КАКО СЕ ГРАДИ КУЌИЧКА ЗА СЕДУМ НАЏУЏИЊА
(за сликовницата „Куќучката на 7те наџуџиња“ од Ана Голејшка Џикова, со илустрации на Иванка НиБа)
По едицијата „Светулка“ на издавачката куќа „Светулка нова“, почнува да лета и новата едиција „Буба мара“ (како ново бубаче што ќе носи многу среќа и нови приказни во нашите животи). Во неа првиот лет го прави приказната „Куќичката на 7те наџуџиња“ од Ана Голејшка Џикова и со илустрации на Иванка НиБа. Навистина, што е буба марата? Бубаче или мудро детенце? Да не сме заборавиле дека можеме да му пееме на буба марчето: „Летај, летај, буба маро, донеси ни гости!“?
Па така и јас уште кога ја зедов оваа најнова сликовница веднаш почнав да му пеам на буба марчето да ми го донесе и најновото гостинче во моето/нашето семјство – а тоа е бебето што го чекавме да почне да плаче и да ни кажува дека нека нè сака… И ми/ни го донесе на 10 април 2025.
А, најголеми виновнички за оваа најнова сликовница се Ана Голејшка Џикова која ја смисли приказната „Куќичката и 7те наџуџиња“ со игриви зборови и Иванка НиБа која така убаво ја доизмисли со многу бои и откачени илустрации. Секоја со своите алатки ја направи оваа магична сликовница-буба мара! Ана Голејшка Џикова ја знаеме и од порано. Таа постојано нешто си чкрта и запишува. А ја знаеме и Иванка НиБа. И таа постојано нешто си чкрта и обојува. Ана Голејшка Џикова пред неколку години ни го подари волшебното тесто во сликовницата „Лепчето што расте“ и тоа не било какво тесто, туку она што расте и тоа не само заради квасецот, туку расте и од/заради љубовта, тесто од кое потоа се раѓаат многу лепчиња, и други златни печива, гевречиња, кифли и меки кроасани. Потоа нè учи и нè научи што е тоа емпатија. На децата ништо не им значи овој збор, ама сфаќаат дека лисичката преубаво постапува која, кога открива дека ѝ го нема торбулето со конци и волница, решава од својата опашка да извлече конци и да направи шалови и капи со ѕвонци за сите да ги топли во долгата и студена зима (во сликовницата „Лисичката плетачка“ со исцртани шапки и шалчиња од Иванка НиБа која како да нè носи во светот на модата). И така децата читајќи ги овие сликовници на Ана Голејшка Џикова и радувајќи им се на веселите цртежи на Иванка НиБа се научија да се радуваат и на лепчето што расте, зашто само така може да се нахранат сите деца, и сити и гладни, и да пораснат, но и на лисичката што знае да плете и да ги топли срцата, и мали и големи.
Ама, на Ана Голејшка Џикова сега нешто друго ѝ фркна. Да изгради куќичка и во неа да смести, не три, не ни пет, туку седум наџуџиња! А Иванка НиБа тоа што на Ана ѝ фркна го дофркна со откачено нацртаните седум наџуџиња.
Секоја куќичка е еден безбеден и топол простор. Куќичката нè штити од ветер, од дожд, од пресилно сонце, од лоши луѓе, ама и од лоши мисли. Но ова не е куќичката на трите прасиња, ниту куќичката на седумте јариња! Па каква е таа куќа што може да прими дури 7 наџуџиња? Голема ли е? Мала ли е? Очигледно е многу волшебна… Зошто Ана Голејшка Џикова сместува токму седум и тоа наџуџиња во оваа куќа? Што се овие наџуџиња? И по што се тие необични или можеби чудни или сосема посебни и различни и меѓу себе и од останатите и наџуџиња и џуџиња и дечиња?
Првото наџуџе знае да јава планети. Јас би му дала име Планетојавач. (Имаат ли планетите самар? А узди?)
Второт наџуџе е многу вешто во поправање на камиони и може да го викаме Камионопоправач (А нели е премногу мало за така тешки, големи камиони?)
Третото наџуџе толку убаво плете волнени шапки и тоа за планетите (оние планети што знае да ги јава првото наџуџе) и може да го викаме Шапкоплетач. (А како тоа потоа тие исплетени шапки им ги натнува на планетите?)
Четвртото наџуџе знае толку убаво да ги вдоми полжавите и тоа би го викале Полжавовдомувач. (Како тоа вдомува полжави, кога самите полжави си го носат со себе својот дом? Нели имаат куќички?)
А петтото наџуџе е вистински мајстор за правење банички и тоа со праз, затоа нека се вика Баничкомесач. (А зошто знае да меси само банички со праз?)
Шестото наџуџе е виртуоз и свири толку добро што никој не може да остане рамнодушен, ама свири на чешел и убаво би му прилегало името Чешелосвирач. (Па нели чешелот е за чешлање коса? Или за чешлање на гривата на коњот?)
А седмото наџуџе имам претчувство дека е она што го шуткаат како најмало или најглупаво или … Ама тоа се покажува ептен го бива за повеќе работи и докажува дека знае повеќе вештини, па така ми наликува и на мал учител, и на интересен писател, и на изумител, но најмногу ми е вистински мал фантазер или голем сонувач…
А што тоа може навистина да направи?
На преубавата куќичка, на нејзините ѕидови седмото наџуџе ќе открие некои необични цртежи. Слични како оние што секое дете сака да ги црта, пишува, бои по белите ѕидови особено по ѕидовите на својата детска соба, и тоа тајно, скришно, без да го видат мама и тато, за да не му кажат, за да не го прекорат: „Леле си го исчкртал/а ѕидот, а сега варосувавме!?!?“.
Па така, станува јасно дека седмото наџуџе за да ги разбере оние чкртки-мртки оставени на ѕидовите на куќичката (можеби од некое претходно наџуџе или дете), тоа мора да знае и да црта, и да пишува, и да чита, и да создава приказни и песни… И така секој еден може да му даде свое име. Но, пред тоа треба да ја прочита „Куќичката на 7те наџуџиња“.
Најнова сликовница на Ана Голејшка Џикова и Иванка Нива како вистинска буба мара чека да слета на секоја детска рака, за потоа да слета и на полица со другите сликовници и книги од секоја детска соба… И да му открие некоја тајна на секое дете. И така да донесе и среќа!
