ЧОВЕШТВОТО Е ЦИВИЛИЗАЦИЈА НА ПРИКАЗНИТЕ

Обраќање по повод врачувањето на наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобро прозно остварување во 2024 година на книгата „Приказничар“ од Жарко Кујунџиски, во издание на „Антолог“.

Почитувани колеги писатели, драги гости, читатели и пријатели,

Стоејќи на ова место денес, на роденденот на ДПМ, симболичниот дом на македонските писатели, исполнет сум со длабока благодарност и со огромна чест. Во вакви моменти она што го чувстуваме тешко се изразува со зборови, но како некој чија професија е раскажувањето, си наложив да се обидам да пронајдам барем некој.

Да се прими награда со името на Стале Попов значи да се врати одново надежта во моќта на приказната, бидејќи тој е еден од најплодните раскажувачи во македонската книжевност кој со своите дела создаде вибрантна, пулсирачка композиција инспирирана од животот и душата на човекот од Мариово, Прилеп, Македонија, но истовремено со универзално значење. Неговото дело е потсетник дека приказната поседува атрибути не само да забавува, туку и да сведочи и да посочува на промени во еден поширок контекст.

Приказните се срцето на нашиот човечки идентитет. Од памтивек тие биле начинот на кој се обидуваме да ја поимаме реалноста и начин на кој дијалогизираме со истата таа реалност. Преку чинот на раскажување се поврзуваме едни со други но оставаме и траги за комуникација со идните генерации. Од приказните што биле раскажувани околу огништето, во тесниот круг на семејството, до романите што преку преводот ги надминуваат границите на јазикот и културата, раскажувањето е нашето примарно средство за очовечување. Бидејќи човештвото е цивилизација на приказните.

Доволно е да се запрашаме што правевме вчера, на колку луѓе им се обративме со некаква сторија и колку луѓе за возврат се обидоа нешто да ни прераскажат, за да ни го сменат мислењето, за да ни го освојат вниманието, за да нè насмеат или инспирираат. Без оглед дали тоа било виц, сон, гласина, случка, епизода од серија или книга од омилениот автор. Приказните се вирусот со кој сите сме инфицирани, а во секој од нас паралелно живее и еден потстанар-приказничар.

Расказот, не само како книжевна форма, туку како начин на себеискажување, му дава артикулација на нашето најдлабоко искуство – радоста и тагата, вистината и илузијата, подвигот и загубата, крикот и тишината, сите оние нешта што исконски нè дефинираат. Низ страниците на една книга, можеме да ја почувствуваме болката на лик кој е далеку од нас, да се радуваме на неговите победи или да жалиме за неговиот пад. Оваа способност да го чувствуваме другиот и да сочувствуваме преку споделувањето, е ДНК на расказот.

Често било поставувано прашањето: Што ја прави една приказна моќна? Дали е тоа структурата, стилот, возбудливоста или незаборавните ликови? Секако дека сите овие елементи се важни. Но во својата основа, моќната приказна е како стрелата на Вилхелм Тел упатена кон јаболкото над главата на тој што најмногу го сакаме. Моќната приказна нè поканува да ги отвориме ширум очите и да го видиме светот како пред донесување голема одлука, да ја преиспитаме оправданоста на нашите претпоставки, да го прошириме нашето разбирање за другиот и да се соочиме со стравот, соочување што радо би сакале да го избегнеме.

Приказните што опстојувале низ годините се оние на кои се навраќаме одново и одново, но тие не се тука само за да го исполниме времето, туку и за да се промениме себеси и најблиската околина. Приказните нè предизвикуваат да се соочиме со неправдата, да пронајдеме храброст или да бараме сочувство за оние што не секогаш се слични на нас. Во овој контекст тие се и чин на отпор. Нè потсетуваат дека и покрај сите разлики, сите сме нераскинливо поврзани.

Кога првпат го ставив моливот на хартија – што всушност многу брзо стана прстите на тастатурата – не се обидував да го променам светот. Само се обидував да го најдам своето место во него. Но магијата на раскажувањето е што низ личното го допираме универзалното, остварено преку контактот со читателите. Токму читателите ми покажаа дека кога раскажуваме, не зборуваме во празнина. И кога во една дупка ќе прошепотиме „Цар Трајан има козји уши“ ние не зборуваме за себе туку создаваме врски – невидливи, но длабоки – што понекогаш се случува да ги допрат и тие што најмалку сме очекувале или надевале.

Денес, додека со огромно задоволство ја примам наградата „Стале Попов“, размислувам за многуте приказни што ме обликувале – оние што сум ги напишал, но далеку повеќе, оние што сум ги прочитал. Секоја приказна е подарок од еден (најчесто непознат) човек до друг (најчесто непознат) човек. Тоа е потсетник дека раскажувањето не е осаменички чин. Тоа е ритуален танц меѓу авторот и читателот, двајцата подготвени да зачекорат на пространиот терен на ранливоста и имагинацијата. И на сите вам овде, како на жири-комисијата, така и на сите писатели и читатели што во себе го носите и вреднувате дарот на раскажувањето, било преку книги, разговор или слушање – ви благодарам!

Да продолжиме да ги пренесуваме и споделуваме приказните што се важни и што поседуваат моќ да маѓепсуваат и да менуваат. Затоа што така испишуваме живот каков што сакаме, а не каков што мораме да живееме. Живот како од приказните.

13.02.2025

Жарко Кујунџиски

Тагови од објавата
Напишано од
More from Жарко Кујунџиски
ПРИКАЗНИЧАР
Имав слушнато дека постојат луѓе што во сон го бараат патот до...
Повеќе
0 replies on “ЧОВЕШТВОТО Е ЦИВИЛИЗАЦИЈА НА ПРИКАЗНИТЕ”