ЖЕНАТА ШТО ТРЧАШЕ СО ВОЛЦИТЕ

Коска по коска, влакно по влакно, Дивата Жена се враќа. Преку ноќните соништа, преку дополу разбраните и дополу запомнетите настани, Дивата Жена се враќа. Таа се враќа преку приказната.

Морам да ви откријам дека не сум онаа божествената што заминува во пустината и се враќа обременета со мудрост. Патував по многу огништа и околу секое место за спиење фрлав мамки за риби. Но, наместо да се здобијам со мудрост, почестo имав непријатни епизоди на Giardiasis, E. coli,[1] и амебна дизентерија. Оф! Таква е судбината на еден мистик од средната класа со чувствителни црева.

Каква и мудрост или разбирање да сум здобила на своите патувања кон чудни места и необични луѓе, научив да ги кријам, зашто понекогаш стариот татко Академ, како Кронос, сè уште има тенденција да си ги јаде децата пред да можат да станат лековити или извонредни. Преголемата интелектуализација може да ги замати урнеците на инстинктивната природа на жените.

Така, за да се продолжи нашата роднинска врска со инстинктивната природа, многу помага ако се разберат приказните како да сме внатре во нив, наместо како тие да се надвор од нас. Влегуваме во една приказна преку вратата на внатрешното слушање. Раскажаната приказна го допира аудитивниот нерв, оној што минува низ основата на черепот во стеблото на мозокот веднаш под продолжениот мозок. Таму, аудитивните импулси се пренесуваат нагоре до свеста или на друго место, како што се вели, до душата… во зависност од ставот со кој човек слуша.

Древните дисектионисти велеле дека аудитивниот нерв длабоко во мозокот се дели во три или повеќе ограноци. Тие претпоставувале дека затоа увото е наменето да ги слуша сите три нивоа. Се сметало дека едниот огранок ги слуша баналните разговори на светот. Вториот огранок ги разбира науката и уметноста. А третиот огранок постоел за самата душа да може да слуша насоки и да се здобива со знаење додека е овде на земјата.

Тогаш слушајте со слухот на душата, зашто тоа е мисијата на приказната.

Коска по коска, влакно по влакно, Дивата Жена се враќа. Преку ноќните соништа, преку дополу разбраните и дополу запомнетите настани, Дивата Жена се враќа. Таа се враќа преку приказната.

Ја започнав својата преселба преку Соединетите Држави во шеесеттите години на дваесеттиот век, барајќи место да се скрасам, некаде каде што ќе има густи дрвја, мисковна вода, такво место што ќе биде населено со суштества што ги сакав: мечка, лисица, змија, орел, волк. Волците систематски ги истребуваа од регионот на Големите Езера; без оглед каде да отидев, волците на еден или на друг начин ги прогонуваа. Иако многумина зборуваа за нив како за напаст, јас секогаш се чувствував побезбедно кога во шумата имаше волци. На запад и на север, во тоа време, можеше да се кампува и да се слушаат планините и шумите како пеат, пеат, пеат ноќе.

Но, дури и таму, времето на нишани, рефлектори монтирани на џипови и „закани“ со арсен предизвикаа земјата да ја покрие доба на молк. Набргу, и Карпестите Планини речиси се испразнија од волци. Така, дојдов до големата пустина што лежи дополу во Мексико, а дополу во Соединетите Држави. А колку подалеку патував на југ, толку повеќе слушав приказни за волците.

Знаете, се вели дека има место во пустината каде што духот на жените и духот на волците со тек на времето се среќаваат. Почувствував дека сум на некој траг кога на границите на Тексас слушнав приказна наречена „Девојката Лоба“ за една жена што била волк што бил жена. Потоа најдов древна ацтечка приказна за сираци близнаци што ги доела волчица додека децата не пораснале доволно да бидат самостојни.[2]

И конечно, од старите шпански фармери на кои им била дадена земја и од народот Пуебло на југозапад, слушнав идентични приказни за луѓето од коски, оние што ги враќаат мртвите во живот; оние за кои се вели дека ги враќаат во живот и луѓето и животните. Потоа, на една од моите етнографски експедиции, се сретнав со една жена од коски и оттогаш никогаш не бев истата. Дозволете ми од прва рака да ви презентирам сеќавање и вовед.

