Рускиот наслов на овој роман е „Одбраната на Лужин“; се однесува на шаховска одбрана која е измислена од мојот јунак, велемајсторот Лужин. Почнав да ја пишувам книгава пролетта 1929 година, во Ле-Булу, местенце на Источните Пиринеи, каде што ловев пеперуги – и ја завршив истата година во Берлин. Сосем јасно ја помнам стрмната карпа помеѓу ридовите обраснати со зеленика, каде за првпат ми се појави основната тема.
„Одбраната на Лужин“, под псевдонимот „В. Сирин“, беше објавена во руското емигрантско списание „Современные записки“ (Современи записи) во Париз и набрзо потоа излезе како посебна книга за руската издавачка куќа „Слово“ (Берлин, 1930 г.). Броширана – 234 стр., со димензии 21 на 14 см – во матно црна корица со златен фонт на насловот, сега оваа книга претставува реткост и, можеби, ќе стане уште поголема реткост во блиска иднина.
Кутриот Лужин мораше да чека триесет и пет години за изданието на англиски јазик. Вистина, имаше некакви ветувачки навестувања кон крајот на триесеттите години, кога еден американски издавач изрази интерес, но испадна дека им припаѓа на оние издавачи кои мечтаат да им бидат машки музи на авторите што ги објавуваат, па неговиот предлог да го заменам шахот со музика, а Лужин да го претворам во полуден виолинист, веднаш ѝ стави крај на нашата краткотрајна соработка.
Препрочитувајќи го романов сега, одново разигрувајќи ги потезите на неговата фабула, се чувствувам како што се чувствувал Андерсен кога со нежност се присетувал како ги жртвувал двата топа во партијата со несреќниот и благороден Кизерицки – кој е осуден одново и одново да ја дава таа жртва во бескрајните шаховски прирачници. Не беше лесно да се напише оваа книга, но ми причинуваше огромно задоволство да користам теми, слики и положби за да воведам судбинска предодреденост во животот на Лужин и да им придадам на описите на градината, на патувањата, на низата секојдневни настани црти од некаква интригантно-загадочна игра – а во крајните поглавја да се појави вистински шаховски напад кој ќе го наруши душевното здравје на мојот кутар јунак.
Патем – за да им заштедам време и сили на посветените рецензенти и, воопшто, на сите оние кои читајќи, мрдаат со усните, и од кои не треба да се очекува дека би се занимавале со роман во кој нема дијалози и за кој може да се информираме уште во предговорот – би сакал да им посочам на првото појавување, уште во единаесеттото поглавје, на мотивот со стакло со мат боја (поврзано со самоубиството или, попрво, со обратен мат, поставен на самиот себеси од страна на Лужин); или на тоа како трогателно мојот намуртен велемајстор се присетува на своите патувања по професионална потреба: не во вид на разнобојни етикети на багажот или во вид на дијапозитив на волшебните светилки туку во вид на плочки во разните бањи и нужници – како, на пример, оној под составен од бели и сини квадрати каде, од височината својот трон, Лужин го наоѓа и го проверува замислениот продолжеток на започнатата шаховска партија; или раздразнувачки асиметричната шара во која три различни бои во цик-цак – како движењето на коњот во шахот – наместа го прекинува неутралниот тон на правилно обоениот линолеум кој се протега помеѓу нашиот роденовски „Мислител“ и вратата; или крупните блескаво црни и жолти правоаголници со линија „h“ кои се мачно отсечени со вертикалната цевка за топла вода во окер боја; или оној раскошен нужник, со прекрасен мермерен мозаик, во кој ги препозна нејасните, но сосем зачувани црти на истата позиција над која, потпрен со подбрадокот на тупаницата, размислуваше една ноќ пред многу години. Но шаховските слики кои ги вклучив во книгава не различни само во посебни сцени; нивната поврзаност може да биде разгледувана и во основната структура на овој симпатичен роман. Па така, кон крајот на четвртото поглавје, вршам непредвидлив потег кон аголот на таблата и веќе во следниот