, нема ништо заедничко ниту со real, ниту со life.

Туристот сака тоа да биде егзотично, ама не баш. Сака да биде вистинско, но во никаков случај по цена на откажување од утринското туширање. Сака да го полазат морници од емоции, но не ептен силни, за да почне да се вознемирува. Сака контакт со мештаните, само да не биде многу сериозен и без обврски. Еднаш начув разговор на мои средовечни земјаци, кои се тераа заеднички да отпатуваат на Куба. Заемно се убедуваа дека таму треба да се оди што побргу, додека е уште жив Фидел, и додека е сиромаштија, бидејќи „потоа ќе биде исто како и секаде“. Бизнисот, меѓу другото и туристичкиот, ги помести границите на она што е етичко и хуманитарно.

            Различни светови

            Патувањето е, исто така, освојување. Кога тргнуваме на пат, со нас се придвижува и нашиот океан на значења, поими, стереотипи, мисловни навики. Неговите бранови успешно го прекриваат она што го наоѓаме надвор од себеси. На другиот свет се прелева она што веќе го знаеме, што можеме да го сфатиме. Тоа освојување го овозможуваат водичите, кои секогаш знаат подобро кои места треба да се посетат и што да се види. Арбитрарно ги означуваат границите на нашата перцепција, бидејќи она што го нема во водичите, не постои. Се движиме по траси, трескавично барајќи го она што мора да го видиме. И како последица на тоа не гледаме ништо друго.

Туристичките водичи и натаму остануваат тема што заслужува специјална монографија. Затоа што покажуваат како се обидуваме да го присвоиме и отелотвориме она што е туѓо во нашите спознајни системи. И покрај тоа што така изгледа, тие не се однесуваат на општото, секогаш имаат свој скриен примач со специфични одлики и тој нивни сталежен карактер, како и скриената политичност, не треба никогаш да ни се измолкнуваат од видното поле, туку мора да нѐ принудуваат да помислиме, што, всушност, гледаме.

Еднаш ги прелистував водичите низ еден ист дел од Полска – еден беше напишан од католици, другиот од евреи. Беа сосема различни. Патниците од овие две групи сигурно би се разминувале како сенки, воопшто не забележувајќи се меѓусебно. Нивните траси не би се пресекувале, бидејќи искуствата и гледањето на минатото содржани во тие водичи беа сосема различни. Смело може да се претпостави дека нивните патнички дневници – ако би настанале такви нешта – би зборувале за сосема различни светови.

Дали навистина постои некој единствен свет, оној unus mundis за кој сонувале филозофите? Голем, неутрален и објективен универзум, каде што сите имаме можност да се сретнеме и да се распознаеме како ближни. Или можеби, живеејќи во еден простор, навистина живееме во сопствените фантазмати?

            Километар по километар

            Неодамна еден седумдесетгодишник ми раскажуваше како се патувало во епохата на децата на цвеќињата. Па, така, на преминот на шеесеттите во седумдесеттите години од минатиот век човекот од Западот, шарен и бунтовен, купувал евтино возило на старо, најдобро комби, и тргнувал со него до Индија. За такво нешто требало, дефинитивно, многу повеќе време од она што сме подготвени да го потрошиме за промена на местото во XXI век. Затоа што денес правиме нешто во стилот на магионичарски трик, качувајќи се во авион. Правиме едно големо „абракадабра!“ и за неколку часа излегуваме во сосема друга реалност. Тогашните патници ја премерувале Земјата километар по километар, со секој нов ден се менувале вкусот на водата, јадењето, температурата и климата. Човечкото тело имало шанса да се навикне на таа бавна, постепена промена. По пат доживувале многу авантури, особено што токму на таа траса секогаш можело за евтини пари да се купи добра марихуана и добар хашиш.

Патувањето тогаш било (и можеби би требало и да остане) вежбање на туѓоста. Тоа го чувствувал Марко Поло кога стигнал на дворот на кинескиот владетел, го чувствувал и оној шарен хипик, кој шетајќи во приквечерината по – да речеме – раџастанскиот Џодпур, ја доживувал чудната, замелушувачка состојба на сопствениот бит. Ништо не разбира, на ништо не припаѓа, никому не му е гајле за него.

Денес, да ни падне на памет луда идеја да тргнеме на такво патешествие, низ колку жаришта, низ колку места на војни и конфликти би морале да поминеме? Доволно е да се фрли поглед на мапа и веднаш ни доаѓа да прашаме дали тоа, воопшто, би било изводливо.