La Loba

Има една старица што живее на скришно место што секој го знае во душата, но малкумина го виделе. Како во бајките од Источна Европа, се чини дека таа ги чека загубените или залутаните и оние што ја бараат да дојдат кај неа.

Таа е внимателна, често влакнеста, секогаш дебела, а особено избегнува секакво друштво. Таа грака и крека, воопшто, испушта звуци што се повеќе животински отколку човечки.

Можам да кажам дека живее меѓу изгниените гранитни ридови на индијанската територија Тахумара. Или дека е закопана блиску до Феникс, во близина на еден бунар. Можеби ќе ја видат како патува на југ од Монте Албан[3] во поцрнета кола со заден прозорец во кој било пукано. Или можеби ќе ја забележат како стои покрај автопатот блиску до Ел Пасо, или како јава со сачмарка со трагачите кон Морелиа, Мексико, или како шета низ пазарот над Оаксика со чудни врзопи дрва за оган на грбот. Се нарекува со многу имиња: La Huesera, Жената со коските; La Trapera, Собирачката и La Loba, Жената Волк.

Единствената работа на La Loba е собирањето коски. Таа го собира и го чува особено она што е во опасност да се загуби во светот. Пештерата ѝ е полна со секакви коски од пустински животни: елен, ѕвечарка, чавка. Но, нејзината специјалност се волците.

Таа се прикраднува и лази и трага преку montañas, планините и arroyos, сувите речни корита, барајќи коски од волци, а кога ќе состави цел скелет, кога и последната коска е на место и пред неа стои прекрасна бела скулптура на суштеството, таа седнува покрај огнот и размислува која песна ќе ја запее.

А кога е сигурна, застанува над criatura, ги подигнува рацете над неа и почнува да пее. Тогаш, ребрата и нозете на волкот почнуваат да се покриваат со месо и суштеството добива крзно. La Loba продолжува да пее и суштеството уште повеќе оживува; неговата опашка се свива нагоре, густа и силна.

А La Loba продолжува да пее и суштеството волк почнува да дише.

А La Loba пее толку длабоко што се тресе дното на пустината, и како што пее, волкот ги отвора очите, скока и истрчува надолу по кањонот.

Некаде во трчањето, дали поради брзината или поради тоа што ќе заплиска во реката, или поради некој зрак сончевина или месечевина што ќе го осветли отстрана, волкот одеднаш се трансформира во жена што се смее и слободна трча кон хоризонтот.

Значи, запомнете, ако скитате низ пустината, а изгревот е блиску, и ако можеби сте малку загубени, а секако уморни, дека имате среќа, зашто на La Loba може да ѝ се допаднете и може да ви покаже нешто – нешто од душата.

Сите почнуваме како врзоп коски изгубен некаде во пустината, растурен скелет што лежи под песокот. Дожност ни е да ги составиме деловите. Тоа е мачен процес што најдобро се прави кога сенките се во ред, зашто треба многу барање. La Loba ни покажува што треба да бараме – неуништливата животна сила, коските.

Задачата на La Loba може да се смета за un-cuento milagro, приказна за чудо. Таа ни покажува што е соодветно за душата. Тоа е приказна за воскресението, за подземната врска на Дивата Жена. Таа ни ветува дека ако ја пееме песната, може да ги привикаме физичките останки на дивата душа и со пеење повтoрно да ја вратиме во витален облик.

La Loba пее над коските што ги собрала. Да се пее значи да се користи гласот на душата. Значи да му се каже на здивот вистината за моќта и потребата на човекот, да се вдише душа на нештото што боли или што има потреба за обновување. Ова се прави со тоа што ќе се слезе во најдлабокото расположение на големата љубов и ќе се чувствува, сè додека желбата за врска со дивото Јас не претече, а потоа ќе се зборува за сопствената душа од таа рамка на умот. Тоа е пеење над коските. Не можеме да направиме грешка и да се обидуваме да го истиснеме тоа големо чувство на љубов од љубовникот, бидејќи трудот на жената да најде и да испее химна за создавањето е самотна работа, работа што се врши во пустината на психата.

