Читајќи ги, најпрвин, био-библиографските податоци за и „околу“ ликот и делото на писателот Жарко Кујунџиски, во натамошниот текст Жарко К., објавени на последните страници на оваа негова – најнова – прозна книга, секој („неупатен“) реципиент најпрвин ќе се соочи со еден куп импресивни и речиси „натстварни“ бројки:
Тринаесет авторски книги (ако добро бројам, оваа би требало да му е четиринаесеттата!); перманентно „вежбање“/„жонглирање“ врз сите книжевни формати/модели/жанрови/дискурси (поезија, проза од сите видови, драма…); дваесетгодишниот перманентен уреднички и менаџерски багаж во респективната издавачка куќа „Антолог“ (кој, меѓу другото, го вклучува и портфолиото од над петстотини – со бројки: 500 – приредени/уредени изданија); речиси полни десетина угледни книжевни награди; долгогодишното менаџирање на еден од најетаблираните македонски книжевни фестивали (BookStar)…
Има уште за редење, ама чинам оти е поважно да го нагласиме круцијалниот факт: Жарко К. одвај ги заокружил првите 44 години „живот и творештво“. Со букви: четириесет и четири. Искористени до балчак, дури отаде, ама и со гаранција за следните 44. Французите би рекле: Chapeau!
Истото го реков и самата, кога, пред некој ден, дотичниот Жарко К. ненадејно ми го испрати „имејл-манускриптот“ со сопствените му раскази, точно дваесет и осум, подредени и надредени во оваа најнова негова книга, четиринаесеттата во низа, пишувана/составувана итеративно, во големиот временски период од приближно две десетлетија. Најстариот расказ во тој „е-манускрипт“, („Приказничар“, датиран во 2002 година), некако го контам за „тематски“, донекаде и „сентиментален“, бидејќи неслучајно ја насловува и целава книга. Последните и најновите се изнапишани, та „издатирани“ годинава, ги има седум, сите горе-долу кратки, речиси елиптични, зборовно редуцирани до балчак, ама фатумски „обмислени“ – да не речам „опасни“ –како и сите суспектни екстракти стуткани во мали пакувања: лекарства, отрови, експлозиви, радиоактивни изотопи… Жарко К. е, просто, експлозивен скриптор!
Не знам зошто не се изненадив (барем не премногу!), кога, во последен миг, тој ненадејно и ненајавено ми доиспрати уште еден расказ. Дополнителен, пак од 2009 година (нешто како „зенит“ на авторовата „екстензивна“ наративна фаза…), профетски насловен како „Грешка“! Го прочитав внимателно, дури и двапати, обидувајќи се да ја „дешифрирам“ илити „протолкувам“ причината за навидум „вудиаленовскиот“ конструкт на „приказната“, бизарна („згрешена“) како и самиот живот…
Во меѓувремето од петнаесетина години – колку поминале од таа 2009 до денес – Жарко К. како да настојува постојано да ги „редуцира“ своите „кратки наративи“ (раскази), сведувајќи ги на речиси гномските, пароксистички ефектните „хаику-експерименти“ во прозната форма. Не мислам дека причината за таков вид „поетичка редукција“ би можела да биде „скриена“/„препознаена“ во експериментирањето со некои пообемни романи кои ги пишувал „напоредно“, за да се провери (себеси) и во „долгите формати“. На кои, можеби, пак ќе им се сврти, по некое време, во некои подоцнежни години, упорен и љубопитен од раѓање, беспрекорно организиран и ефикасен како малкумина од писателите од сој и маштаб, би рекол Цепенков. Агилен и (метафорички) „ранобуден“, како спортистите кои постојано ја одржуваат својата врвна/олимписка форма!
Сепак, читајќи ја оваа виспрена книга, Жарко К. во мигот го идентификувам (предимно!) како хередитарниот приказничар, авторски најсупериорен во таканаречените „помали формати“. Или „пократки форми“. Борхесовски измечтаени, интригантни, авторизирани со тешка рака, виспрени до вишните неба, автентични…
*
Жарко К. е еден од ретките, малобројните македонски писатели професионалци, кои живеат исклучиво од пишувањето, сопственото и „туѓото“. Освен што самиот перманентно пишува (многу и добро!), тој катадневно/катаноќно уредникува во сопствената издавачка куќа („Антолог“), чита и уредува книги, ги пласира и ги афирмира низ книжарниците и медиумите, организира фестивали, одисејски се провлекува помеѓу сите можноневозможни Сцили и Харибди, административно-финансиски, меѓучовечки, општествени, локални, јавни, секакви…
…и пишува, не знам кога, можеби ноќе како Фауст!
Пишувањето е трудна работа, endless story, мачен занает, некој вид болест, зависност за која нема лек. Судбина! „Да се биде и да се пишува значи исто“ – вели другар ми Жарко Паиќ, имено Жарко П., сериозен хрватски филозоф од европски формат. Кој секојдневно – буквално секој боговетен ден! – на пријателите им испраќа по еден свој краток есеј. Дневната доза на умноста, самодисциплината и – здравјето!
Авторската библиографија на Жарко К. потврдува дека нејзиниот сопственик пишува многу, претпоставувам дека пишува лесно, тврдам дека пишува добро и – се разбира – посакувам своите најдобри книги Дотичниот да ги напише допрва!
Јелена Лужина
Рецензија кон книгата „Приказничарот“ од Жарко Кујунџиски (Скопје: Антолог, 2024)