МАСЛИНА И МЛАДОСТ

Отворен прозорец
влегува никој
го остава шишето
полно со зеленикава
густа леплива содржина
река истекува
врз телото се лепи
да остане младо
да остане свежо
еликсир за кожата
оптегната врз ‘рбетот
врз кичмата
твојата зрела порака
врз телото осамено
да не го види
воздухот ноќен
влезен од прозорецот отворен
ноќ со ноќ облизен
и не виден од

Никој.

ОБОЕНИ НОЌИ

Таа доаѓа
така си доаѓа паѓа
нејзината гранка
во дворот изрован
кртови дупки длабоки
под обоените ноќи
влегуваат во мрачната одаја
гранките од маслини
плодови зрели наоколу
моето милениумско тело
ги создава во кожичка
цврста се дрочат
ќеркички сокриени во
обоените ноќи невидени од

Никој.

ЈАС РЕКАТА

И таа има бранови мали
што лесно се губат
во нејзиниот тек
И таа има длабоки места
што се на исто место
под неа вечни
и таа одминува
над нив во движење
и таа има брегови
долги по нејзиниот тек
ја следат бескрајно
и таа има свое море
до кое не може да стигнат
малите бранови
од длабоките места
во неа ставени
мојата кора натопена
во коренот незнаена од

Никој.

БЕЗВРЕМЕН

Поминувам влегувам
во твојата длабока јама
се местам внимателно
да не би да го сетиш
моето присуство
ти во вечноста заробена
маслино дрво си само
години заборавени
во твојот засад
тој што те засади
е оној што никогаш
нема да се појави
безвремен или

Никој.

ГРАДИНАРОТ

Заборавен во твоите
векови неми
и тој нем
и тој петел
и тој воздух
и тој никој
сега само закани
ни пушта свирка
низ ветерот бара
свое место
градинарот ли
засадувачот ли
нè предупредува
маслината шиба
со засеци нежни
од нив врз нас тече
крв и масло
во гајот од маслини нема

Никој.

МОЛБА ДО МАСЛИНАТА

Овозможи ми го минатото
ти можеш да го сториш
тоа за мене макар и
да не сум сосема своја
додека тоа го барам
од тебе макар и да
можеш ти тоа да
го сториш за мене
а знаеш дека не сум
сосема своја очекувам
да ми го оствариш
минатото да ѕирнам во него
дали сум таму
овозможи ми го минатото

Ти го овозможувам минатото
ти не си таму
таму е

Никој.

ПРЕПЛИВУВАЊЕ

Кога таа го преплива Ла Манш
во еден минат век
девојките не го правеа тоа
но кога таа го преплива
Ла Манш
а брановите стануваа
сè поголеми и поголеми
ветровите сè посилни и посилни
студот го совладуваше телото
здивот се губеше наоколу
во телото длабоко се
создаваше новиот здив
брегот се оддалечуваше ненадејно
а требаше да се доплива
до него.

Тој замислен брег
уште во соништата
крај езерото
оттаму дојде тој здив
тој порив да се стигне
на другата страна
од Ла Манш
тогаш девојките рекоа
сè е возможно
ако езерото спие во тебе
и додека спие во тебе
Ла Манш е во сонот
на езерото во твојот кревет.

Маслината воздивна
моите векови
моите милениуми
стеблото мое во
младоста на девојките
да не би да ги сотре

Никоj.

Од „Маслина и младост“, издание на „Макавеј“ 2025
Циклус: Еликсир и младост

Тагови од објавата
0 replies on “ПОЕЗИЈА”