Да ја разгледаме самата La Loba. Во симболичниот лексикон на психата, симболот на Старицата е еден од најшироко распространетите архетипски персонификации на светот. Другите се Големата Мајка и Татко, Светото Дете, Измамникот, Волшебникот (Волшебничката), Момата и Младичот, Хероината Воин и Глупакот (Глупачката). Сепак, еден лик како La Loba може да се смета за многу различен во суштина и во ефект, бидејќи таа е симболична за коренот што го храни сиот инстинктивен систем.

На Југозапад, архетипот на старицата може да се најде и како старата La Que Sabe, Онаа што знае. Прво разбрав за La Que Sabe кога живеев во планините Сангре де Кристо во Ново Мексико, под срцето на врвот Лобо. Една стара вештерка од Ранчос ми кажа дека La Que Sabe знае сè за жените, дека La Que Sabe ги беше создала жените од брчка на петицата на своето божествено стапало: Затоа жените се суштества што знаат; тие, во суштина, се направени од кожата на стапалото, од она што чувствува сè. Оваа идеја дека кожата на стапалото е сетилна има ронка вистина, бидејќи една акултурирана жена од племето Киш еднаш ми кажа дека првиот чифт чевли го обула кога имала дваесет години и сè уште не се навикнала да оди со los ojos vendados, со преврски преку очите на стапалата.

Дивата суштина што ја населува природата ја нарекувале со многу имиња и таа со векови се наоѓа кај сите народи. Овие се некои од старите имиња за неа: Мајката на Деновите е Мајката-Создател-Бог на сите суштества и нешта, вклучувајќи ги и небото и земјата: Мајката Никс има власт над сите нешта од кал и темнина; Дурга ги контролира небесата и ветровите и мислите на луѓето од кои се шири сета реалност; Coatlicue го раѓа бебето универзум што е немирно и тешко да се контролира, но како и волчицата, го гризе детето за увото за да го смири; Хеката, старата гледачка што „ги познава своите луѓе“ и околу себе шири мирис на хумус и здив на Бога. И многу, многу други. Овие се сликите за тоа што и кој живее под ридот, далеку во пустината, далеку во длабината.

Под какво и да е име, силата што е персонифицирана во La Loba го забележува личното минато и древното минато што го преживеала генерација по генерација и таа е стара надвор од границите на времето. Таа е архивар на женската намера. Таа ја чува женската традиција. Нејзините мустаци ја чувствуваат иднината; таа има далекувидно млечно око на стара вештерка; таа истовремено живее назачки и напред во времето, поправајќи ја едната страна танцувајќи со другата.

Старата, Онаа што Знае, е во нас. Таа се стреми кон најдлабоката душевна психа на жените, древното и витално диво Јас. Нејзиниот дом е она место во времето во кое духот на жените и духот на волкот се среќаваат – местото во кое се мешаат умот и инстинктите, каде што длабокиот живот на жената го поткрепува нејзиниот секојдневен живот. Тоа е точката во која Јас и Ти се бакнуваме, местото во коешто, со сиот дух, жените трчаат со волците.

Старицата стои меѓу световите на рационалноста и митот. Таа е зглобот врз кој се движат овие два света. Оваа земја меѓу световите е она необјасниво место што сите го препознаваме откако ќе го искусиме, но неговите нијанси се лизгаат, а формата им се менува ако човек се обиде да ги прикаже, освен кога користиме поезија, музика, танц на приказна.

Има шпекулација дека имуниот систем на телото е вкоренет во оваа мистериозна психичка земја, а и мистичното, како и сите архетипски слики и пориви вклучувајќи го нашиот глад за Бога, нашиот копнеж за мистерии, и сите свети инстинкти како и оние што се банални. Некои би рекле дека и архивите на човештвото, коренот на светлината, намотката на темнината се исто така овде. Не е празнина, туку место на Магливи Битија каде што нештата се и сè уште не се, каде што сенките имаат супстанца, а супстанцата е проѕирна.

Едно нешто е сигурно во врска со земјава, стара е… постара од океаните. Нема возраст; безвозрасна е. Архетипот на Дивата Жена го наоѓа овој слој, еманира од инстинктивната психа. Иако може да има многу форми во нашите соништа и креативни искуства, таа не е од слојот на мајката, девојката, средовечната жена, и таа не е внатрешното дете. Таа не е кралицата, амазонката, љубовницата, гледачката. Таа е само она што е. Наречете ја La Que Sabe, Онаа што знае, наречете ја Дивата Жена, наречете ја La Loba, наречете ја со нејзините високи имиња или со нејзините ниски имиња, наречете ја со нејзините понови имиња или со нејзините древни имиња, таа останува само она што е.