            Нереално шоу

            Тој безбеден свет заврши, не само поради војните и конфликтите. И поради тоа што поединечни потенцијално атрактивни региони на светот на чуден начин станаа слични едни на други – во облекувањето, во јадењето, во сеприсутноста на пластиката, во локалните сувенири од кинеско производство. За туристите се зачувани специјални области, слични на економските зони, или можеби на игралиштата за деца; задолжително со огромен паркинг за автобуси. На друго место, пак, на местата каде што се инвестирани големи пари за туризам, летувалците седат на плажа, дискретно чувани од обезбедувањето во униформи на командоси, опремени со огнено оружје. Излезот надвор од појасот достапен за разгледување станува сѐ потежок и повеќе чини. Тоа е разонода за богатите. Посиромашните туристи имаат безбеден стандард, туристичка брза храна што секаде има ист вкус, а нејзината спознајна вредност е никаква, ти остануваат, всушност, само празни калории.

Затоа сѐ почесто враќањето од уште една егзотична тура е придружено со длабоко скриеното разочарување – сме изнакупиле сувенири и светки (на кои потоа, дома, не знаеме што да им правиме), ги видовме сите задолжителни, според водичот, знаменитости, го пробавме локалниот алкохол и се изнајадовме тамошни јадења (многу од нив се појавуваат во специјална форма за туристи), ги видовме фолклорните танци. А сепак, кога застануваме во претсобјето на нашиот дом со куферите, имаме чувство дека сме учествувале во некое нереално шоу. Како да сме лижеле сладолед преку џам.

            Прашање на слободата

            Во нашата западна култура чинот на тргнување на пат беше чин на слободата. Филијас Фог е слободен човек. Како слободен човек прифаќа облог и се нафаќа на предизвик, а со самото тоа одлучува за сопствениот живот. Патувањето станало симбол на слободата и веројатно токму поради тоа за нас е толку привлечно. Можеби, едноставно, ние, по природа номади, но запрени по пат, токму така атавистички ја разбираме својата слобода – да се биде во движење, да се менува местото, да се патува…

Доколку одлуката да се напушти сопствената земја – и да се тргне на пат – е прашање на слобода на избор, исто како слободата на говор, тогаш како можеме, имајќи ја самите, да им ја забрануваме на другите? За некои луѓе емиграцијата претставува единствена алтернатива за губењето на слободата, а со самото тоа се содржи во ненарушеното човечко право на слободен избор. Кој треба да одлучува за тоа каде некому му е местото? Во време кога илјадници луѓе бараат засолниште во нашите земји, господинот Ал-Халаби или госпоѓата Маруш не молат да им се помогне. Сакаат да бидат третирани, не како бегалци, туку како слободни луѓе, кои имаат право на избор. Парадокс е тоа што во име на слободата на движење за нив ќе беше подобро да се прогласеа за стока, да пополнеа документ за транспорт и да се испратеа на авион како пратка. Тогаш би им било полесно и да ги пречекоруваат границите и да патуваат.

Туѓата слобода, воопшто, е проблематична. Оние што имаат слобода обично не сакаат да им ја дадат на другите.

Зошто јас можам да отидам во земјата на госпоѓа Маруш или на господинот Ал-Халаби и да останам таму колку што сакам – сигурно дури и би можела таму да се преселам – но ниту госпоѓа Маруш ниту господин Ал-Халаби не можат да го направат тоа во мојата земја? Зошто моите земјаци, кои на времето заработуваа пари во Либија и Сирија, градејќи таму мостови и фабрики, сега во Полска не сакаат да им дадат шанса на Либијците или на Сиријците, дури и тогаш кога влогот им е животот?

Па, имам ли тогаш право да патувам? Во ситуација кога другите се запирани на граница и сместувани во бегалски кампови, патувањето сѐ повеќе станува етички проблем.

***

            Искрено кажано, ја изгубив желбата да патувам. И тоа главно не од страв од бомби или војни. Ја изгубив желбата да патувам од срам од својата сопствена слобода, од која снема за другите.

Не сакам веќе да бидам туристка во сиромашните држави на земјиниот Југ, бидејќи беспомошното набљудување на бедата на луѓето и страдањето на животните стана неподносливо за мене.

Немам желба да патувам откако на Јужнокинеското Море видов пловечки острови составени од пластичен отпад, а на плажата требаше најпрвин да се исчисти местото, каде што сакаш да седнеш.

Не сакам веќе да патувам со авиони, откако тие служат за меѓуградско такси, согорувајќи во текот на само еден лет толку нафта колку што трошат неколку десетици автобуси на истата траса.

Изгубив желба да патувам откако на Фејсбук постојат блогови, на кои современите патувачи детално и со помош на слики информираат за тоа што правеле секој ден од егзотичното патување, и особено што можеш со нив да контактираш толку лесно како да се дома. Имам впечаток дека никогаш не ни отишле на пат.

 

Превод од полски: Лидија Танушевска
Тагови од објавата
Напишано од
More from Олга Токарчук
Бизарни раскази
Се викам Вилјам Дејвисон, Шкотланѓанец сум и потекнувам од Абердин, но многу...
Повеќе
0 replies on “Сензибилен раскажувач”