ОБИЧЕН ДЕН

Над клучалките на вратите беа прилепени сребрени украсни плочки во облик на зајче. „Како кај Алиса“, помисли жената.

В.И.  И БРЗИНАТА

Новите владетели личеа на речиси пристојни луѓе, со крупни очи и светло-сива боја на лицето што се  поклопуваше со онаа на нивните долги туники со високи византијски крагни.

Окупацијата беше решена на еден точно планиран начин. Тие веќе беа толку долго присутни, неопходно вклучени во животот на луѓето така што во преземањето на власта немаше никакви драстични несогласности со нивното претходно сесрдно учество во медиумите, економијата, медицината. И со дипломатското умеење, тие тука работеа со високо чувство за такт и решителност, во зависност од околностите. Нормално, благодарноста поради извршените зделки често се претвора во зависност, но зошто, беа убедени со право разгалените потомци на homo sapiens, да се товариме со такви амбивалентни размислувања, ќе им ги оставиме тие на неколкумината философи и писатели, нив и така никој не ги чита.

И така, кога дојде до чинот на окупацијата, луѓето не се вознемируваа, па животот си течеше понатаму, без насилство. Дури можеше да се каже дека продолжи да опстои некој вид согласност меѓу внатрешниот и надворешниот свет. Барем онаква каква е за повеќето луѓе. Ваквата пристојна состојба траеше неколку месеци.

Тогаш беа известени да се јават во неколку собирни центри, во уредно распределени групи по часови за да се избегне турканицата. Набргу забележаа дека во нивната група повиканите беа двојки. Чекалната беше пространа, осветлена и проветрена, сите од групата додека чекаа можеа да прездивнат во удобни фотелји и да си нарачаат цеден сок, чај или кафе по желба. Од време на време, од шалтерот преку микрофон ќе се слушнеше благиот глас на службеникот што ќе прочиташе машко и женско име, или понекогаш две машки, или понекогаш две женски, со исти или различни презимиња.

Кога дојде редот на нив, службеникот, еден од оние од понискиот ред кај окупаторите, ги погледна внимателно со своите крупни очи. Овие суштества имаа моќ да ги идентифицираат личните податоци за било кој за две-три секунди: – Добар ден. Ви следува едно топло волнено ќебе. Карирано, бордо и сино.

– За мене едно, и за него едно. А имате некоја друга боја?
– Не, госпоѓо. Едно за двајцата.
– Едно ќебе за двајца?! Не доаѓа во обзир! Не ни треба!  – реагираше жената.
– Во ред, госпоѓо – мирно одговори шалтерскиот службеник – Ако е тоа по ваш избор, ако го одбивате ќебето, нема да можам да ви го дадам… иако сум сигурен дека ќе ви затреба – жената му забележа потсмешлива трага од насмевка на работ од светло-сивите усни. „На овој му наредиле да се однесува љубезно. Ама не може да си ја скрие природата“, помисли. Гледајќи ја, мажот, без да прозбори, кимна со главата. „Па тој ме разбира!“  „Да. Те слушам сосем добро“. „Па тоа наполно ја менува целата ситуација“, жената одеднаш почувствува некоја смиреност.

Сочекаа во фотелјите да приврши прозивката на двојките за подигање ќебиња, последни се јавија една црнокоса девојка со јака вилица и долги раце и нозе и еден постар господин (татко?), ќелав и наспроти девојката, набиен, приземнет и со дебели нозе, кој веднаш го зграпчи ќебето под мишка.

Во чекалната влегоа неколку од окупаторите, петмина, ги изброи жената, и љубезно ги замолија присутните да ги следат.

„Овие суштества“, помисли жената, „можеби претставуваат нешто од повисоката интелигенција, но се прават многу важни“.
„Се прават дека имаат човечки особини“, ѝ одврати мажот со мисла, „но, далеку се од луѓе“.
„И што да правиме?“, праша (со мисла) жената.
„Ќе ги следиме, како мртви ладни, а потем нешто ќе смислиме“, ѝ сугерираше тој.

Сега се движеа низ некој многу голем објект, како огромен мол, со бескрајни ходници, што одеднаш ќе се заплеткаа лево-десно во помали ходници што со стаклени кружно движечки врати се поврзуваа еден по друг. Над клучалките на вратите беа прилепени сребрени украсни плочки во облик на зајче. „Како кај Алиса“, помисли жената.

Додека така преку мисли нечујно разговараа жената и мажот, а разговараа нечујно со прилична брзина, зашто и обајцата беа такви брзозборни карактери, во поворката со љубезните окупатори напред и луѓето со понекое ќебе зад нив, на жената ѝ пристуде. А не сакаше да се искара зошто не земала ќебе?: „Каде не водат овие? Многу ми е сомнително. Како…“ „Како да имаат намера некаде да не изолираат“. „Знам на што мислиш. Ова за нас е како лавиринт, но тие знаат точно каде не водат. А ние не ќе знаеме како да се вратиме“. Луѓето околу нив, иако некои со намуртени лица, продолжија да чекорат по петмината љубезни водичи кои внимаваа колоната да не се движи пребрзо. Но иако навидум одеа лежерно, наваму- натаму, лево- десно, жената и мажот веќе беа сигурни дека таквото движење е намерно, со точно определена цел да ги збунат.

„Овие не водат како заробеници“, луто помисли жената, а ќелавиот господин, што одеше пред нив напоредно со девојката со јака долна вилица, се сврте и ја погледна во очи, но и тој продолжи да оди со ќебето под мишка.