Дивата Жена како архетип е сила што не може да се имитира и да се искаже, онаа која носи многу идеи, слики и карактеристики на човештвото. Архетипот постои насекаде, а сепак не е видлив во вообичаената смисла. Она што може да се види од неа во темнината не може неопходно да се види и на дневна светлина.

Наоѓаме постојано присуство на архетипот во сликите и симболите што се наоѓаат во приказните, литературата, поезијата, сликарството и религијата. Се чини дека неговиот сјај, неговиот глас и неговиот мирис се наменети да нè натераат да се оттргнеме од размислувањата за изметот на опашките и повремено да патуваме во друштво со ѕвездите.

Кај La Loba, физичкото тело е, како што пишува поетот Тони Мофејт, „блескаво животно“,[4] а имуниот систем на телото изгледа, како што кажуваат, дека го зајакнува или ослабува свесната мисла. Кај La Loba, духовите се манифестираат како личности и La voz mitológica, Митолошкиот глас на длабоката психа, зборува како поет и претскажувач. Нештата што имаат психичка вредност, можат да оживеат кога ќе умрат. Исто така, основниот материјал на сите приказни што некогаш постоеле на светот, почнал со нечие искуство овде на оваа необјаснива психичка земја, и нечиј обид да се поврзе со она што им се случило овде.

Има различни имиња за овој локус меѓу световите. Јунг го нарекувал различно: колективното несвесно, објективната психа и психоидното несвесно – осврнувајќи се на понеискажливиот слој од првото. На второво мислел како на место во кое биолошките и психолошките светови споделуваат ист вруток, каде што биологијата и психологијата можат да се мешаат и да влијаат една врз друга. Низ човечката меморија ова место – да го наречеме Нод, да го наречеме дом на Магливите Битија, пукнатина меѓу световите – е местото каде што се случуваат посетите, чудата, инспирациите и закрепнувањата од секаква природа.

Преку ова место се пренесува големо психичко богатство, нему мора да му се пристапи со подготовка, бидејќи на човек може да му се случи да биде предизвикан таму весело да се удави во пукнатината на сопственото време. Консензуалната реалност може да изгледа помалку возбудливо во споредба со ова. Во оваа смисла, овие подлабоки слоеви на психата можат да станат скината стапица од која луѓето се враќаат немирно, со клокотливи идеи и несериозни докази. Не треба да биде така. Човек да се врати целосно измиен или потпен во ревитализирачка и информативна вода, нешто што врз нашата кожа го втиснува мирисот на светото.

Секоја жена има потенцијален пристап до Río Abajo Río, оваа река под реката. Таа пристигнува таму преку длабока медитација, танц, пишување, сликање, молење, пеење, удирање на тапан, активна имагинација, или која и да е активност што бара интензивна сменета свест. Жената пристигнува во овој свет меѓу светови преку копнеење и со барање нешто што може да го види само со аголот на окото. Таа пристигнува таму со длабоко креативни чинови, преку намерна осаменост и со практикување на која било уметност. А дури и со овие добро обмислени практики, многу од она што се појавува во необјаснивиот свет ни останува засекогаш мистериозно, бидејќи ги прекршува физичките закони и рационалните закони како што ги познаваме.

Грижата со која мора да се влезе во оваа психичка состојба се забележува во мала, но моќна приказна за четворицата рабини што копнееле да го видат најсветото тркало на Езекиел.

[1] E. coli. Делумна кратенка за ешерихија коли, бактерија што предизвикува гастроентеритис и се наоѓа во загадена вода за пиење.
[2] Ромул и Рем, и близнаците од митот на Навахо – овие се само некои од многуте познати близнаци од митовите.
[3] Старо Мексико.
[4] Песната „Блескаво животно“ на блузерот Тони Мофејт (Tony Moffeit) од неговата книга Блескаво животно (Luminous Animal. Cherry Valley, New York: Cherry Valley Editions, 1989).

Тагови од објавата
0 replies on “ЖЕНАТА ШТО ТРЧАШЕ СО ВОЛЦИТЕ”