Кога и да влезам во нечија куќа или пак работна просторија или пак викендичка прво што гледам дали има книги во тој простор.Потем следува мојата заинтересираност кои книги , колку книги и каде ги има сместено книгите , дали фатиле прав или се гледа дека домаќинот ги користи.Секако дека ги почитувам оние кои имаат строго професионални книги од областа со која се занимаваат , нормално , тука книгата е една од основните алатки .Така е и кај мене во канцеларија, доминираат книги од правен карактер.
Но, многу повеќе ме интересира општата библиотека на домаќинот , која многу говори за неговата заинтересираност.
( Овде воопшто не расправам за домови каде нема книги или пак има во намештајот неколку комплета дебело укоричени книги од популарни автори, како на времето кога во многу куќи домаќинките се фалеа со комплетите на Мир-Јам, денеска пак кога веднаш ги покажуваат грото од книгите на Коелјо или Браун ).
Книгите се азно непроценливо , оти го хранат духот .Најповеќе ме интересираат оние библиотеки каде можеш да се изгубиш не само од разновидноста на темите што се предмет на обработка во тие книги , туку и да нема престан разговорот со домаќинот кој е исто книгољубец .Книгите го одаваат домаќинот , говорат за неговата длабочина во мислата , но и за неговите слабости ( да речеме кон психологијата или пак историјата ).Книгата е љубов која не се мери со гест или дарување на предмет , книгата е како и жената ( љубовта ) – таа бара внимание , бара да и се посветиш со целото свое битие, да ја чистиш прашината од неа со време , да ги исправаш страниците , понекогаш да ги однесеш на посебни мајстори да ја сменат корицата или да ги стегнат страниците кои веќе паѓаат.Книгата бара да ја класифицираш по семејна припадност и ред ( книги на ист автор, книги од ист тип или форма литература или од иста сфера) , понекогаш и сам да паднеш во замка која ја критикуваш , ама сепак да наредиш неколку книги по боја на корица или висина и должина .
Многу често ме интересирало кои книги стојат на масата како нужност , кои книги се актуелни ( во мигот се работи на нив ) , а кои книги се тука како помош за дообјаснување на основната што е предмет на анализа ( работа во мигот ).Исто ме интересирале стари фотографии на мајстори на зборот кои не се веќе во животот , фотографии од нивни работни маси во смисла која книга ја има таму.
Кога сум имал прилика сум разгледувал по канцеларии на моите професори за време на студии или соработници на татко ми или пак сестра ми по неколку институти или факултети , со време и во канцеларии на мои пријатели и другари кои биле во академските институции.Мошне ми било интересно да истражувам ( условно речено ) по библиотеките ( или пак она што ми било дозволено да видам ) по куќите на моите познати што се бавеле со поезија, проза или пак друг вид на книжевност.Ова исто важи и за куќите на неколку професионалци од сферата на филозофијата и социологијата.
Неретко сум бил внесен во разгледувањето на тие книги и во разговорот со домаќинот што ќе заборавев на времето , па ќе му речеше домаќинката на домаќинот : „ Овој гостинов се вљуби во нашите книги , да вечераме ако сакате …“ Тогаш ќе се сепнев и извинувајќи се ќе тргнев кон излезот .Но, сепак ќе замолев со себе да понесам барем една книга , која потем ќе ја вратев.Не знам , таа книга како да ми беше некој доказ дека ете денот не ми поминал само во разгледување, дека од тоа азно и јас нешто сум понел.Жал ми е што во животот немав прилика да одам во куќата на Еко и да ја видам со очиве неговата библиотека од над 50.000 книги за кои самиот рекол : „ Глупост е да се верува во тоа дека секоја купена книга треба да се прочита.“ И самиот денес во библиотеката имам многу книги што сум ги купувал ( некогаш и по два или три пати истата во различни временски интервали ) , а сé уште не ги имам асално прочитано .
Книгата , таа беше мојот свет цел живот, најверен другар , којшто никогаш не ме изневери, секогаш ме чекаше таму каде сум ја оставил , сé уште напамет знам каде се книгите од тој автор или специфична поддисциплина во библиотеката во домот на татко , во домот наш со сопругата или пак во канцеларија.Книгата дотаму ме интересирала што сум проучил од кога тоа човекот почнал да се занимава со читање па сé до тоа од кога почнува историјатот на книгата.Овде не мислам само на класична книга од типот на печатени страници од хартија обвиени со тврди корици, мислам и на текстовите на таблети од печена глина или на овчја кожа или на камења и карпи , па сé до текстови на мобилен телефон или компјутери , лaптоп и електронски таблети.
Интересот за книгите можеби бил основниот покренувач на мојата мала активност во изминативе 6 децении живот и сам да се обидам аматерски нешто да напишам и објавам како книга.Можеби и затоа „Книгољубецот “ не е случајно одбран наслов на првообјавената моја книга.
На крај на ова кратко забележување ќе го повторам одделот за книгата во песната за смислата на животот на стариот кинески поет и мислител Јуан Меи : „ Книгата е и за лето и за зима , и кога врне надвор и кога студи. Таа е тука и те чека да ја земеш в рака.“
ЗАБЕЛЕШКА : Текстот е дел од новата книга на авторот со наслов „ЧУМУ ЖИВЕАМ – Белешките на еден дневносонувач “ која моментно се наоѓа во печат во Скопје
Автор: ЕРОЛ ТУФАН
