ПРИКАЗНИЧАР

Имав слушнато дека постојат луѓе што во сон го бараат патот до месечината. Но овој човек не спиеше. Тој беше буден повеќе од кој било друг.

МЕСЕЧАРИ

Од прозорецот во кујната може да се посведочи тонењето на сонцето и мената на месечината. Преку него излегувам на рамниот покрив, каде што со црево во рака ги освежувам плочките и лубеницата оставена во едно напукнато тенџере. До неодамна само бабичката од најгорниот кат ми правеше друштво. Нејзиниот прозорецот беше свртен на запад, но го отвораше принудно, само кога ќе ја загореше манџата, а на терасата излегуваше ретко, за да ги нареди алиштата на жицата за сушење. Таа го напушти светот потивко одошто живееше, па мирот што го наоѓав на покривот можев во комоција да го уживам на поширока територија. Од нејзината страна сонцето се задржуваше долго, така што јас си дозволив да ги преселам таму цвеќињата на кои и онака им требаше природна светлина. Штом поминев со цревото по саксиите, се враќав во удобната лежалка отспротива.

Ова ќе траеше вечно, ако една вечер не забележев дека на терасата сум придружен со уште нечие присуство. Ја подадов главата низ просторот што како премин ги поврзуваше двете половини и забележав дека на работ седи човек. Првата мисла што ми помина низ главата е дека треба да го спасам. Втората – да молчам. Неговата рака беше испружена како да сака да фати една од висококатниците во далечината, или како да собира невидливи пеперутки од воздухот. Лицето не можев да му го видам, а доколку и тој го имаше сличното претчувство, сигурно не сакаше некој непознат да го задева. Таа вечер цвеќињата останаа ненавадени.

Неколку дена по ред моето излегување на покривот не се поклопуваше со прошетките на човекот, но прозорецот од неговата кујна светеше, и ова го потврди мојот заклучок дека во станот на бабичката има нов кираџија. Љубопитноста ми се зголеми, па и во деновите кога немаше потреба од полевање, ќе скршнев до другата страна за да видам дали има движење. Не помина долго и повторно го затекнав. Но овој пат беше застанат на ѕидот што беше бедем кон амбисот. Иако првично мислев дека има намера да скокне, сега дојдов до уште почуден заклучок: дека тој има желба да се вивне нагоре. Иако во непријатна положба за набљудување, убаво можев да го видам неговиот поглед упатен кон небото. Изгледаше како некој на кого му треба капење во морето ѕвезден спокој.

Имав слушнато дека постојат луѓе што во сон го бараат патот до месечината. Но овој човек не спиеше. Тој беше буден повеќе од кој било друг. Не знам дали јас повеќе се привикнав на неговото отсуство, или тој на моето присуство, но ова ќе тераше до илјада и назад ако една вечер не се случеше нешто различно. Повторно го видов качен на ѕидот. Беше вознемирен и се чинеше дека секој момент ќе ја загуби рамнотежата.

Влегов по телефонот за да повикам помош, но кога се вратив, него го немаше. Првпат откако се досели, изговорив некој заплеткан спој од зборови. Со страв погледнав надолу, но таму сè беше спокојно, како што потајно и се надевав. Погледнав уште еднаш на местото каде што стоеше последниот пат и сега во темнината ги забележав металните помошни скали подигнати угоре како да треперат наспроти проѕирно чистото небо.

Следната вечер беше полна месечина.

*

Продолжив да го минувам целото свое слободно време на рамниот покрив, иако станот на старицата наскоро го закупија студенти, така што сега веќе мојот мир беше сериозно нарушен. Месечевиот човек не го сретнав веќе. Се надевам дека тој го најде тоа што го бараше. И дека сега тој ме набљудува, од таму некаде. Ако застанам на крајчето од бедемот со поглед упатен нагоре, можеби и јас ќе го видам. И ќе ми даде знак да му се придружам. Сè што можам да кажам е дека секој ден сум сè поподготвен и поподготвен.

 

СИМНУВАЊЕ НА МАСКИТЕ

Извади влажно марамче од отвореното пакетче и почна да си ја брише маската. Во ушите уште ѝ одекнуваше аплаузот од гледалиштето и таа сè уште мошне живо ја чувствуваше возбудата на другите околу неа, но нејзиниот поглед одеднаш се закова на фотографијата оставена на масичката во грамиорната. Од каде се најде тука? Кој бил овде?, тивко и реторички изговори.