пасус се поминати шеснаесет години, а Лужин, сега одеднаш зрел и доволно истрошен господин, пренесен во германско одморалиште, ни е прикажан како седи на градинарско столче и како со бастунот покажува кон прозорецот што го запомнил (тоа нема да биде последниот стаклен квадрат во неговиот живот), обраќајќи се некому (судејќи по чантата на железната масичка, станува збор за дама) кој ќе го сретнеме дури во шестото поглавје. Темата на навраќање во минатото, започната во четвртото поглавје, сега незабележливо ќе премине во слика на покојниот татко на Лужин, кому му посветуваме внимание во петтото поглавје во кое тој се присетува на зората на шаховската кариера на синот, стилизирајќи ја во умот, со цел од неа да произведе чувствителна повест за младоста. Во шестото поглавје одново се враќаме во Кургауз и го начекуваме Лужин како сè уште си поигрува со дамската чанта, обраќајќи ѝ се на истата соговорничка која сега веќе добива појасни црти, му ја позема чантата, спомнува за смртта на Лужин постариот и станува појасна учесничка во целата слика. Целата последователна низа потези во овие три централни поглавја потсетува – или би требала да потсетува – на еден познат тип шаховска задача каде што не станува збор за тоа само да се зададе мат во одреден број потези туку за тоа дека преку т.н. „ретроградна анализа“, во која од решавачот на задачата се бара да докаже, преку обратен дијаграм, дека последниот потег на црните фигури не може да биде рокада или дека мора да биде земање на белиот пион „во од“.
Нема потреба да се расприкажам во предговоров за сложеноста на моите шаховски фигури и линии на развој на играта. Но, треба да се каже следново: од сите мои книги, напишани на руски јазик, „Одбраната на Лужин“ содржи и емитува најмногу „топлина“ – што може да се покаже како чудно, ако се има предвид до кој степен шаховската игра се смета за апстрактна. На еден или на друг начин Лужин ќе им се допадне дури и на они кои не го сакаат шахот или не ги сакаат моите други книги. Тој е несмасен, груб, непривлечен, но – како што веднаш ќе забележи мојата мила госпоѓица (која е прекрасна сама по себе) – во него има нешто што се извишува над сивата непрефинетост на неговиот надворешен облик и над бесплодноста на неговиот загадочен гениј.
Во предговорите што во последно време ги пишував за изданијата на моите руски романи на англиски јазик (претстојат и нови) си зададов правило да кажам збор-два и за виенската делегација. И овој предговор нема да биде исклучок од тоа. На специјалистите по психоанализа и на нивните пациенти, се надевам, ќе им се допаднат некои од деталите на лекувањето на кое ќе биде подложен Лужин по своето нервно заболување (како, на пример, намерното навестување дека шахистот во својата кралица ја гледа својата шаховска мајка, а во кралот на противникот – својот татко); малолетниот фројдист кој ќе ја бара смислата на романот, се разбира, на сличен начин ќе ги поврзува ликовите од книгава со моите родители, со моите љубени, со мене и со моите варијанти на самиот себеси, врз основа на површните познавања што тој ќе ги има за мене. За радост на таквите, ќе признам дека на Лужин му ги дадов мојата вистинска француска гувернантка, мојот вистински џебен шах, мојата кротка нарав и семката од праската што ја скинав во мојата бавча, оградена со ѕид.
В. НАБОКОВ
Монтре,
15 дек. 1963
[1] Романот „Одбраната на Лужин“ во англиски превод беше издаден во 1964 г. во Њујорк и во Лондон, под краткиот наслов „The Defence“ со овој предговор кој авторот во 1967 г. го преведе на руски јазик за француското издание на книгата.
[2] Се мисли на т.н. „Бесмртна партија“ која била одиграна на 21 јуни 1851 г. во Лондон меѓу Адолф Андерсен и Лионел Кизерицки. Партијата е позната по тоа што Андерсен, кој играл со белите фигури, жртвувал бројни фигури за потоа да дојде до победа. (заб. на прев.)
Превод: Ѓорѓи Крстевски