 

ТОГАШ И СЕГА

По земјотресот со дедо му Павле заминаа во Охрид. Татко му остана во Скопје, со групата свои градежници, во една прикрпена барака, да го расчистува настраданиот град. Мајка му, се подразбира, реши да биде со него.

Во Охрид ги распределија во едно од синдикалните одмаралишта покрај градот што по земјотресот беа приспособени за прифатилишта на скопските истрауматизирани дечиња  во придружба на некој повозрасен од семејството.

Собите беа тесни, со два споени кревети, еден орман и умивалник. Заедничко купатило на катот. Но за срека од прозорецот на нивното сопче, од височинката на ридот каде се наоѓаше одмаралиштето, погледот пукаше на езерото  – чисто, распостелено,со мрешкави бранови.

Децата се будеа растреперени од окрепувачката согласност на воздухот и водата и веќе трчаа по земјаното плато пред прифатилиштето со неколку посеани ниски џбунови, додека под нивните растрчани боси стопала се поткреваше златен прав.

– Можно ли е дека е ова истото место? – се запраша додека од балконот на третиот кат на хотелот „Панорама“ се ширеше панорамски видик врз туристички „средената“ околина со низа хотели со    плажи уредно начичкани со капачи на лежалки, под чадори за сонце. Во плиткиот дел од езерото можеа да се видат мноштво деца како се плискаат, во подлабокото, по езерската шир, се влечеа катамарани, преполни со туристи, Турци или Срби, и со прегласна музика што ечеше низ просторот.

Се врати во собата што по големината, долгите, зелени завеси и опременоста повеќе личеше на апартман. Пред  огледало со тенки дрвени рамки, благо ја накриви сламената шапка врз побелената, сеуште бујна коса, и пешки, не со лифт, се симна до рецепцијата на хотелот

– На прошетка? – му се насмевна рецепционерот на гостинот во шарена кошула со куси ракави, три-четврт тегет панталони и со накривена шапка.
– Да, жешко ми е за на плажа – одговори со насмевка, па потоа по добро уредената пешачка патека се упати кон градот.

По појадокот, кога во дисцилиниран ред, децата и возрасните чекаа млеко во метални чаши и парче леб со маст, посолен со алева пиперка, со дедо  ќе се симнеа до плажата, заедно со возрасните кои возбудено, со драматичен трепет, говореа за скопската катастрофа и со децата кои  ги побрзуваа да дојдат до водата.Таму, на брегот, возрасните им помагаа да ги соблечат маиците, панталоните, а јадранките, оние кои ги имаа, ги задржуваа да се заштитат  од драсканици поради ситните камчиња. Потоа, со заруменети образи,децата ќе се стрчаа кон водата, некои со викање, тој молчејќи затоа што и дедо му Павле така влегуваше во езерото  кога се капеше, и тоа никогаш наутро, туку пред зајдисонце, кога сами, без придружба, се симнуваа до плажата, и седеа, искапени, еден крај друг, и тогаш, дедо му ќе му ја ставеше раката преку рамото. 

Иако пладнето штотуку помина, странските и домашните туристи и по некој Охриѓанец се шетаа по крајбрежната патека без брзање.

Цел ден, сред овие комфорни хотели, пренатрпани плажи и олабавени шетачи, ми доаѓаат слики од нешто што ми се случило пред шеесет години, си помисли, но не мораше да се праша „зошто?“.          

 

НАДВОР И ВНАТРЕ

– Би требало да си купам… блуза… патики, овие ми се баш ги износени.
– Па одамна ти го велам тоа – рече жената без некоја посебна усилба да го поткрепи во неговото самосожалување.

Инаку, како и секогаш, беше облечена штосно и со вкус. Секое утро се подготвуваше, долго, долго, како ќе се облече. Плакарите беа преполни со можни парчиња облека што се меркаа во огледалото, па се свлекуваа, па повторно се облекуваа, додека не се пронајде, уф, она што најдобро прилега за овој ден.

Но тоа доцна августовско утро, додека го густираа утринско coffeе time потпрени на оградата на нивниот балкон, со шољички во рацете, молчејќи, секој загледан кон својата страна на видикот, се чувствуваа сосем опуштено.

Тој можеше добро да ги види горните катови на највисокиот облакодер во околината, централата на 5GX.

– Навистина, имаш право, би можеле попладнево до продавницата за чевли – го чу нејзиниот глас мек и топол, како летниот здив од блискиот парк. Таа и гледаше натаму, во високите крошни на дрвјата, во спротивен правец од неговиот поглед кон небодерот.

Кога чекориш, умееше да му каже, гледај кон небото или природата ако ја има, а не во градските турканици.

И токму кога сакаже да го сврти погледот и да го здружи со нејзиниот, забележа како на горната тераса на 5GX централата еден човек, облечен во размафтано платно, потрча кон оградата на терасата и без премислување, скокна надолу.

– Значи, се договоривме – продолжи жената со истата летна топлина во гласот – Ќе одбереме добри сандали за тебе. – брзо го бакна по образот и влезе во собата.

Тој сеуште втренчено ѕуреше во 5GX зградата. Телото на човекот што паѓаше веќе не се гледаше.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
СКИЦИ ОД МОИТЕ БЕЛГРАДСКИ ГОДИНИ, 2
Со Владо Пиштало, што се однесува до возрастите, беше обратен случај од...
Повеќе
0 replies on “ОБИЧЕН ДЕН”