Ја знаеше таа фотографија. Ја знаеше и девојката на фотографијата, бидејќи со сиот раскош и бунтовност тоа беше самата таа во времето кога беше подготвена да го менува светот и сè да прави поинаку од тоа што другите ѝ кажуваат. Меѓу нив имаше амбис од четириесет години, стотина претстави и исто толку гласови на жени и мажи во чија облека, коса, кожа и мисли се обидуваа да живеат како две потстанарки. Тоа беа убавите денови. Во остатокот од времето, дивата од петни жили се обидуваше да не ја слуша девојката, а по можност и да ја потисне во заборав. Бидејќи гласот на девојката секогаш велеше да се движат по поинаква траекторија, да не прават компромиси, да се бунтуваат против надредените, да ги кршат стереотипите, да не одат каде било по цена на принципите. Но тоа толку врати можеше да ѝ затвори нејзе, актерката со амбиции да биде дива.

Затоа, во секоја ситуација, на секоја проба, на секој чекор, на сцената и надвор од неа, се обидуваше да ја истисне што подлабоко и подалеку. По неколку години, сметаше дека засекогаш ја исфрлила од себе.

Тогаш, кој и зошто токму оваа гала-вечер, кога кругот требаше да се затвори, ја потсетува на девојката што неволно беше таа? Дивата не ја насетува големината на моментот. Да, го чувствува олеснувањето од шминката, и тој нов живот што голотијата ѝ го дава на кожата. Да, се обидува со влажното марамче да го оттргне и товарот што го носеше со секоја изведба: подозривиот ромон на зајадливите, на ситните критизери што ѝ дишеа во врат дури и кога ги живееше ѕвездените мигови. Но не може да го направи тоа. Не може да го оттргне сеќавањето, дури ни сега, ноќта на големото збогум од сцената, нејзината вечер. Совеста шмука со своето мало муце. Ја прогонува сенката на девојката на вечна младост што можеше да биде таа засекогаш, но ја одби понудата.

Се погледнува во огледалото и дури тогаш се освестува. Сфаќа дека сака да се заклучи, дека не сака никого да пушти, ниту асистентката што тргнува да ја затрупа со букети. Разни тропоти минуваа на вратите низ годините и може да ги познае сите. Актери, режисери, инспициенти, суфлери, гребатори, упикувачи, шармери, новинари, бадијалџии. Нивното тропање е нивниот карактер. И сите тие нешто бараа, очекуваа од неа, дури и кога ѝ носеа.

Се враќа со погледот врз фотографијата и пак сè се стишува.

– Прости – нејзините усни сами и судбински се помрднуваат во еден збор, што како од немај-каде се нашол овде. Солзите ја валкаат повторно кожата, а влажното марамче не може да ѝ помогне. – Знам дека си тука некаде – изговара и се исправува на нозе, сега веќе без грам пудра на себе. Го отфрла и последното парче од костумот од себе и сега е гола, исто како девојката од фотографијата што се отелотворува пред неа и со блага насмевка немо ѝ ги прифаќа дланките.

Нивните прсти се преплетуваат и ова не е ниту илузија, ниту театар. Прстите на младата девојка ѝ ја милуваат кожата на дивата и кожата одново ѝ се мазни, се исполнуваат порите под студениот допир. Жената се менува, се подмладува. Но тоа има цена. Ѝ создава вртоглавица овој галеж, како ништо друго никогаш досега. Таа сепак му се препушта, претворајќи се во она од кое бега толку долго. И, иако ова му доаѓа како одмазда, како бран од минатото, што неповратно ја повлекува со себе, таа чувствува дека конечно го наоѓа тоа што вистински ѝ било потребно сите овие години.

Нивното милување се претвора во претопување и во тој процес на експлозија тие две ја собираат со себе сета светлина одоколу – од рефлекторите, од излозите, од ѓерданите на госпоѓите што бавно заминуваат од претставата, чекајќи го таксито што доцни, од светлечките реклами одразени во вирот пред скалите. Наскоро целата театарската зграда ја проголтува мрак и заборав и само еден месечев зрак остварува контакт меѓу земјата и небото.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Жарко Кујунџиски
За вредноста и паметењето
За вредноста и паметењето (Текстот е напишан врз основа на исказот на...
Повеќе
0 replies on “ПРИКАЗНИЧАР”