ПОЕЗИЈА (Избор)

Мед и пелин

тарабата ми го покрива видот
за знајното и незнајното
продолжувам да гледам
попреку – грлен извик и плач
јас и понатаму гледам низ тарабата
со очи полни мед и пелин
грлениот извик се претвора во бол
плачот стивна
некој можеби и знае зошто

Глуви варвари

Од шумата се слушаат крици
Кои преку дрвјата продираат
До нашите заспани уши
И до ушите на уште многу други
Ние сме само варвари и ништо повеќе

Криците ќе се слушаат многу долго
Долго ќе ни ги параат ушите
А ние, глуви варвари,
Само ќе минуваме до нив
Како да велиме: збогум
Гласотијо

Времето не минува

Гледаш сини булки крај патот
Гробје со мрежа на пајак
Отаде се слуша тропот
И велиш: Бидуваше ли?

Гледаш ноќта ден станува
Очите ти ги пројадува
Тропотот близу ти нагазува
И велиш: Зарем јас сега?

Гледаш повторно се очудуваш
На печурките во шумата чудна
Тропотот пред нос ти е
И велиш: Штотуку нѐ прегазија

Гледаш времето не минува
А дренот расцветува
Тропотот си замина
И велиш: Чуму ли е слободата?

пак пак мрак

сенките се сплеткуваат
ко тревки на полјана
жедни за зимскиот мраз
и сонувачите се гладни
по телата положени в земи
сенките се отплеткуваат
изникнуваат цветје од гробјето
и телата оживуваат
од мартовскиот мрак
пак
пак
мрак

Тагови од објавата
0 replies on “ПОЕЗИЈА (Избор)”